Пишува: Вања Ѓуриќ / Белград
Поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Душан Михајловиќ, во вторникот пред Специјалниот суд во Белград, изјави дека сопругата на Ќурувија, Бранка Прпа, го открила идентитетот на убиецот – Лука Пејовиќ, член на Единицата за специјални операции на Министерството за внатрешни работи на Србија.
„На крајот на мојот мандат (како министер за внатрешни работи) во 2003 година, ме повика еден мој пријател, историчар од Институтот за современа историја, и ми рече дека Бранка Прпа сака да разговара со мене и оти има нови информации (за случајот Ќурувија)“ рече Михајловиќ.
Посочи дека Прпа предходно не кажала точно што видела во времето на убиството на Ќурувија на 11 април 1999 година, бидејќи се плашела за својот живот и затоа што не ѝ верувала на полицијата.
„Рече дека лицето кое пукало во нејзиниот пријател (Ќурувија) не било маскирано, дека јасно го видела неговото лице и оти може да го препознае лицето. Што се случи со оваа информација подоцна, јас не знам“, рече поранешниот министер.
Пејовиќ беше убиен во декември 2000 година во Белград.
На судењето сведочеше и Боро Бањац, поранешен началник на Управата за борба против организираниот криминал. Тој рече дека против Пејовиќ не била поднесена кривична пријава, бидејќи обвинителот сметал оти немаат доволно докази, а Прпа била само 75 отсто сигурна оти Пејовиќ е убиецот.
„Да имавме 100 проценти препознавање, ќе поднесевме пријава“, рече Бањац.
Додаде дека не знае што се случило после тоа со предметната документација.
Бранителката на обвинетите, адвокатот Зора Добричанин-Никодиновиќ, изјави дека не постои официјален документ со сведочењето на Прпа во врска со наводниот убиец.
„Меѓу доказите немаме документ за препознавањето на Бранка Прпа“, изјави таа за новинарите.
Ќурувија беше убиен во грб со 17 истрели, пред зградата каде што живееше во Белград, убиство за кое неговото семејство и поранешните колеги веруваат дека било мотивирано од опозицискиот став на новинарот кон режимот на Слободан Милошевиќ.
Според обвинението, „непознато лице“ го наредило убиството, Радомир Марковиќ, поранешен началник на ДБ го поддржал злосторството, додека тројца припадници на ДБ, Ратко Ромиќ, Милан Радоњиќ и Мирослав Курак, учествувале во организацијата и извршувањето на убиството.
Обвинителството тврди дека Курак бил директен извршител, а Ромиќ негов соучесник.
Тројцата обвинети изјавија дека не се виновни, додека обвинетиот Курак е во бегство и нему му се суди во отсуство.
Марковиќ моментно отслужува казна од 40 години затвор за убиство на поранешниот српски претседател Иван Стамболиќ и за други кривични дела, а Ромиќ и Радоњиќ минатиот септември беа ослободени од обвинението за обид за убиство на Вук Драшковиќ, лидер на опозициска партија, во 2000 година.
Михајловиќ ќе продолжи со сведочењето во среда.