Анализи

Солени отпремнини за директори што се предвремено разрешени

Пеналите за раскинатите менаџерски договори ги плаќаат граѓаните

Власта ги поставува. Кога опозицијата ќе дојде на власт ги разрешува. Некои и предвреме, па си поставува свои. На крајот, „пеналите“ за предвременото разрешување директори ги плаќаат граѓаните.

Директорите тужат, а судовите најчесто пресудуваат да се обесштетат со илјадници евра. Потписот на менаџерските договори со акционерските друштва во државна сопственост и со јавните претпријатија осигурува отпремнина за предвремен прекин на ангажманот.

Покрај основната плата, ваквите менаџерски договори, кои во пракса се разгледувале на затворени владини седници, предвидуваат и награда за постигнатите резултати преку учество во добивката на друштвото или награда за посебно доверени задачи.

БИРН анализираше какви „отпремнини“ им плаќаме на отповиканите директори и на членовите на управните одбори.

Жолто знаменце од ревизорите

Државниот завод за ревизија констатира одлив на пари за менаџерски „отпремнини“ | Фото-aрхива: БИРН

Во Македонија има 29 акционерски друштва и јавни претпријатија во државна сопственост. Со овие друштва и јавни претпријатија раководат менаџери, кои се избираат за период од четири години.

А владата нема проблем во еден ден на седница да разреши и да именува десетици членови на управни и надзорни одбори. Така, на 147 седница во 2019 година биле именувани 35 членови на управни и надзорни одбори и две препораки до овие одбори за именување директори.

И додека речиси никогаш јавно не се дискутира колку тие се успешни, јавна тајна е дека со стапувањето на функцијата потпишуваат договор, кој гарантира обесштетување ако директорите бидат „разрешени“ порано.

Овој „финансиски пакет“, односно „отпремнина“ може да биде минимум три, а максимум 12 месечни плати, зависно од тоа колку време биле на функцијата.

Државниот завод за ревизија токму тука детектира сериозни одливи на пари.

Таков е случајот со двајца поранешни членови на Управниот одбор на МЕПСО, кои се најдоа во најновиот ревизорски извештај за ова акционерско друштво во државна сопственост.

Ревизорите најдоа кабает во компанијата и препорачаа внимателност во трошењето, бидејќи значителна сума пари се одлева поради предвремено раскинати менаџерски договори, или 37 илјади евра само во 2021 година.

Од МЕПСО реагираа дека не се единствено акционерско друштво во државна сопственост што исплаќа ваква отпремнина. Така било и со сите други вакви акционерски друштва.

Аргументите на ревизорите во извештајот се јасни – МЕПСО врши дејност од јавен интерес, па „потребно е да се преиспита потребата од предвидување право на отпремнина во менаџерските договори“.

Ваква отпремнина, како што напишаа самите, се исплаќа „единствено кај надоместоците од работен однос при заминување во пензија“.

БИРН, по трагите на тоа што исплаќаат акционерските друштва и јавните претпријатија, најде пресуда во која поранешен член на управниот одбор на МЕПСО ја тужел компанијата и барал над 15 илјади евра обесштетување. Причината била токму таа – предвремено раскинатиот договор.

Но, судот го одбил затоа што некогашниот член на управниот одбор бил осуден на условна казна за примање поткуп. Тоа бил еден од условите во договорот, поради кој не му следува отпремнина.

Тоа не било случај со друга членка на Управниот одбор на МЕПСО, која била предвремено разрешена. Во 2019 година тужела и добила 16 и пол илјади евра отпремнина. За судот немало влијание тоа што МЕПСО појаснувал дека за неа се води постапка пред Финансиската полиција зашто работела спротивно од интересите на друштвото.

„Тоа не може да влијае за донесување поинаква одлука“, пишува во пресудата.

Од инспекторска во менаџерска фотелја

Владата лани му препорача на УО на „Водостопанство“ смена на директорот | Фото: БИРН

„Шалтањето“ на функционерите од едно на друго место е препознатлива кадровска „акробатика“, па така дури ни нечие разрешување не е причина, некој функционер повторно да биде именуван за директор, и тоа на акционерско друштво во државна сопственост зад кој стои менаџерски договор.

Таков пример е кичевецот Локман Лимани. Нему владата му понуди две различни директорски фотелји. Првата во 2018 година, кога беше кадар на Беса, именуван за в.д., а потоа за директор на Државниот градежен инспекторат. Но, во 2020 година владата го разреши.

Неговото име повторно се најде на владина седница во јануари лани, кога владата го избра за член на одборот директори на АД „Водостопанство на РСМ“. Овојпат како кадар на Алтернатива. Лимани потоа беше избран и за главен и извршен директор.

