Белградскиот Апелациски суд, ја потврди пресудата со која наводите објавени од српскиот таблоид „Информер“ против Анита Митиќ, поранешна директорка на МИЧП, претставуваат говор на омраза и му наложи на уредникот на весникот, Драган Вучиќевиќ, да плати отштета.
Судот пресуди дека Вучиќевиќ треба да ѝ плати на Митиќ 100.000 српски динари, односно околу 840 евра, отштета, и да ги плати судските трошоци во висина од 71.700 динари. Тој, исто така, е должен да ја објави пресудата.
„Информер“, кој се смета за близок до Српската напредна партија (СНП) на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во 2017 година објави текст, во кој ги обвини невладините организации дека се обидуваат да создадат „хаос“ во Србија, пред претседателските избори таа година.
Во текстот МИЧП беше наречена „соросоидна-шиптарска-фашистичка организација“, со што организацијата автоматски беше поврзана со милијардерот, Џорџ Сорос, омразена личност меѓу националистите во Источна Европа, но во кој се користи и многу навредлив термин за Албанците.
Текстовите за МИЧП беа објавени откако активистите протестираа против говорот на осудениот воен злосторник, Веселин Шљиванчанин, на настн на СНП, во јануари 2017 година.
Активистите на МИЧП свиреа со свирчиња и развија транспарент на кој пишуваше „Воените злосторници да замолчат, за да се зборува за жртвите“.
Во октомври 2018 година, Апелацискиот суд за прекршоци во Нови Сад, пресуди дека активистите го прекршиле законот со тоа што протестирале на настанот, а осумте членови на МИЧП беа казнети со парична казна од 50.000 динари, односно околу 420 евра.