Актуелно

Спасовски со контра-афера, нови детали за „Фабрика за афери“

Дваесет и две лица, од кои најмногу од албанската Општина Пустец, незаконски добиле македонски лични карти пред локалните избори во 2013 и со тоа им било овозможено да гласаат, објави денеска министерот за внатрешни работи од редовите на СДСМ, Оливер Спасовски. Премиерот Груевски пак тврди „опозицијата го проби дното“.

Спасовски отвори старо-нова афера со личните карти за гласачите од Пустец / ФОТО: МИА

Спасовски отвори старо-нова афера со личните карти за гласачите од Пустец / ФОТО: МИА

„Ова е причината зошто власта е нервозна и измислува конструкции за опозицијата во последните неколку дена. МВРО-МВР на Гордана Јанкулоска нелегално издавало лични карти и со нив можело да се гласа“, изјави Спасовски осврнувајќи се на скандалот „Фабрика за афери“ во кој медиумите блиски до власта го поврзуваат со пронајдената лабораторија за фалсификувани лични карти и со тројцата осомничени.

Спасовски случајот ќе го пријави до Специјалното јавно обвинителство бидејќи за овој случај имаше индиции во прислушуваните разговори што ги објави претседателот на СДСМ Зоран Заев. Нема информација дали овие лица и гласале.

Јавноста знае дека СДСМ во 2013 година откри гласачи од Пустец на избирачкиот список во Општина Центар, регистрирани по десетици во еден стан. На денот на гласањето новинарите ги прашуваа овие гласачи каде живеат и најголем дел од нив не знаеа да кажат.

Министерот на денешната прес-конференција објасни дека во последниве неколку недели по случаен избор ги истражувал лицата за кои постоело сомнеж дека не живеат на адресите коишто им се запишани на избирачкиот список. Тој извади листа од 22 лица од избирачкиот список кои добиле лични карти без да поднесат решение за живеалиште, документ кој потврдува дека живеат или изнајмуваат стан во конкретна општина. Во решенијата немало ниту имотен лист, ниту пак договор за закуп на стан. Сите 22-ца биле запишани како гласачи и жители во Општина Центар.

Од овие луѓе едно лице не поседувало лична карта, а сепак го има на избирачкиот список и можело да гласа.

На новинарско прашање дали контактирал со осомничените во скандалот „Фабрика за афери“, Спасовски изјави дека „немало таква работа“, а истиот одговор го даде и кога го прашаа дали би дал оставка доколку тоа подоцна се докаже.

Сепак, медиумите блиски до власта попладнево објавија дека претседателот на СДСМ Зоран Заев му се јавил на телефон на еден од осомничените во „Фабрика на афери“ во моментот додека полицијата ги апсела и дека тие контактирале и со министерот Спасовски.

Премиерот Никола Груевски, пак, денеска писмено побара „Фабриката за афери“ да се истражи до крај и сите виновници да одговараат, а во несекојдневното писмено обраќање за аферата ја обвини СДСМ.

„Нашиот народ не го заслужил ова. Некој се обидува да ја киднапира државата и ја држи во заложништво и нашето трпение се ближи кон крајот. Ако до пред некој ден мислевме дека опозицијата го допрела дното, сега е дефинитивно дека го пробија и дното“, смета Груевски.

Министерот Спасовски нема информации дали процесот на нелегално издавање лични карти за жителите на Пустец има било каква врска со аферата која ја буткаат провладините медиуми за тројцата фалсификатори на лични карти кои меѓу другото поседувале и 10.000 прислушувани разговори на функционери.

Има ли време за прочистување на избирачкиот список?

Конфронтацијата со афери, прес конференции, десетици соопштенија и вонредни изјави неминовно го отвораат прашањето дали е воопшто можно прочистувањето на избирачкиот список во овој рок, но и во оваа зовриена атмосфера во која партиите што треба да преговараат и да ги усоггласат ставовите практично се обвинуваат за фалсификати, подметнувања и криминали.

Во исчекување на посетата на еврокомесарот Јоханес Хан на почетокот од јануари, нема конкретни информации дали и кога ќе продолжат преговорите од кои, меѓу другото, и зависи успешното прочистување на избирачкиот список.

Тоа, според Договорот од Пржино, е во надлежност на новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК), кој беше формиран мината недела по преговорите меѓу четирите најголеми партии во Домот на пратениците.

Новиот состав на ДИК во наредниот период треба да набави софистициран софтвер за таканаречена дедупликација, односно компјутерска програма која открива дали некоја фотографија или отисок се повторува во базите од кои се црпат информациите за избирачкиот список.

Се очекува партиите да се договорот избирачкиот список да биде целосно достапен на страницата на ДИК, а не како сега парцијално, односно во моментов можете да проверите дали некој е на списокот само доколку имате матичен број. По завршувањето на преговорите избирачкиот список би требало да биде јавен и да се гледаат имињата и презимињата на гласачите и нивната адреса.

Извори од преговорите од опозициска страна брифираат дека ова се прави со цел да бидат на увид не само гласачите од Пустец, ами и многу гласачи кои наводно биле запишувани во скопските општини, а потекнуваат од Неготино и од други градови.

„На многу адреси има додадено само по еден човек и тоа не се забележува лесно бидејќи додадениот гласач има македонско презиме, а не албанско како гласачите од Пустец“, велат дел од преговарачите.

Во наредниот период треба и да се изгласа и генералниот секретар на ДИК кој треба да состави методологија за теренска проверка на гласачите, а се очекува на гласачките ливчиња да се вметнат и фотографии од гласачите, како што е во Косово.