Регион

Србија не бележи успех во процесирањето на воените злосторства, смета ФХП

Доколку Србија и во иднина го задржи бавното темпо на гонење на воените злосторства, тогаш во следните 10 години, со судење ќе се соочат помалку од 10 проценти од наводните сторители, стои во најновиот извештај на Фондот за хуманитарно право (ФХП).

Пишува: Филип Рудиќ, Белград

Специјалниот суд во Белград. Фото: БИРН

Недостигот на политичка волја за справување со минатото, величењето на воените злосторници и неефикасната работа на Обвинителството, во 2016 година ги отежнаа судењата за воени злосторства во Србија, се вели во новиот извештај на ФХП, кој беше претставен во четврток.

„Во Србија, моментално имаме величење на воените злосторници“, рече Милица Костиќ од ФХП, на презентацијата на извештајот во Белград.

Таа додаде дека воените злосторници добиваат повластен третман во затворот, што „го покажува односот на државата кон воените злосторници“.

„Србија, и тоа доста долго, е безбедна земја за воените злосторници“, изјави новинарот, Раде Радовановиќ.

Во извештајот се вели дека активноста и неактивноста на српските официјални претставници, покажува дека тие, воените злосторства не ги сметаат за важно прашање. Во исто време, се вели во извештајот, тие работат на создавање на општествена клима, во која е речиси невозможно да се гонат виновниците, особено средно и високо позиционираните офицери.

Се забележува дека поранешниот полковник на Југословенската народна армија (ЈНА), Веселин Шљиванчанин, и покрај фактот што беше осуден поради неговата улога во масакрот во Вуковар, присуствувал на настани организирани од владејачката Српска напредна партија, СНП.

Во меѓувреме, како член на Одборот на Агенцијата за спречување на корупцијата, СНП ја избра судиката Даница Маринковиќ, некогашен истражен судија во Косово, позната по оспорувањето на заклучоците на МКТЈ, за масакрот што српските сили го извршија над косовските Албанци во селото Рачак.

На осудениот за воени злосторства и поранешен водач на босанските Срби, Момчило Краишник, во април 2016 година, му беше дозволено, во Младинскиот центар во Белград, да промовира книга и да даде ревизионистички осврт за војната во Босна и Херцеговина, која траеше од 1992 до 1995 година, се додава во извештајот.

Никола Шаиновиќ, и покрај тоа што беше осуден за злосторства над албански цивили, стана член на Главниот одбор на Социјалистичката партија, по издржување на казната затвор.

Во извештајот се вели дека судењата за воени злосторства, во 2016 година, беа најмногу одолговлекувани бидејќи судовите ги закажувале расправите во голем временски распон. Така, во текот на минатата година, судење имало само 56 дена.

Најзначаен пример на неразумно долг процес, се вели во извештајот, е судењето за убиствата на 193 воени затвореници на фармата Овчара во 1991 година, по падот на Вуковар.

Се додава дека минатогодишните промени кои се однесуваат на надоместокот за патни трошоци за сведоците, го отежнуваат нивното појавување пред судот.

На сите лица кои доаѓале да сведочат, трошоците им биле исплаќани веднаш по завршувањето на сведочењето, но од 2016 година, исплатата на трошоците се врши преку банкарска сметка.

Во извештајот се вели дека трошоците за сведоштво може да бидат големи, особено за оние сведоци кои доаѓаат од странство или од помалите средини, така што тие се принудени да позајмуваат пари за да се појават пред суд.

За постарите лица, од кои многумина се во лоша здравствена состојба, а некои од нив се дури и неписмени, отворањето на девизна сметка е непознато и претставува голем товар. За повеќето лица кои доаѓаат да сведочат во постапките за воени злосторства, оваа е вознемирувачко, се додава во извештајот.

Во него се споменува и пасивноста на обвинителството. Во 2016 година, според извештајот, се поднесени само седум обвиненија, со по еден обвинет и генерално, со само една жртва.

Веќе три години, не е подигнато ниту едно обвинение за злосторствата во Косово. Обвинителството вели дека не можат да работат во Косово, бидејќи локалните обвинители одбиваат да соработуваат.

Објавено и на Балканска транзициска правда