Регион

Србија: Најавено спречување на иселувањето на бегалците од војните во 90-тите

Филип Рудиќ, Белград

Протести на едно од претходните иселувања во Белград. Фото: БИРН

Коалиција на организации наречена „Покрив над главите“, најави дека ќе се обиде да го спречи Комесаријатот за бегалци, да ги исели воените бегалци од становите во кои сега живеат во Белград, доколку не им се обезбеди алтернативно сместување.

Иван Златиќ, од Социјалдемократската унија, член на оваа организација, вели дека Комесаријатот ветил неколку алтернативи, но дека ветувањата не биле реализирани.

„Луѓето кои останале, навистина немаат каде да одат, тие не можат да најдат сместување, без поддршка на Комесаријатот”, вели Златиќ за БИРН.

Гордана Радовиќ, која во 1992 година побегнала од Сараево, и сега живее во еден од спорните станови, потврдува дека Комесаријатот ветил алтернатива.

„Тие рекоа дека ќе најдат 12 станови, но сé уште не направиле ништо”, истакна Радовиќ за БИРН.

Кога овие бегалци во 2008 година влегле во сегашните станови во улица „Востаничка“ во Белград, кои се во сопственост на Комесаријатот за бегалци, во нив никој не живел.

Стотици илјади бегалци дојдоа во Србија во војните во 90-тите години, па не беше невообичаено, бегалците да влегуваат во празни станови, за време на хуманитарната криза.

Сепак, Комесаријатот за бегалци ги повика бегалците да аплицираат за сместување во улица „Востаничка“, но во 2016 година Комесаријатот им ги доделил становите на други лица, а не на оние кои веќе ги користат.

Од Комесаријатот за БИРН изјавија дека на бегалците им било понудено сместување во касарната во Обреновац и на други места надвор од Белград, но дека тие одбиле.

Комесаријатот тврди дека сегашните жители незаконски влегле во становите и ги повика општинските власти да ги иселат од 11 станови во кои тие живеат.

„Ние се обидуваме да им најдеме сместување на сите бегалци и внатрешно раселени лица, во согласност со правилата и преку јавни повици, а не со провали и незаконско окупирање на становите”, соопшти за медиумите Комесаријатот.

Сепак, Златиќ нагласува дека бегалците влегле во становите од нужда и дека нивните напори ситуацијата да се реши законски, биле игнорирани.

„Секакви работи им беа ветувани … Имаше постојан застој (од страна на Комесаријатот), неактивност, празни разговори и договори, кои никогаш не се реализираа”, нагласува Златиќ.

„Комесаријатот им ги решава проблемите на некои бегалци, исфрлајќи други на улица”, додаде тој.

Гордана Радовиќ, која преживува чувајќи деца, постари лица и вршејќи домашни работи, вели дека ако ја иселат, таа нема друга опција.

„Искрено не знам (што да правам). Тука немам роднини“, рече Радовиќ, која се вселила во станот во кој сега живее во 2009 година, откако нејзиниот поранешен сопруг, кој живеел таму, починал.

Нејзината деложација е закажана за 9 август.