Вести

Сообраќајниот хаос на Клинички чини животи

Лекарите сведочат дека имало случаи пациент да почине во возилото додека тоа да се пробие низ сообраќајниот хаос

Паркирани возила, едно до друго, дел заглавени на среде улица, а помеѓу по некое возило за итна помош кое не може да помине и да го донесе пациентот до клиниката. Ова е секојдневната слика на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, каде граѓаните како прв проблем гледаат да го решат паркирањето, а дури потоа причината зошто се дојдени таму. Редици од возила ја блокираат и улицата „Водњанска“ кои чекаат ред за влез, а најдебелиот крај го влечат докторите и пациентите кои носат итен случај до одредена клиника. Се случувало непристапноста до болницата да се плати со човечки живот.

На видеото што ни го испратија наши читатели може да се види како едно возило на итна помош превезува тешко болно дете до Клиниката за детски болести, но возилото не може да стигне до Клиниката затоа што паркирани возила му го попречуваат патот.

Вакви случаи има безброј, велат лекари за БИРН. Лекарите сведочат дека имало случаи пациент да почине во возилото додека тоа да се пробие низ сообраќајниот хаос.

БИРН во ноември минатата година испрати прашања до ЈП Градски паркинг, за да добиеме одговор колку пари се влеваат во ова претпријатие само од наплатените билети за паркирање. Од одговорот што го добивме, произлегува дека во 2016 година ЈП Градски паркинг инкасирало над 473 илјади евра само од наплатени билети, а од јануари до октомври 2017 година, околу 378 илјади евра.

Ова значи дека во случај секое возило да се задржало по еден час на Клиниката, кој чини 25 денари, дневно таму се паркираат над 3 илјади возила.

„Понекогаш, ако треба да носиме пациент на снимање, тоа го правиме пешки и на минусни температури, бидејќи ако тргнеме со комбе на друга клиника, ќе ни треба и половина час. Клиниките меѓу себе не се поврзани, па најчесто го ставаме пациентот во количка и одиме пешки, затоа што состојбата на болниот може да се влоши ако тргнеме со комбе и заглавиме во сообраќајниот хаос“, вели доктор од една од клиниките за БИРН.

Паркирано возило го блокира влезот за итна помош

Отворањето нов Клинички центар долго време беше најавувано. Минатата година тогашниот министер за здравство Никола Тодоров даде рок за изградба на нив Клинички центар до 2021 година, а беше распишан и меѓународен тендер во кој не беше вклучена изградба на две катни гаражи, иако беа ветувани.

До крајот на февруари ќе се знае какво решение за проблемите на Клинички ќе усвои Владата

Претходно, имаше два неуспешни обиди за воспоставување на јавно – приватно партнерство за изградба на две катни гаражи во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, во 2013 и во 2014 година.

Денеска, од Владата дадоа нови надежи за изградба на нов Клинички центар, но многу прашања останаа неодговорени. На брифингот со новинарите портпаролот на Владата Миле Бошњаковски информираше дека до крајот на февруари, Владата ќе донесе одлука која е најдобрата опција за изградба на Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје и дека тоа е еден од клучните приоритети. 

Заглавени возила на Клиничкиот центар во Скопје | Фото: БИРН

Инвестицијата, според Владата, ќе чини 120 милиони евра од кои 70 милиони евра се кредит од Банката на Советот на Европа, а останатите од Буџетот. Рокот на изградба на новиот објект е три и пол години и година и пол за реконструкција на постојната зграда на хируршките клиники.

„Во новиот објект ќе бидат инкорпорирани 21 клиника, а на постојните локации ќе останат Клиниката за детски болести, Кардиологија, Инфективната клиника и Клиниката за максилофацијална хирургија“, истакна Бошњаковски.

Неизвесно е која ќе биде локацијата на новиот Клинички центар и како би функционирале клиниките физички одвоени една од друга, особено кога ќе бидат потребни конзилијарни прегледи

Сепак, неизвесно останува која ќе биде локацијата на новиот Клинички центар и како би функционирале клиниките физички одвоени една од друга, особено кога ќе бидат потребни конзилијарни прегледи. Ова особено важи за Детската клиника кога често се потребни дополнителни прегледи од хирурзи за тешки хоспитализирани пациенти или пак дополнителни консултации со интернисти.

Освен тоа, ако Детската клиника се одвои од останатите, неизвесно останува како ќе се спроведува итно префлање на болни деца од Детската на Хируршките клиники за итни операции. Отворено останува и прашањето како пациентите од неврохирургија ќе се префрлуваат на детската клиника на интензивна нега, бидејќи неврохирургија не располага со опрема и персонал за третман на овие пациенти.

Портпаролот на Владата Бошњаковски без конкретни детали на денешниот прес рече дека во игра се три опции за решавањето на проблемите кои се натрупани на Клиничкиот центар и дека ќе се избере најповолната.