Интервјуа

Софиски искуства: Хуманото градење ќе го наметнат самите купувачи

Интервју со Љубо Георгиев, бугарски експерт за урбан развој

Доаѓа денот кога на градежните инвеститори веќе нема да им се исплатува да стуткуваат што повеќе станови во што помал градски простор на штета на јавните површини, зеленилото, инфраструктурата и паркирањето, но додека да се случи тоа, една генерација купувачи на станови ќе „изгори“.

Ова е искуството од Софија, главниот град на Бугарија, што во интервју за БИРН го споделува Љубо Георгиев, доскорешен директор на градското планерско претпријатие „Софијаплан“, а сега независен експерт за урбан развој.

Георгиев беше во Скопје во ист ден со владината делегација од Бугарија, но тој, заедно со колегата Калојан Карамитов, допатува на покана на здружението Зелен хуман град, на конференција за урбаното планирање.

Така, додека владите на Македонија и на Бугарија бараа и сѐ уште бараат точки на доближување и на разделување меѓу двете земји (неделава средбите на високо ниво продолжија во Софија), активистите за хуман урбан развој најдоа многу паралели во развојот на нивните престолнини – Скопје и Софија.

Во двата града, бројот на жители пораснал за трипати меѓу 1945 и 1990 година. Бидејќи биле метрополи во социјалистички земји, тој раст се менаџирал со градење големи станбени блокови со многу простор и зеленило меѓу нив. По 1990-та, продолжиле да растат, но овојпат растот го диктирале интересите да се максимизира изградената површина заради профит. Така никнале нови квартови во Софија и се трансформирале повеќе делови на Скопје.

Според Георгиев, во Софија, полека се надминува праксата бизнис-интересите да го имаат приматот пред јавниот интерес во урбаното планирање. Едни од тие што ја носат промената, пак, се самите инвеститори на нови згради.

„Можеби бизнис-интересот, сѐ уште, победува, ама ако пред 10 или 20 години, најважното за еден бизнисмен беше да направи максимален профит, сега инвеститорите сфаќаат дека е важно каква е и средината во која се градат зградите, за да можат да продадат повеќе и по повисоки цени. Затоа се подготвени и самите да помогнат да се подобри таа средина“, вели софискиот урбанист.

Како што растела свеста на купувачите, така човековата околина сѐ повеќе станувала елемент на пазарот, не само квадратните метри и распоредот на собите во станот. Во тие услови, бизнисот нема многу избор, освен да се приближи повеќе кон јавниот интерес.

Загубена генерација

Љубо Георгиев, урбанистички експерт од Софија | Фото: БИРН

Слично како и луѓето во Скопје, и тие во Софија го сфатиле значењето на околината на потешкиот начин. Во многу четврти се граделе згради една до друга, како на пример во јужните квартови, во подножјето на планината Витоша. На почетокот биле атрактивни за вселување, но постепено новите жители се соочиле со проблемите.

„Има многу квартови поради кои се создаде лоша репутација за новоградбите. Луѓето што се населија таму формираа иницијативни комитети и организираа протести. Тие купиле нови станови и очекувале да имаат елементарни услови за живот, соодветна улица, зеленило, парк, а немаат ништо од тоа“, додава Георгиев.

Софискиот планер објаснува дека лошиот квалитет на животната средина придонел да се намали интересот за новите квартови, па се променила свеста кај инвеститорите и сега тие, барем посериозните компании, сфатиле дека е во нивни интерес, не само да градат, туку и да создаваат похумани услови за живот.

Така почнале да се приближуваат јавниот интерес и бизнис-интересот, кои, според него, не мора да бидат спротивставени и може да се развиваат заедно.

„Целта е да се најдат решенија што функционираат и за бизнисот, бидејќи мора да се заработува, но резултатот од тоа да не биде само инвестиција. Резултатот да биде град. А градот не е едноставен збир од имоти и од квадратни метри“, нагласува Георгиев.

Иницијативни одбори поради последиците од прекумерната и несоодветна урбанизација почнаа да се формираат и во Скопје. Со една таква неформална група, градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски договори да се изгради нов паркинг кај Мајчин дом, откако таму се влоши состојбата со паркирањето по изградбата на нова зграда врз булеварското зеленило.

План за секое маало

Новоградби покрај Цариградскиот пат во Софија | Фото: БИРН

Георгиев и неговиот колега Карамитов, пред публиката во Советот на Град Скопје, објаснуваа како со користењето и анализирањето податоци се прават подобри визии за иднината на градовите. Во изготвувањето на Визијата за Софија 2050 (стратешки документ за градот), го користеле концептот на т.н. градоустројствени единици за пресметување на квалитетот на животната средина.

Една таква единица е практично едно маало, или место што може да се помине пеш за неколку минути. Слично како во т.н. концепт на 15-минутен град што се применува во Париз, се пресметувало што сѐ има во една единица – простор за рекреација и за одмор, училиште, градинка, здравствени услуги, места за набавки, работни места итн.

Еден од проблемите што не ги одмина и двата града е враќањето земјиште со денационализација. На тој начин, многу парчиња зеленило меѓу блоковите во старите населби од 1970-тите им биле вратени на сопствениците и нови објекти се изградиле врз блоковското зеленило. Со тоа, повторно, приватните интереси се ставиле над принципите за хумано урбано планирање.

„Кога нешто немате во вашата единица, макар тоа било детско игралиште, треба да патувате до соседната за да го најдете. Тоа обично значи влегување во автомобил и зголемување на сообраќајот. Колку повеќе потреби не можете да задоволите во сопствената единица, и колку има повеќе несоодветно испланирани единици, толку е поголем притисокот во сообраќајот и на другата инфраструктура. Со тоа се влошува квалитетот на животот, не само на тие што живеат во несоодветно испланираниот простор, туку и на другите“, смета Георгиев.

Затоа, според него, локалните власти не треба да седат со скрстени раце и да чекаат пазарот да го реши проблемот со несоодветното урбано планирање, како што се случило во Софија, во последните години, туку и тие треба да наметнуваат решенија и да го штитат јавниот интерес.

Населби во ливади

Еден од над 400-те паркови и градини во бугарската престолнина | Фото: БИРН

Во Софија и натаму има голем притисок за градење. Нови станови купуваат и луѓето од други градови, но и жителите на Софија што живеат во старите блокови од социјалистичкото време, кои просторно се добро уредени, но квалитетот на самите згради е опаднат поради дотраеноста. Цената на квадратниот метар расте, бидејќи луѓето го сметаат вложувањето во недвижности за добра инвестиција, поисплатлива отколку чувањето на заштедата во банка.

Со толкава побарувачка, како бугарската престолнина остана еден од најзелените градови на Балканот, со над 400 паркови и градини? Така што потребата од нови станови се решаваше на периферијата, а не во центарот, како што притиска македонската градежна индустрија, која своевремено се жалеше дека е пред пропаѓање затоа што две скопски општини делумно го запреле градењето на своите подрачја. За разлика од Софија, во Скопје периферијата во изминатите 20 години беше оставена за стихијна градба – поединци на диво градеа куќи и ги лепеа на градската инфраструктура.

„Еден од новите квартови во Софија се вика Манастирски ливади затоа што до пред некоја година тоа беа ливади каде што пасеа крави. Тоа е загуба на зеленило, но барем не се уништува некој парк“, смета Георгиев.