Извештај

Срам, стигма и сиромаштија: Како е да се има менструација во Македонија?

Најголеми проблеми во руралните средини, но стигма има и во урбаните центри

„Живеам во рурална средина и до пред неколку години во локалната продавница кога некој ќе купеше влошки ги замотуваа во весник, бидејќи било срамота да се во проѕирна најлонска кеса.“

Вака гласи едно од сведоштвата, во студија од 2021 година, со фокус на менструалната правда направена од граѓанското здружение за промоција на женската активност „Тиииит! Инк.“, во партнерство со истражувачката организација „Реактор“.

Потпирајќи се на одговорите на репрезентативен примерок од 307 средношколки ширум државата, студијата покажува загрижувачки податоци околу општествените табуа и условите во кои младите се справуваат со менструацијата.

Срамота е да се зборува за менструацијата јавно, но и дома. Стигмата е дури поболна за сиромашните, кои често не можат да си дозволат да купат соодветни менструални производи и мора да импровизираат со крпи, тоалетна хартија и со весници.

„Дополнително, одредени компании капитализираат на срамот и продаваат производи, како менструални торбички, кои многумина ги користат за да ги кријат своите влошки или тампони“, вели активистката Петра Чаргона од хрватската граѓанска организација ПаРитер на конференцијата.

Државата и локалните власти срамежливо ветуваат решенија, но никако да ги исполнат.

„Се заинтересиравме за оваа тема бидејќи опфаќа многу аспекти од живеењето: јавно здравје, репродуктивно и сексуално здравје, сексуално образование, креирање политики и работнички права“, изјави за БИРН, Јана Коцевска, извршната директорка на „Тиииит! Инк.“, околу мотивацијата да се организира конференцијата „Кршење на табуата: Менструална правда за сите!“.

„Дојде тетка ми од Швајцарија“

Илустрација: Pexels, Каролина Грабовска

Исмевани од соучениците. Криење на менструалните производи при одење во тоалет. Оваа тема е практично исклучена од школските програми, а за неа и ретко се зборува во кругот на семејството.

Студијата на „Тиииит! Инк.“ покажува дека табуата околу менструацијата се сè уште многу присутни во нашето општество. На пример, 48 проценти од ученичките велат дека биле воспитувани дека е срамота да се случи да „ти протече“ или да имаш дамки од менструација на облеката.

„Со верувањата дека менструацијата е срамна, валкана и ‘женска’, доаѓаме до фактот дека менструацијата и менструалните прашања се гледаат како прашања што можат да бидат одговорени само за оние во или близу урбаните средини“, вели Наталија Крстевска, проектна асистентка од „Период Скопје“, организација со фокус на менструалната правда.

Овој срам има посебно голем ефект врз младите кога првпат добиваат менструација, со тоа што повеќето го опишуваат ова искуство како негативно.

Повеќе од половина (58 проценти) одговориле дека биле збунети, 31 процент биле уплашени, а 14 проценти засрамени.

Поради овој срам, повеќето не зборуваат отворено на темата. Четириесет и четири проценти од испитаничките велат дека користеле кодни имиња, како „женски проблеми“, „црвенкапа“ или „дојде тетка ми од Швајцарија“.

„Првото мое искуство со потребата да си цензурурам зборовите или постапките беше на училиште, каде помеѓу моите врсници се одбегнуваа било какви разговори за репродуктивно здравје и телесни промени – вклучувајќи ја и менструацијата. Беше срамота да пропуштиш час по физичко бидејќи имаш менструални болки, многу често се бараше друга причина како оправдание кај наставникот или наставничката, а уште поголем проблем да побараш дозвола да одиш во тоалет за да промениш влошка“, изјави за БИРН Марта Чадиковска, координаторка на младинската програма во граѓанската организација ХЕРА.

Со цел да се подигне свеста, Елена Савеска, активистка од неформалната иницијатива „Мисли малце“, поставила плакати низ Тетово на македонски, албански и на ромски јазик со слоганот „Менструацијата е нормална и природна појава и нема потреба да се крие“.

„Дел од плакатите беа уништени, а на многу од нив беше пречкртан самиот збор ‘менструација’“, раскажува Савеска.

Освен што за менструацијата ретко се зборува во јавноста, таа често се прикрива и во рамките на домот од машките членови на семејството. За првата менструација мнозинството испитанички (89 проценти) разговарале со својата мајка/старателка, 15 проценти разговарале со другарка и 12 проценти со сестра.

