Сведокот, Митрашин Глишиќ, пред Вишиот суд во Белград, изјави дека цивилите киднапирани од воз, на железничката станица Штрпци, во февруари 1993 година, биле тепани во училиште во селото Прелово, во кое тој работел.
„Тие (српските борци) ги тепаа сите што се бунеа … Имаше момче во бела кошула, него најмногу го тепаа“, сведочеше Глишиќ.
Според обвинението, Гојко Лукиќ, Љубиша и Душко Васиљeвиќ, Јован Липовац и Драгана Ѓекиќ, учествувале во убиството на 20 патници, цивили од несрпска националност, кои претходно ги киднапирале на железничката станица Штрпи, од воз што сообраќал на релација Белград-Бар.
По киднапирањето, патниците биле однесени во училиштето во Прелево, каде биле физички нападнати, а потоа во изгорена куќа во селото Мушиќи, каде биле погубени.
Липовац бил припадник на Војската на Република Српска (ВРС), а останатите припадници на паравоената единица „Одмаздници“, предводена од Милан Лукиќ, кого Хашкиот трибунал, во 2012 година, го осуди на доживотен затвор, за воени злосторства во Вишеград, но не и за убиствата во Штрпци.
Глишиќ, кој во тоа време бил помошник готвач во училиштето во Прелово, нагласи дека во училиштето ги видел сите петмина обвинети и дека сите учествувале во тепањето на патниците.
Адвокатите на одбраната ја доведоа во прашање веродостојноста на Глишиќ како сведок, велејќи дека обвинителот ја подготвил неговата изјава. Еден од нив сугерираше судот да наложи лекарски преглед на сведокот.
За киднапирањата и убиствата во Штрпци, пред Судот на БиХ во Сараево, им се суди на уште 10 поранешни припадници на силите на босанските Срби.
Досега, за ова злосторство, се осудени само две лица – Небојша Ранисављевиќ, кој беше осуден на 15 години затвор во Црна Гора и Миќо Јовичиќ, кој доби 5 години затвор, откако се изјасни за виновен пред Судот на БиХ.