Регион

Србија:Пропусти во случаите на воени злосторства

Милица Стојановиќ , Белград

Фатима Штркоњиќ, нејзиниот сопруг, Але, и нејзината мајка, Фата Кољиќ, биле во нивниот дом во селото Реизовиќи, во близина на градот Кључ, северозападна Босна и Херцеговина, кога на 21 ноември 1992 година, околу 23.00 часот, во куќата упаднале три вооружени машки лица. Тие барале пари.

Двајца од нив носеле воени униформи, додека третиот бил во цивилна облека. Але им дал 5.800 германски марки, а потоа избегал. Едно од лицата ѝ се приближил на Фатима, извадил пиштол и ја застрелал во глава. Потоа, со нож, ја убил и нејзината мајка.

Мажите во униформа биле Предраг Бајиќ, наречен Гага, и Младенко Вртуниќ, припадници на Војската на Република Српска (ВРС). За ова злосторство, тие беа осудени пред кантоналниот суд во Бихаќ, во 2014 година.

Третиот напаѓач, наводно, е Жељко Будимир, кој е обвинет за ова злосторство во Србија.

Случајот против Будимир е еден од оние карактеристични за ОВЗ на Србија, кое во последните две години поднело 14 обвиненија, главно против едно до две лица во еден предмет, кои генерално не се високи воени и полициски службеници и кои се обвинети за злосторства над мал број на жртви.

Ваквиот пристап е во спротивност со критериумите утврдени во Националната стратегија за процесирање на воените злосторства, усвоена од српската Влада во февруари 2016 година, која го покрива периодот до 2020 година.

„Мислам дека националната стратегија, веќе сега не ги исполнува целите поради кои е донесена”, вели Ивана Жаниќ, истражувач на Фондот за хуманитарно право со седиште во Белград (ФХП).

„Јас навистина не знам што треба да се случи во останатиот краток временски период (до 2020 година), за да се исполнат целите, ако се знае дека како резултат на работата на обвинителството, имаме четири обвиненија во последните две години, дека овие случаи се против едно лице и дека во повеќето од нив се работи само за една жртва во еден предмет“, додаде Жаниќ.

Покрај тоа, 10 од 14 обвиненија не се поднесени од страна на Белград, туку Србија, според последниот извештај на ОВЗ, објавен во декември 2018 година, ги презела од Обвинителството на БиХ.

Извештајот беше обврска од акцискиот план за поглавјето 23, кој Србија треба да го исполни како дел од условите на ЕУ, за членство во оваа организација. Крајниот рок за поднесување на овој извештај беше вториот квартал од 2016 година, но тој беше објавен дури во декември 2018 година.

Поглавјето 23 се однесува на судството и основните права.

Јована Спремо, советник на Комитетот на правници за човекови права, ЈУКОМ, една од невладините организации кои го следат процесот на интеграција на Србија во ЕУ, вели дека „постои напредок” во исполнувањето на дадените услови, додавајќи дека волјата за гонење на воените злосторства, со текот на времето опаднала. Ова може негативно да влијае на влезот на Србија во ЕУ, предупредува Спремо.

„Министерството (за правда) се оддалечува од воените злосторства и се чини дека не постои свест дека ваквиот однос може да ја забави Србија, кога станува збор за процесот на интеграција во ЕУ”, додава таа.

„Една од стратешките цели на Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан(објавена во март 2018 година) е регионалното помирување, заедно со процесот на транзициска правда, кој вклучува соодветно гонење на воените злосторства. Секако дека може да дојде до големо забавување во преговорите за пристапување, доколку не се покаже проактивен пристап“, додава таа.

Во извештајот на меѓународната организација, Хјуман Рајтс Воч, презентиран во јануари, се вели дека процесирањето на воените злосторства во Србија, се соочува со сериозни пречки.

„Процесирањето на воените злосторства и натаму го попречуваат недостигот на политичка волја, соодветните ресурси и слабите механизми за поддршка на сведоците. Само неколку високи функционери, вклучени во сериозни злоупотреби за време на војната, беа повикани на одговорност пред српските судови“, се вели во извештајот.

Сепак, Министерството за правда тврди дека е направен вистински напредок во случаите на воени злосторства.

Во писмениот одговор до БИРН, од министерството нагласуваат дека резултатите од спроведувањето на националната стратегија се охрабрувачки и оти „ја покажуваат целосната поддршка на Србија кон сите домашни судски и извршни тела, вклучени во истрагите и поднесувањето на обвиненија”.

„Имајќи ги предвид спроведените активности и оние кои успешно се во тек, би можело да се очекува, дека повеќето активности ќе се спроведат до 2020 година. Сепак, треба да се има на ум дека ова е сложено прашање и затоа, целиот процес, навистина не може да се заврши за период од четири години“, се додава во одговорот на министерството.

ОВЗ одби да даде коментар за овој текст и не одговори на нашите прашања, испратени по е-пошта.

Непочитување на Националната стратегија

Од извештајот се гледа дека во 2017 година, во ОВЗ биле пријавени 56 лица, но истрага била покрената само за едно од нив, што е, во просек, најмал број од основањето на оваа институција, во 2003 година.

Извештајот не го содржи бројот на обвинети во 2018 година, но се наведува дека обвинителите започнале истрага против девет лица. Но, до 24 декември, две од овие истраги беа повлечени, а три беа ставени на чекање. Истрагите против останатите четири лица се во тек.

