Вести

Законот за референдум одложен, измените нејасни

Министерството за правда најавува дополнителни објаснувања кога ќе продолжи постапката | Фото: БИРН

Шпекулациите во јавноста ја предомислија Владата. Откако утрово се појави информација дека се подготвуваат измени на Законот за референдум и други облици на непосредно граѓанско изјаснување, се појавија сомневања дека тоа се прави поради референдумот што е најавено да се одржи ако се постигне договор за спорот за името меѓу властите во Македонија и Грција. Сомнежите ги подгреа и фактот дека во последниов период се засилија активностите на владите од двете земји за наоѓање решение, а нови средби и разговори се најавени и за утре (состанок меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас) и за периодот што следува.

Измените беа само кратко време поставени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), а потоа беа отстранети. Од Министерството за правда најавија дека ќе ја запрат процедурата за да не му се наштети на процесот за наоѓање решение за спорот за името, иако категорично тврдат дека измените немаат никаква врска со него.

Министерството тврди дека измените се заради техничко усогласување на законот со Изборниот законик и со Законот за судовите. Во соопштението испратено до медиумите се вели дека Законот за референдум бил донесен во септември 2015, а Изборниот законик во март 2016 година, па затоа требало да се усогласат членовите 1, 2, 3 и 4.

„Во предложените измени на член 1, член 2, член 3 и член 4 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните се врши усогласување на истиот со Изборниот законик. Изборниот законик е објавен на 31 март 2006 година и истиот влезе во сила со денот на објавување во Службен весник. Со денот на објавување на Изборниот законик престанаа да важат Законот за избор на претседател  на РМ, Законот за избор на пратеници во Собранието на РМ, Законот за локалните избори , Законот за избирачки список, Законот за избирачките места  и Законот за изборните единици  за избор на пратеници во Собранието на РМ“, пишува во соопштението.

Во законот, пак, пишува дека овие четири члена содржат општи одредби. Во првиот пишува дека со овој закон се уредува начинот и постапката за распишување референдум. Во вториот се дава дефиниција што е референдум, во третиот се дефинира што е граѓанска иницијатива, а во четвртиот што е собир на граѓани.

Во соопштението од министерството се додава дека со предложените измени во членот 5 и 6 се врши усогласување на овој закон со Законот за судовите, бидејќи од мај 2006 година покрај постојните судови бил воведен Управниот суд, кој презел дел надлежности од Врховниот суд. Во членот 5 од Законот за референдум пишува дека за спроведување на референдумот не се плаќа такса, а во членот 6 стои дека референдум може да се распише за целата држава или за одредена општина. Никаде не се споменува ниту еден суд.

Од Министерството сепак не дадоа дополнителни објаснувања.

„Засега ова е единствената информација. Кога ќе продолжи постапката, сигурно ќе има и дополнителни објаснувања“, изјави портпаролот Бесим Шаќири.