Црногорскиот Парламент го разреши министерот за правда, човекови и малцински права, Владимир Лепосавиќ, откако министерот изрази сомнеж во пресудите на меѓународните судови, кои ги класифицираат масакрите во Сребреница, извршени од силите на босанските Срби во 1995 година, како геноцид.
Неговата смена беше поддржана од 43 пратеници од опозицијата и од владејачката коалиција, Црно на бело. Другите два владејачки блока, За иднината на Црна Гора, и Мирот е наша нација, не гласаа за смена на Лепосавиќ.
Тој, пред пратениците изјави дека му е жал доколку неговата изјава ги повредила и ги поделила луѓето.
„Ги повикувам сите граѓани, особено христијаните и муслиманите, да соработуваат, да разговараат и да ги уважуваат злосторствата, извршени врз нивните народи. Во претходната изјава, реков дека ми е жал што мојот несмасен одговор ги повреди луѓето“, нагласи Лепосавиќ во средата. „Јас ја плаќам цената, но владата ќе опстане“, додаде тој.
На 5 април, премиерот, Здравко Кривокапиќ, предложи смена на Лепосавиќ, со образложение дека министерот не покажал почит кон пресудите на меѓународните судови и кон политиката што ја спроведува неговата влада.
Просрпскиот политичар Лепосавиќ, на 29-ти март изјави дека Хашкиот трибунал, кој ги класифицираше масакрите во Сребреница како геноцид, нема легитимитет.
Тој рече дека причината за ваквата негова позиција е тоа што Трибуналот ги уништил доказите за наводната трговија со органи на српски цивили во Косово. Министерот подоцна истакна дека не го негирал геноцидот во Сребреница, но дека генерално го искажал својот став за Хашкиот трибунал.
За време на парламентарната седница, Кривокапиќ истакна дека Црна Гора треба да одлучи дали ќе биде европска и демократска земја, или земја која постојано ќе ги чувствува последиците од конфликтот во 90-тите.
Од друга страна, просрпскиот Демократски фронт (ДФ), предупреди дека смената на министерот ќе ја загрози иднината на коалициската влада.
„Ако … со ДПС го смените Лепосавиќ, вие веќе не сте премиер“, нагласи во Парламентот еден од лидерите на ДФ, Милан Кнежевиќ.
Вчера, црногорските пратеници усвоија и резолуција за признавање на геноцидот во Сребреница, што ја предложија опозициските партии. Со Резолуцијата, поддржана од 55 опозициски пратеници и од пратениците на двата владејачки блока, Мирот е наша нација и Црно на бело, се забранува јавното негирање на геноцидот во Сребреница и се повикуваат државните институции да ги истражат и гонат воените злосторства.
Најголемиот блок од владејачкото мнозинство, За иднината на Црна Гора, гласаше против резолуцијата, нарекувајќи ја провокација насочена кон Србите во оваа земја.
Вториот блок во владејачкото мнозинство, Мирот е наша нација, гласаше за резолуцијата, откако претходно беа усвоени неговите амандмани со кои се повикува на осуда на сите воени злосторства извршени во поранешна Југославија, при што се отфрла секој обид, поголемиот дел од одговорноста за ваквите злосторства, да им се припише на Србите, Бошњаците или на Хрватите.
Во 2009 година, црногорското Собрание усвои декларација за прифаќање на резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница. Со декларацијата, 11 јули во Црна Гора, беше прогласен за Ден на сеќавање на жртвите од масакрот.
Но, иако декларацијата ги осудува злосторствата, како и другите злосторства извршени за време на конфликтот во поранешна Југославија, зборот геноцид во неа не се спомнува.