На чело на ОВЗ се наоѓа Снежана Станојковиќ, која беше назначена за главен обвинител во мај 2017 година. Во претходниот период, односно од пензионирањето на нејзиниот претходник, Владимир Вукчевиќ, на последниот ден од 2015 година, до назначувањето на Станојковиќ, Србија беше без главен обвинител за воени злосторства.

Десет месеци по именувањето на Станојковиќ за главен обвинител, ОВЗ ја објави својата Обвинителска стратегија за истрага и гонење на воените злосторства за периодот 2018-2023 година. И Обвинителската, и Националната стратегија, беа обврски од акцискиот план за поглавјето 23 од преговорите за пристапување на Србија во ЕУ.

Спремо нагласува дека Обвинителската стратегија не ги идентификува индикаторите, роковите или активностите кои треба да се спроведат.

Националната стратегија сугерира дека треба да им се даде приоритет на случаите со голем број жртви, на злосторствата извршени од високо позиционирани личности или со големо влијание врз локалната заедница.

Сепак, Обвинителската стратегија има малку поинаков тон. Во неа се вели дека „сите жртви и нивните семејства заслужуваат правда”, но и се поставува прашањето, дали е подобро да се ангажира голем дел од капацитетите за работа на само еден, пообемен случај “или во исто време да се постапува во повеќе предмети, кои се помалку обемни”.

Ивана Жаниќ од ФХП вели дека со овие зборови, обвинителството „самото себеси се амнестира” за непроцесирање на обемните случаи.

Жаниќ се согласува дека „сите жртви се еднакви и дека сите тие заслужуваат правда”. „Меѓутоа, ако се земе предвид колку масовни злосторства биле извршени, во кои стотици луѓе беа убиени, а кои до денес не се процесирани, мислам дека е логично овие случаи да имаат приоритет”.

Повеќето предмети пренесени од БиХ

Снежана Станојковиќ. Фото: Бета

Откако Станојковиќ беше назначена за обвинител, ОВЗ поднесе девет обвиненија. Првото е поднесено во декември 2017 година, со кое Јојо Плавањац и Здравко Наранчиќ беа обвинети за злосторства над босански цивили, извршени во август 1992 година.

Според обвинението, Наранчиќ бил чувар во воен затвор кој бил воспоставен во ОУ „Петар Кочиќ” во општина Босанска Крупа. Тој, наводно, му дозволил на Плавањац, припадник на ВРС, да влезе во затворот со автоматска пушка.

Плавањац прво убил десет луѓе во една просторија, а потоа уште еден човек во друга просторија. Нивните останки беа ексхумирани 14 години подоцна, од масовна гробница. Судскиот процес против нив, сѐ уште трае пред Вишиот суд во Белград.

Единствениот пообемен случај, со кој моментално се занимава ОВЗ, е случајот што се води против пет лица обвинети за киднапирање и убиство на 20 несрпски патници од воз во босанскиот град Штрпци во 1993 година.

Вишиот суд во Белград шест пати одбиваше да го потврди обвинението, поради процедурални грешки и три пати наложуваше повторна истрага.

Обвинението конечно беше потврдено во октомври 2018 година, а судењето требаше да започне на 29 јануари, но тоа беше одложено поради болест на еден од обвинетите.

Извештајот на ОВЗ не дава информации за чинот на лицата обвинети во изминатите две години, иако овие информации се содржат во обвиненијата. Сепак, тој открива дека повеќето случаи биле пренесени од БиХ.

Жаниќ забележува дека обвинителите на БиХ, исто така, испраќаат предмети во Белград, кои се водат против ниско рангирани лица или лица без никаков чин.

„Се чини дека обвинителствата на БиХ не проследуваат случаи против високи функционери, бидејќи тие знаат дека српските обвинители не гонат високи функционери, особено ако се од војската и од полицијата”, вели таа.

Судења без обвинети на обвинителната клупа?

Во извештајот на ОВЗ нема информации за три обвиненија – за воени злосторства во Богдановци, село крај Вуковар, Хрватска, извршени во 1991 година, како и за злосторства над цивили во Сараево во 1992 година и во Урошевац во Косово во 1999 година.

Обвинетиот за злосторства во Сараево, е државјанин на БиХ, додека обвинетиот за злосторства во Урошевац, државјанин на Косово. ОВЗ нѐ ни одговори дали обвинетите воопшто им се достапни на српските судски власти.

Српскиот закон дозволува судење во отсуство, ако обвинетите се во бегство или ако не им се достапни на властите, но законот за кривична постапка вели дека ова треба да се применува само кога станува збор за многу важни осомничени лица.

Националната стратегија за воени злосторства на Србија, вели дека достапноста на осомничените, доказите, сведоците и жртвите, се критериум за избор дали некој предмет ќе се обработува или не. Стратегијата, исто така, додава дека „Владата обезбедува целосна поддршка на практиката за избегнување на судење во отсуство”.

Експертите се согласуваат дека судењето на осомничените во отсуство, е лоша практика.

„Тоа нема да доведе до никакво помирување во регионот и нема да им донесе никаква сатисфакција на жртвите”, рече Жаниќ.

„Жртвите се тука приоритет, бидејќи тие сакаат пред себе да го видат лицето кое е одговорно за нивните страдања и за страдањата на нивните семејства”, додаде таа. “Ако немате никого на обвинителната клупа, тогаш нема правда за жртвите”.