Три со три

Сотировски: Државата да биде доследна, а верските заедници да ги почитуваат законите

Интервју со Даријан Сотировски, поранешен директор на Комисијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи

Двете најголеми верски заедници МПЦ-ОА и ИВЗ, со години не поднесуваат завршни сметки, а државата не ги контролира, ниту ги санкционира.

Поранешниот директор на Комисијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, во разговор за БИРН, за ваквата ситуација одговорност гледа и кај законодавната власт. Таа, како што коментира Сотировски, во минатото често носела избрзани законски решенија без да ги консултира МПЦ-ОА и ИВЗ и без да процени дали тие решенија се применливи во реалноста.

Сотировски, кој до лани шест години раководеше со институцијата што треба да биде мост меѓу државата и верските заедници, како пример за такво менување на правилата ги потенцира Законот за даноците на имот и Законот за данок на добивка.

Законот за данок на имот досега е менуван трипати, а Законот за данок на добивка двапати. Во двата случаи се менуваат обврските што верските заедници ги имаат кон државата, а поради неинклузивниот процес, тие биле збунети и имале „многу неодговорени прашања“ за тоа како треба да постапуваат.

За Сотировски е нелогично и тоа што верските заедници треба да водат сметководство како непрофитните организации затоа што имаат многу повеќе имот, вработени, поинаква и погломазна организациска структура.

БИРН: Како поранешен директор на Комисијата за односи меѓу верските заедници, како го коментирате односот на МПЦ-ОА и ИВЗ кон државните обврски и обратно, на државата кон нив, земајќи предвид дека никогаш не биле санкционирани?

Сотировски: Државата и верските субјекти развиваат многуслоен и динамичен однос, при кој во многу точки и често знае да се јави недоволна усогласеност. Мислам дека не треба да ја квалификуваме едната или другата страна, туку многу поважно е да се фокусираме на тоа кои се причините за таквата ситуација и каде потенцијално може да се бараат решенија.

Во цели региони во земјава имаме широка појава на одбегнување на плаќање данок или фискализација од физички и правни лица, а институциите тоа немо го набљудуваат, исто како што сведочиме и за неумеењето на државата да издејствува комплексни субјекти како МПЦ-ОА и ИВЗ беспоговорно да ги почитуваат законите.

Од друга страна, вина може да се гледа и во верските субјекти исто како што ја има и кој било даночен обврзник што не постапува согласно словото на законот. Сепак, конструктивен пристап е фокусот да биде на начините на ефикасно сообразување со законската рамка.

БИРН: Неодамна споменавте дека додека сте биле на чело на комисијата сте имале средби и обиди за регулирање на овие прашања. Дури мислам дека споменавте дека имало некаков драфт-закон. Што се предвидуваше со него?

Сотировски: Најпрво да напоменам дека делот на даноците е работна област на други институции што гравитираат околу ресорот финансии. Сепак, свесен за состојбата во текот на 2020 година свикав и одржавме две средби со поглаварите на црквите и верските заедници од кои произлегоа конкретни предлози за унапредување на законската рамка.

Конструктивно се поставија верските субјекти и интенцијата беше да го сообразат своето дејствување со она што го предвидуваат законите, но дека истовремено имаа низа прашања како да се постигне тоа, а да не се прекршат и нивните внатрешни правила, поставеност и особено да се разбере комплексноста на верските субјекти и организациската различност со другите правни лица.

Верските заедници имаа многу нејасни и неодговорени прашања.

Затоа кога државата наметнува обврска на еден даночен обврзник, многу е важно да се носи закон во инклузивен процес и тој да не трпи чести промени, при кои се усвојуваат дијаметрално спротивни решенија, инаку доаѓаме до состојба кога законот е мртво слово на хартија.

Решение може да се бара во неколку правци. Едно е со соодветни законски измени и усогласување јасна рамка сочинета од обврски на верските заедници, како даночни обврзници и даночни ослободувања.

Во таа смисла гледам добра можност и во измените на Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група, кој во нацрт-форма го имав доставено до Министерството за правда. Со него би се дала можност верскиот субјект да одлучи да даде правен субјективитет на организациски составен дел, какви што се епархиите, а со тоа сметам дека би се зголемила функционалноста и ефективноста зашто ќе се дисперзира одговорноста за завршните сметки.

Истовремено ќе се овозможи верскиот субјект и централизирано да изработува еден вид консолидирана завршна сметка. Во друга насока може да се размислува и за интервенции во подзаконските акти, па да се приближат по форма извештаите со оние што секако се изработуваат и усвојуваат внатре во телата и органите на верските субјекти.

Најважно за мене е да се оди кон подобрување на регулацијата, односно кон овозможување пат што е многу полесен, поразбирлив, попредвидлив и да се почитуваат позитивно правните одредби.

БИРН: Од друга страна, факт е дека верските заедници во различни земји се различно регулирани и имаат некаков повластен статус. Кој, според вас, е најдобриот модел?

Сотировски: Ние имаме еден многу ригиден однос кон верските субјекти, во смисла на тоа колку ги поддржуваме и државата прилично настрана стои од проблемите на верските субјекти.

Ние имаме одредена бројка на свештеници, кои да речам се доведуваат и во егзистенцијални проблеми. Понекогаш тие немаат социјално осигурување платено години наназад. Секоја парохија не може да му овозможи плата на свештеникот, иселувањето на граѓаните во странство, како еден аспект на проблемот, создаде парохии во државата каде што свештеникот е свештеник на празни куќи и чека да дојде лето да се направи некоја свадба од иселениците.

Така што приказните за големи џипови секогаш не се применливи.

Србија, Албанија, Бугарија и Грција имаат дотации на платите на свештениците, поддржуваат сериозни проекти и годишно трансферираат големи суми на финансиски средства во црквите и верските заедници, но ние имаме поинаков уставен поредок и секуларниот аспект поинаку го развиваме, што не значи дека е минус.

Во таа смисла, ние не треба да наметнуваме обврски што не се можни да ги остварат верските субјекти и да креираме амбиент за почитување на законот. Притоа особено е значајно да развиваме модели како државата може да ги поддржи онаму каде што се преклопува интересот на верскиот субјект со јавниот интерес и со интересот на државата.

Да илустрирам со пример, да речеме подобрување и инвестиции во противпожарната заштита во манастирите, кои се и објекти од културно значење, бидејќи сведоци сме дека неколку беа уништени во пожари, зашто јавен интерес е да го штитиме нашето културно добро.

Секогаш не значи дека државата и верските субјекти треба да се гледаат преку нишан, за да се постигне нешто, државата мора да биде доследна и постојана, а верските субјекти да возвратат со почитување на законите и вршење на својата дејност, која е општополезна.