Осум месеци подоцна, односно во септември лани, името на Лимани уште еднаш се најде на владина седница. Сега како предлог за разрешување. Владата му препорача на Управниот одбор на Водостопанство да го раскине менаџерскиот договор со него, како и сите други менаџерски договори. Предложи да се склучат нови, со претходна согласност од Министерството за финансии.

Покрај тоа, владата им предложи на членовите на Управниот одбор да го преполоват надоместокот за членство за следните 12 месеци за 50 проценти.

Сево ова се случи откако претходно вработените во Водостопанство излегоа на протест да си ги бараат неисплатените плати.

За шест месеци оттогаш следуваше партиска „перестројка“ и реконструкција на владата. Во неа, Алтернатива, од која дојде Лимани, излезе од владината коалиција.

Но, тој уште е директор на Водостопанство.

Скапи функционерски смени

Освен отпремнините се досудуваат и судски трошоци | Фото: БИРН

Доверливо. Под оваа ознака во март 2015 година, Фондот за здравствено осигурување склучил менаџерски договор со Сашо Стефановски од ВМРО-ДПМНЕ за ангажирање како директор. Претходно на таа функција го именувала владата.

Стефановски со Фондот требало да директорува четири години, односно до март 2019.

Но, во 2017 година се случи промена на власта, па тој беше отповикан од функцијата. На негово место дојде Ден Дончев од ВМРО-Народна, која беше дел од Коалицијата предводена од СДСМ.

Предвременото раскинување на договорот беше и причината поради која Стефановски побарал Фондот да му исплати 12 бруто плати. Го тужел Фондот дека го прекршил членот 17 од склучениот менаџерски договор, кој пропишува обесштетување.

Тоа право може да се ускрати само доколку директорот сторил кривично дело утврдено со правосилна судска пресуда, што не било случај.

Во првостепената пресуда, судот одлучил дека Фондот на Стефановски треба да му исплати вкупно 21 илјада евра, односно 12 месеци по 110 илјади денари бруто плата. Поранешниот директор, според пресудата, бил разрешен по 28 месеци, односно пред да му истече договорот.

Освен овие пари, судот го задолжил Фондот да му плати и речиси 3.700 евра трошоци за судската постапка.

Сличен е случајот и со Драган Димески од партијата ПОДЕМ, кој бил избран за директор за информатичка технологија и член на Управниот одбор на АД Пошта на Северна Македонија, со договор што бил потпишан во 2016, а требало да важи четири години. Но, веќе следната 2017 година, без образложение надзорниот одбор одлучил да го отповика за член.

Димески ја тужел Пошта на Северна Македонија за истата причина, како и Стефановски. Во пресудата пишува дека „без образложение тужителот се отповикува од член на Управен одбор и директор за маркетинг и продажба“.

Граѓанскиот суд во Скопје му досудил 11 илјади евра и уште 1.500 евра судски трошоци.

Во депото од судски пресуди, вакви примери има и за поранешен директор на Акционерско друштво за издавање деловен простор под закуп Градски трговски центар. Судот му определил 36.800 евра и речиси 2.000 евра судски трошоци.

Камата за задоцнето плаќање

Има пример, во кој отповикан менаџер не се задоволил само со отпремнината што му била исплатена. Барал да му се исплатат и камати за задоцнето плаќање.

Виктор Стевковски бил член на Управниот одбор на Пошта. Нему, како и на останатите функционери, поради предвремено раскинатиот договор судот му досудил речиси 11 илјади евра како обесштетување.

Откако Пошта му ги исплатила парите со задоцнување, Стевковски ја тужел за неисплатена камата за задоцнето плаќање. Сепак, Апелација оценила дека тоа не е предвидено во менаџерскиот договор.

Затворени владини седници и најава за ревизија

Во година со загуби договорено менаџерско осигурување од 45 илјади евра | Фото: БИРН

Не е првпат ревизорите да детектираат спорни менаџерски договори.

Тоа е така ако се погледнат и минатите извештаи што тие ги изготвуваат.

Таков е извештајот на ревизорите за АД Пошти од 2020 година, во кој пишува дека, иако Пошта во годината кога е правена ревизијата имала загуби од 10 милиони евра, за седуммина директори било склучено менаџерско осигурување од 45.000 евра. 

А за тоа владата дала согласност на затворена седница уште во 2016 година. Впрочем и анализата на БИРН на судските пресуди покажа дека одобрувањето на овие менаџерски договори е на затворени владини седници.

Засега на темава има само најава на премиерот Димитар Ковачевски дека ќе прави ревизија на менаџерските договори, но во делот на висината на платите.

Како што рече самиот, „ако ги погледнете и менаџерските договори на директори на јавни претпријатија што прават загуби со години и на членови на управни одбори, ќе видите поголеми плати од двајца министри заедно“.