Регион

Специјализираното обвинителство повика на разговор пратеник на Собранието на Косово

Блерим Кучи. Фото: БИРН

Пратеникот на Алијансата за иднина на Косово, ААК, на Рамуш Харадинај, Блерим Кучи, изјави оти е последниот од високите припадници на Ослободителната војска на Косово, кои Специјализираното обвинителство, кое спроведува истраги за воените и повоените злосторства во Косово, ги повикало на разговор.

„Денес добив покана и налог да се појавам пред високиот обвинител на Специјализираното обвинителство во Хаг на 12 март 2019 година”, стои во соопштението што Кучи денеска им го проследи на косовските медиуми.

Во него се додава дека ќе ја „исполни обврската и ќе одговори на овој повик”.

Кучи истакнува дека е убеден оти обидот на т.н. специјален суд, да ја изедначи војната за слобода, со „ужасните злосторства” што Србија ги изврши во Косово, „ќе пропадне како и сите други досега”.

За време на војната, Кучи беше командант на ОВК во областа Сува Река.

Неговото име беше споменато во текот на судењето на Фатмир Лимај, поранешен командант на ОВК и повоен политичар, кој беше обвинет за злоупотреба и убиство на затвореници, во притворниот објект на ОВК во Клечка, во близина на Сува Река.

За време на судењето, беше кажано дека Лимај дал наредба, Кучи да биде убиен.

Кучи беше уапсен во април 2011 година, но подоцна беше ослободен условно, откако одби да разговара со судиите за случајот Лимај, за кого беше донесена одлука дека не е виновен.

Кучи, во 2007 година, како член на Демократската лига на Косово (ЛДК), беше министер за внатрешни работи.

Висок претставник на оваа партија остана до 2009 година, кога поднесе оставка како извршен шеф на партијата, поради спор околу раководството.

Една година подоцна тој премина во ААК на Харадинај и беше нејзин кандидат за градоначалник на Сува Река. Во изборната трка тој го освои градоначалничкиот мандат.

Задача на Специјализираното обвинителство на Косово, со седиште во Хаг, е да спроведе истраги за лицата осомничени за воени злосторства, извршени за време и непосредно по војната во Косово, од 1998 до 2000 година, кои вклучуваат убиства, киднапирања, незаконско апсење и сексуално насилство.

На оние кои ќе бидат обвинети, ќе им се суди пред Специјализираните совети, пред кои, според претпоставките, ќе се најдат и високи членови на ОВК.