Оваа родова димензија можеше да се забележи и на самата конференција, каде што речиси сите присутни беа жени.

Колку чини менструацијата?

Фото: Pexels, Каролина Грабовска

Бидејќи е веќе стигматизирана тема, ретко се зборува отворено за економските тешкотии поврзани со менструацијата, која претставува значителен трошок за многумина, а особено за посиромашните домаќинства. Менструалните производи, како влошки, тампони и чашки, чинат од 100 до 400 денари месечно.

Според студијата, секоја петта средношколка, барем еднаш во животот, се нашла во ситуација да нема пари да купи производи за менструална хигиена и да мора да импровизира со крпи, тоалетна хартија, весници или со нешто друго.

Трошоците се особено високи за семејствата каде што повеќето членови се во репродуктивен период. Менструалната сиромаштија има најголем ефект врз тие што се веќе сиромашни, односно невработените или тие што заработуваат минимална плата.

„Во руралните средини, многу жени се соочуваат со двоен срам поради менструацијата, но и поради сиромаштијата“, вели Емилија Ангелова, советничка во Советот на Град Скопје.

За некои, менструацијата, исто така, претставува многу болно искуство, со тоа што повеќе од половина од средношколките ја оценуваат менструалната болка како силна или многу силна.

Често се потребни лекарства за да се менаџира оваа болка, што претставува дополнителен трошок и ја зголемува менструалната сиромаштија. Речиси две третини (64 проценти) од испитаничките велат дека трошат до 300 денари месечно за да ги набават овие лекарства.

Исто така, повеќе од половина (57 проценти) од средношколките просечно пропуштаат еден ден од училишната настава поради менструални болки. А тие што работат, наидуваат на неразбирање и стигма, често користат денови од одмор наместо боледување за да се справат со болките.

Затоа, Коцевска потенцира дека „Тиииит! Инк.“ следно би сакале да се занимаваат со застапување околу оправдано отсуство од работа за тие што имаат големи менструални болки. Токму ваков закон се изгласа минатата недела во Шпанија.

„Кај нас работните места, каде што се бара физички ангажман, како на пример текстилните работнички, знаеме дека не им се дава да одат ни до тоалет , а не, пак, кога ќе имаат менструален циклус“, додаде Коцевска.

Сепак, државата и локалните власти имаат преземено многу малку по ова прашање.

Иако преку Советот на Град Скопје биле издвоени 2 милиони денари за менструални производи за средношколките во Скопје за 2022 година, при ребаланс на буџетот, тие средства биле пренаменети за други цели и проектот никогаш не бил реализиран.

Во 2023 година, пак, биле изгласани двојно повеќе средства, но сè уште не се случила јавна набавка за таа цел.

На 1 декември 2022 година, премиерот Димитар Ковачевски најави дека ќе се намали данокот на менструалните производи од 18 на 5 проценти, со што тие значајно би поевтиниле. Но, година и пол подоцна, сè уште не е донесена формална одлука за оваа идеја.

Младите активистки кршат табуа, а државата потфрла

Фото: Pexels, Клиф Бутх

Младите активистки водат работилници, донираат менструални производи и минатата недела, „Период Скопје“ беа коорганизатори на првата конференција за менструална сиромаштија во Македонија.

„[Јас и другите активистките од „Период“] забележавме вистински недостиг, кога станува збор за организации или групи што се борат за дестигматизација или менструална борба, па решивме дека ова е дефинитивно акција и цел кон која можеме да се посветиме“, објаснува Наталија Крстевска за БИРН.

Факултетското студентско собрание при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФСС-ФЕИТ), исто така, се заложило за решавање на овој проблем. Анастасија Марковска, претседателката на ова тело, објасни на конференцијата дека почнале проект преку кој факултетот би купувал менструални продукти за студентките преку одбрани локални дистрибутери.

Можеби најиновативно за оваа иницијатива е што колега од факултетот направил диспанзер за влошките со 3Д принтерот на ФЕИТ.

„Ја поврзавме науката со активизмот“, рече Марковска.

Од друга страна, државата и локалните власти се далеку побавни од младите активисти.

„Државата потфрла во многу аспекти, почнувајќи од фактот дека менструацијата и менструалното здравје не се споменува или се скокнува до целосна негрижа за инфраструктурата потребна за достоинствено менаџирање со менструацијата“, заклучи Крстевска.

Насловна фотографија: Pexels, Полина Ковалева.