Регион

Специјализираното обвинителство во Хаг „повика поранешен командант на ОВК“

Рустем Мустафа. Фото: ЕПА/Валдрин Џемај

Адвокатот на командантот на ОВК, Рустем Мустафа, познат како Реми, во четврток вечер објави дека Специјализираното обвинителство во Хаг, побарало, неговиот клиент на 14 јануари да даде исказ.

„Со овластување што ми го даде мојот клиент, Рустем Мустафа, известувам дека тој добил покана да се појави на 14 јануари пред канцеларијата на Специјалното обвинителство на Косово во Хаг. Ова е покана за давање на изјава“, напиша адвокатот на Мустафа, Арианит Коци, на својата Фејсбук страница.

„Мустафа е подготвен доброволно да се појави и е подготвен да ги објасни сите околности за коишто Специјалното обвинителство води истрага“, пишува Коци.

Од обвинителството одбија да ја потврдат објавата на адвокатот.

Портпаролот на обвинителството, Кристофер Бенет, за БИРН изјави дека „Специјализираното обвинителство не дава информации за статусот на истрагите, но оти има намера да обезбеди целосна истрага на сите наводи од извештајот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, кој беше напишан од швајцарскиот сенатор Дик Марти“.

Во извештајот на Марти, објавен во 2010 година, се вели дека некои високи членови на ОВК се одговорни за сериозни повреди на човековите права.

Судот во Приштина, во 2013 година, го осуди Мустафа, кој е и поранешен пратеник на Демократската партија на Косово, на четири години затвор, за мачење на воени затвореници во притворниот центар на ОВК во Лапаштица, за време на конфликтот со српските сили 1998-1999 година.

Неговите соборци, обвинети заедно со него, Латиф Гаши и Назиф Мехмети, исто така, поранешни команданти на ОВК, добија затворски казни во траење од шест и три години.

Апелацискиот суд ги потврди нивните пресуди. Сите тројца се познати како припадници на Лапската група на ОВК.

Специјализираниот совет и Специјализираното обвинителство на Косово, се дел од судскиот систем на Косово, со седиште во Хаг. Нивна задача е да спроведат истраги и да ги гонат осомничените за злосторства извршени за време и по војната 1998-2000 година во Косово.

Се очекува, пред овој таканаречен Специјален суд ,да бидат обвинети високи личности на ОВК, за наводни злосторства поврзани со убиства, киднапирања, незаконско апсење и сексуално насилство.