Регион

Спомен обележјето на семејството Јашари пропаѓа поради негрижа

Дие Морина, Дорунтина Балиу, Приштина

Споменикот на Адем Јашари во меморијалниот комплекс во Преказ. Архивска фотографија: ЕПА/Валдрин Џемај

Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, вети дека ќе бидат преземени неопходни мерки за да се заштити еден од најважните споменици од војната во Косово, подигнат во спомен на убиените членови на семејството на командантот на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Адем Јашари, бидејќи постои можност од негово руинирање поради неодржување.

„Секоја потребна акција ќе биде преземена во право време. Не постои пречка за наше чествување и за чествување на ова чесно и свето место“, рече Харадинај, кој го посети споменикот, како дел од активностите за одбележување на десетгодишнината од прогласувањето на независноста на Косово.

Спомен обележјето се наоѓа во селото Преказ, во општина Србице/Скендерај. На тоа место, од 5 до 7 март 1998 година, во напад на српските сили, биле убиени 59 лица, меѓу кои и жени и деца. Во нападот е убиен и Адем Јашари.

Состојбата во која се наоѓа ова спомен обележје, што предизвика загриженост и во јавноста, беше тема на дискусија и на минатонеделната седница на Собранието на Косово.

Иницијатор на петицијата за заштита на спомен обележјето е Јусуф Тачи, кој во четвртокот рече дека Владата мора да реагира веднаш, за да се спречи негово натамошно уништување.

„Куќите треба да имаат чувари 24 часа, бидејќи секој може да влезе таму, да уништи нешто намерно или да земе некој сувенир или нешто друго”, рече Тачи во телевизиската емисија на БИРН Косово „Животот во Косово”.

„Не постојат надзорни камери, нема кров (над семејната куќа на Јашари), а скелето е оштетено и постои опасност од негово уривање”, додаде тој.

Посетители во меморијалниот комплекс во Преказ. Архивска фотографија: ЕПА/Валдрин Џемај

Директорот на Агенцијата за управување со меморијалните центри, Идриз Блакај, ги отфрли тврдењата на Тачи. Тој изјави дека неговата иницијатива ја „води некој друг“.

Блакај додаде дека Тачи не бил надлежен да зборува за состојбата на меморијалниот комплекс.

Но, Енвер Хоти, член на партијата НИСМА (Иницијатива за Косово), партија која е дел од владејачката коалиција, побара оставка на Блакај.

„Во најмала рака, треба да пронајдете морална сила да поднесете оставка и да признаете дека не можете да се справите со ова прашање“, изјави Хоти.

Тој смета дека меморијалниот комплекс е во „навистина лоша“ состојба и дека институциите не водат грижа за него.

Но, од друга страна, тој истакна дека во рок од една недела ќе „се видат конкретните акции на Владата, која сигурно ќе донесе одлука и ќе ги преземе неопходните чекори, за да се излезе од оваа ситуација“.

Артефактите што останаа по битката што се одржа во летото 1998 година, се чуваат во музеј кој се наоѓа во рамките на меморијалниот комплекс посветен на семејството Јашари. На ѕидовите на куќата на ова семејство, но и во самите простории, и денес се видливи знаците на борба.

Тука се наоѓа пиштолот на Јашари, детски играчки и разни други мали предмети.