Регион

Србија одбележа годишнина од битка во Косово, со премиера на воен филм

Белград БИРН

Премиера на филмот „Воени приказни од Кошара“. Фото: Министерство за одбрана на Србија

Министерството за одбрана на Србија и јавниот сервис РТС, вчера вечер, премиерно го прикажаа документарниот филм за битката на Кошара, која се одигра во 1999 година, кој зборува за, како што рекоа неговите творци, „храброста, пожртвуваноста и посветеноста“ на војниците на Војската на Југославија (ВЈ), кои се бореа против Ослободителната војска на Косово (ОВК), „во одбрана на татковината“.

„Дваесет години нѐ сме кажеле ‘благодарам’ и мислам дека е крајно време … да им заблагодариме на овие луѓе, за она што го направија“, изјави, Слаѓана Зариќ, режисер на филмот, „Воени приказни од Кошара“.

На премиерата присуствуваа српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, началникот на Генералштабот на Војската на Србија, Милан Мојсиловиќ, и други високи државни и воени претставници.

Битката на Кошара започна на 9 април 1999 година, кога ОВК ја нападна караулата на југословенско-албанската граница, а траеше до 10 јуни, кога беше постигнат договор за прекин на војната и кога силите на Белград се повлекоа од Косово.

Српското Министерство за одбрана соопшти дека во битката загинале 108 припадници на тогашната ВЈ.

ОВК, која беше поддржана со воздушните напади на НАТО, исто така, имаше големи загуби.

Филмот, „Воени приказни од Кошара“, зборува за борбите на југословенско-албанската граница во 1998 и 1999 година и прикажува сведоштва на српски војници и на нивните старешини, соопшти Министерството за одбрана.

Филмот првпат беше најавен во јануари 2018 година, кога беше откриено дека некои воени офицери кои ги негираа обвиненијата за воени злосторства во Косово, ќе бидат консултанти на овој проект.

Првиот е пензионираниот генерал, Драган Живановиќ, кој во август 2014 година се најде под истрага за воени злосторства, која, како што објави Обвинителството за воени злосторства (ОРЗ) на Србија, беше завршена во 2017 година.

Вториот е, Душко Шљиванчанин, чие име се најде во кривичната пријава што во 2013 година ја поднесе Фондот за хуманитарно право (ФХП), наведувајќи оти тој е одговорен за убиство на 21 албански цивил во селата Годен и Зулфај, извршено на 25 март 1999 година.

Но, ОРЗ ја отфрли кривичната пријава на ФХП.

Уште еден српски филм, за битките што се водеа меѓу ВЈ и ОВК на планината Паштрик пред 20 години, според најавите, ќе биде премиерно прикажан во мај 2019 година.