Регион

Србија понуди да им суди на радикалите што Хаг ги бара

Вјерица Радета. Фото: Српска радикална партија

Филип Рудиќ | БИРН | Белград

Во писмото на Министерството за правда на Србија, што Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) го доби во четврток, се наведува дека „не постои добра причина“, на членовите на СРП, Вјерица Радета и Петар Јојиќ, да не им се суди во Република Србија.

„Ве уверувам дека Република Србија е подготвена да ја исполни оваа обврска“, вели во писмото, министерката за правда, Нела Кубуровиќ, објави агенцијата Бета.

Во ова писмо се отфрла и се нарекува „лажен“ и „злонамерен“ ставот на обвинителката, Дајана Елис, дека не би било во интерес на правдата, на Србија да ѝ се отстапи процесот против Радета и Јојиќ, за непочитување на судот.

Трибуналот ги обвини Јојиќ и Радета дека влијаеле врз сведоците во судскиот процес што во Хаг се водеше против нивниот водач, Воислав Шешељ.

Тие се обвинети дека ги уценувале и им нуделе мито од 500 евра на сведоците, за да не сведочат на судењето на Шешељ.

Помеѓу Хашкиот трибунал и Србија се водеше долготраен спор околу апсењето и екстрадицијата на двајцата радикали, кои беа обвинети во октомври 2012 година. Имено, Белград го одби барањето за нивно апсење и екстрадиција во Хаг.

Трибуналот неколкупати пред Советот за безбедност посочи дека Србија не соработува во овој случај.

Третообвинетиот во овој предмет, Јово Остојиќ, почина во Србија во 2017 година.

Во април, Шешељ беше осуден на 10 години затвор за поттикнување на злосторства со националистичките говори што ги држеше во Војводина за време на војната во 1992 година.

Но, тој нема да оди во затвор, бидејќи повеќе од 11 години помина во притвор.