Филип Рудиќ, Дие Морина | БИРН | Белград, Приштина
Комисијата за исчезнати лица на Србија, потврди дека е постигнат договор со косовските власти, за начинот на примопредавање на ексхумираните останки на воените жртви.
„Ги прецизиравме начините за взаемна соработка”, изјавија за БИРН од комисијата.
Претседателот на косовската комисија за исчезнати лица, Пренк Ѓетај, исто така, го потврди потпишувањето на договорот, со кој се отвора пат за предавање на посмртните останки, кои се идентификувани.
„Договорот првично беше помеѓу Србија и УНМИК, подоцна и ЕУЛЕКС, но сега надлежноста се префрла на локалните (косовски) институции”, изјави Ѓетај за јавниот сервис РТК во понеделникот.
Во меѓувреме, Арсим Герџалиу, шеф на одделот за судска медицина во Приштина, истакна оти чека на наодите на ООН, од неодамнешното тестно пребарување на посмртни останки со гео-радар, на неколку локации во Србија и во Косово.
„Сѐ уште нема резултати, го спомнавме ова прашање во Белград … во наредните денови ќе видиме дали ќе се вратиме на овие локации (заради ексхумација)”, изјави Герџалиу за РТК.
Косовските власти соопштија оти за исчезнати од војната и натаму се водат 1.588 лица, од кои 561 лице е од српска националност.
Српската Комисија за исчезнати лица соопшти, пак, дека трага по уште 570 Срби и неалбанци, кои се водат за исчезнати во војната во периодот 1998-1999 година.
Прашањето за исчезнатите лица не се најде на дневен ред на дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, што се води со посредство на ЕУ, кој започна во 2011 година.