Репортажи

Спорен ДУП претвори тивко маало во бетонски кањон

Осум години се гради според план изгласан без мнозинство

Звукот на циркуларната пила продира низ тесниот простор. Набргу ѝ се придружува чеканот, па хилтата, па мешалката за бетон, а багерот непрекинато се слуша како заднински звук.

За минувачите, непријатниот концерт трае неколку минути. Но, за жителите на населбата Капиштец, на улицата Козара и на околните помали улички, овој недиригиран оркестар свири секој ден, по цел ден, веќе осум години.

А сѐ почна откако стапи во сила деталниот урбанистички план за т.н. градска четврт Ј07 на Општина Центар, изгласан во јули 2014 година. Тој ги опфаќа локалитетите Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара, и во дел од нив овозможи семејните куќи да се заменат со станбени згради од пет, шест или седум ката, плус поткровја.

Висококатници ги заменија малите куќи во маалото | Фото: БИРН

Сателитските снимки на Гугл покажуваат дека осум години се повеќе од доволно за инвеститорите да го видоизменат некогаш мирното маало во непосредна близина на центарот на градот, веднаш под Водно. Во круг со дијаметар од околу 300 метри веќе се направени триесетина згради, а има маркички за барем уште толку. Малите улички со куќи, дворови, градини и дрвја се претвораат во тесни кањони со бетонски карпи од по 20-25 метри од двете страни, низ кои сонцето продира само напладне.

Но, иако во приказните за скопското градење сме навикнале да ги слушаме оправдувањата дека „сѐ е според законот“, а на надлежните им се „врзани рацете“, овде работите не се толку чисти. Уставниот суд одлучи да прифати иницијатива, поднесена од локални жители, со кои се оспорува одлуката за усвојување на ДУП-от во 2014 година, бидејќи не била донесена со мнозинство гласови во Советот на Општина Центар. Од вкупно 23 советници, 11 гласале „за“, а еден бил „против“, па, сепак, планот влегол во сила. Со тоа, според иницијаторот, се прекршил Законот за локална самоуправа.

Планот познат и како „Плацови на Водно“

Сѐ помалубројните куќи се опкружени со ѕидови | Фото: БИРН

Планот за градската четврт Ј07 ги опфаќа и земјиштата што се дел од познатиот случај „Плацови на Водно“, во кој поранешниот премиер Никола Груевски беше првостепено осуден во отсуство на седум години затвор поради перење пари и противправно стекнување имот, а неколкумина други, меѓу кои неговиот поранешен кум Ристо Новачевски, бизнисменот Орце Камчев и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, исто така добија затворски казни.

Носењето на планот беше драматична епизода од работата на Советот на Центар по преземањето на власта од СДСМ и градоначалникот Андреј Жерновски во 2013 година. Тесното мнозинство во Советот од 12 советници на СДСМ наспроти 11 на ВМРО-ДПМНЕ првично го спречуваше носењето на урбанистичките решенија. Но, откако претседателот на Советот, Мирослав Шиповиќ, беше уапсен, па пуштен во 2014 година, неговото однесување се смени. Додека другите советници од СДСМ не учествуваа на расправата за овој и за други ДУП-ови, тој присуствуваше и гласал против. Со тоа обезбедуваше мнозинство за Советот да може да работи, а резултатот од 11 гласа наспроти 1 беше толкуван како одлука за усвојување на планот.

Сателитските снимки ги покажуваат големите промени | Илустрација: БИРН

Жерновски се обидел да го спречи планот, поднесувајќи предлог да се запре неговото објавување во општинскиот службен гласник. Во него тој посочил дека ДУП-от е изгласан спротивно на Законот за локална самоуправа, односно без мнозинство од сите советници, како и дека не е усогласен со Генералниот урбанистички план. Советот, со истиот сооднос на гласови (11 „за“ и 1 „против“), пак, одлучил планот да се објави.

„Како градоначалник имав право еднаш да го запрам објавувањето, а кога Советот по вторпат ја донесе одлуката, планот стапи во сила. Ми остана само да поднесам иницијатива до Уставниот суд, но тој се прогласи за ненадлежен“, рече Жерновски за БИРН.  

Одлуката со која се отфрла иницијативата на Жерновски во 2014 година стои на интернет-страницата на Уставниот суд, потпишана од поранешната претседателка на судот, Елена Гошева. Придружена е со долго образложение во кое се објаснува дека при подготовката на ДУП-от биле испочитувани сите законски чекори, од цртањето, преку јавните анкети, мислењата на разни институции итн. До него стои и издвоено мислење од тогашната уставна судијка Наташа Габер Дамјановска, во која таа укажува дека судот, иако требало, воопшто не се занимавал со тоа дали ДУП-от е изгласан во согласност со Законот за локална самоуправа и се држел само до тоа дали се исполнети одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Тивко стравување меѓу гласните градежни звуци

Зградите се градат во долги низи покрај тесните улици | Фото: БИРН

На плацовите на Водно, за кои се слушаше и во „бомбите“ што СДСМ ги објавуваше во текот на политичката криза во 2015 година, сѐ уште нема ништо изградено. Затоа, пак, подолу од нив, спорниот ДУП целосно го трансформираше просторот и ги направи неподносливи животите на многумина.

Во околината на улицата Козара, именувана по славната битка од Втората светска војна на југословенските партизани против окупациските сили, сѐ помалубројни се жителите што даваат отпор против нивниот сегашен „окупатор“ – градежниот бизнис. Тој уште одамна е во офанзива, па и на оваа Козара се чини извесна победата на „окупаторот“, слично како и на босанската планина во 1942 година.

Стравот е присутен низ сокаците во Капиштец. Не е видлив како бетонските ѕидови или гласен како градежните звуци, но се чувствува кај луѓето. Се обидовме да поразговараме со неколкумина што останале да живеат во куќи, но никој не сакаше да зборува јавно. Се жалат на притисоци, закани, дури и на физички напади поради различни обиди да го спречат градењето.

Сонцето сѐ потешко продира во новоизградениот Капиштец | Фото: БИРН

Надежта ја гледаат во новата иницијатива што Уставниот суд ја прифати и ќе ја разгледа во следниов период. Во неа ДУП-от повторно се оспорува поради истата причина – не бил донесен со мнозинство гласови во Советот.

„Немаме избор, мора некако да се бориме. Нарушени ни се основните услови за живот“, ни рече една од нив.

Откако судот сега формално изрази сомнеж во уставноста на одлуката за донесување на ДУП-от, на ред е да побара мислење од Општина Центар. Потоа ќе се подготви предлог за кој ќе се гласа на некоја од следните седници на судот.

Стариот и новиот изглед на населбата | Фото: БИРН

Постојат различни можности за тоа како ќе се развива овој случај, особено ако планот падне. Може да се запре градењето до кај што е стигнато сега и веќе да не се издаваат одобренија по овој ДУП, односно да се спаси тоа што останало, а можно е и да се наложи враќање во првобитната состојба, што би предизвикало тешки финансиски последици.

Тоа што не може да се врати се осумте години поминати во сардисување на семејните куќи во Капиштец со висококатници.