Регион

Србија: Вкупно сто години затвор, за убиство на Ќурувија

Славко Ќурувија. Фото: Фондација „Славко Ќурувија“/Предраг Митиќ

Вишиот суд во Белград денеска осуди четворица поранешни припадници на ДБ на Србија, за убиство на Славко Ќурувија, новинар и уредник, кој беше познат како противник на режимот на Слободан Милошевиќ, извршено во 1999 година.

Поранешниот шеф на ДБ, Радомир Марковиќ, и шефот на белградскиот центар на ДБ, Милан Радоњиќ, беа осудени на 30, додека припадниците на ДБ, Ратко Ромиќ и Мирослав Курак, добија 20 години затвор.

Во пресудата се наведува дека Марковиќ го информирал Радоњиќ за планот за атентат врз Ќурувија, по што Радоњиќ се договорил со Ромиќ и со Курак, да го убијат новинарот.

На денешната првостепена пресуда, може да се поднесе жалба.

Судењето за убиството на Ќурувија започна во 2015 година, 16 години по неговото убиство, кое наводно, било извршено, бидејќи Ќурувија бил опонент на тогашниот југословенски претседател, Слободан Милошевиќ.

Според обвинението, „непознато лице“ го наредило убиството, Марковиќ, поранешен началник на ДБ, го поддржал злосторството, додека тројцата припадници на ДБ, Ратко Ромиќ, Милан Радоњиќ и Мирослав Курак, учествувале во организацијата и извршувањето на убиството.

Обвинителството тврдеше дека Курак бил директен извршител, а Ромиќ негов соучесник.

Тројцата обвинети изјавија дека не се виновни, додека обвинетиот Курак е во бегство и нему му се судеше во отсуство.

Марковиќ моментално отслужува казна од 40 години затвор, за убиство на поранешниот српски претседател, Иван Стамболиќ, и за други кривични дела, а Ромиќ и Радоњиќ во септември 2017 беа ослободени од обвинението за обид за убиство на Вук Драшковиќ, лидер на опозициска партија, во 2000 година.

Ќурувија беше убиен во грб со 17 истрели, пред зградата каде што живееше во Белград.

Тој беше отворен критичар на Милошевиќ и отворено го обвинуваше за воени злосторства и за спроведување на репресивен режим.

Неколку поранешни високи функционери на ДБ, сведочеа на судењето. И покрај нивните различни сведоштва, повеќето се согласија дека Ќурувија бил убиен неколку минути по наредбата што ја добил тимот што го следел, да се престане со следењето.

Тие истакнаа дека ДБ го следела Ќурувија цела 1999 година, бидејќи тој се сметал за непријател на Милошевиќ.

Самото судење беше проследено со контроверзии. Така, судот, во 2017 година, ги ослободи Ромиќ и Радоњиќ од притвор, и им наложи мерка домашен притвор.

Судиите во два наврати ги отфрлаа потенцијално клучните докази – евиденциите за комуникацијата преку мобилни телефони, меѓу оперативците на тајната служба – што, според обвинителството, е доказ што ги поврзувал обвинетите со местото на злосторството. Овие одлуки и во двата случаи, беа поништени по жалба.

Судот, исто така, одби, како сведок да биде слушнат полицискиот инспектор,  Драган Кецман, кој ги собирал информациите за телефонската комуникација и ја одби изјавата на Кецман, дадена за време на истрагата.

Сепак, одлуката, Кецман да не сведочи, беше преиначена и овој полициски инспектор, во ноември 2018 година, се појави пред судот.

Кецман изјви оти дошол до заклучок дека четворицата обвинети го убиле Ќурувија, додавајќи дека режимот го сметал овој новинар за „државен непријател број еден“.