Регион

Србија: Да запре молкот за албанските воени жртви од Косово

Протестна прошетка на активистите за човекови права, кон Собранието на Србија. Фото: БИРН

Невладините организации, Фонд за хуманитарно право, Младинска  иницијатива за човекови права и Жени во црно, одржаа протестна прошетка до зградата на Собранието на Србија, оддавајќи им на тој начин почит на Албанците од Косово, кои пред 20 години, за време на војната, беа убиени.

Основачот на Жени во црно, Сташа Зајовиќ, за медиумите изјави дека во изминатите четири години не е покренето ниту едно обвинение за злосторства над Албанците од Косово.

„Ние, исто така, сакаме со оваа акција, да им се обратиме на граѓаните на Србија – да се престане со молкот за овие злосторства, да инспирираме сочувство, емпатија и солидарност”, рече Зајовиќ.

Претставникот на Младинската иницијатива за човекови права, Марко Милосављевиќ, изјави дека доминантниот наратив во Србија, не ги вклучува невините жртви, Албанци, туку се фокусира само на српските.

„За ова (масовните гробници) не се зборува денес. Имаме 20 години молк за ова“, рече Милосављевиќ.

Околу 20 активисти поставија на плочникот во улицата „Кнез Михајлова“ долга бела хартија, на која беа напишани имињата на 744 албански жртви, чии останки беа откриени во Батајница, во 2001 година.

Тие симболично, хартијата прво ја прекрија со земја, а потоа ја исчистија и се упатија кон српското Собрание, носејќи транспарент на кој пишуваше: „Батајница 744 – закопана вистина”. Овој настан го обезбедуваше полицијата.

Посмртните останки на Албанците беа пронајдени во масовни гробници на четири локации во Србија.

Пронајдени беа 744 тела во центарот за обука на полицијата во Батајница, 61 во кампот за обука во Петрово Село, 84 во близина на езерото Перучац и 52 во каменолом Руднице.

Тие беа жртви на офанзивата на претседателот, Слободан Милошевиќ, против косовските Албанци, која заврши со 78-дневното бомбардирање на НАТО на Југославија, во 1999 година.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, го осуди началникот на ресорот за јавна безбедност на Србија, Властимир Ѓорѓевиќ, на 18 години затвор, за убиство и прогон на косовските Албанци, како и за директно учество во криењето на телата, со цел да се прикријат убиствата.