Регион

Роднинините на убиените во Штрпци, сведочеа пред судот во Србија

Вишиот суд во Белград. Фото: БИРН

Пред Вишиот суд во Белград сведочеа тројца сведоци, членовите на семејствата на жртвите, кои раскажаа како дознале за киднапирањето на патниците од возот во Штрпце во 1993 година, кога српските паравоени сили киднапираа и убија 20 патници од несрпска националност.

Сведокот, Наил Кајевиќ, од Приепоље, чиј брат Нијазим бил киднапиран, изјави дека тој и неговиот брат зборувале по телефон пред неговиот брат да тргне со возот од Белград.

Кога возот таа вечер пристигнал во Приепоље, патниците кои пристигнале со него им раскажале дека борци ги запреле во Штрпци.

„Јас имав информации дека (водачот на паравоената единица „Одмаздници“) Милан Лукиќ, го организирал киднапирањето“, изјави Кајевиќ пред судот.

Сведокот, Селма Чоловиќ, изјави дека на 27 февруари 1993 година, кога бил киднапиран нејзиниот татко, Фикрет Мемовиќ, таа имала осум години.

„Тој беше на службен пат, работеше за железницата“, рече таа.

Чоловиќ нагласи дека дури неколку години подоцна дознала што се случило, бидејќи нејзината мајка сакала да ја „заштити“.

Сведокот, Рагиб Личина, истакна дека посмртните останки на неговиот брат, Илијаз, биле пронајдени во езерото Перучац, кое се наоѓа на границата меѓу БиХ и Србија.

„Имаше дете кое одеше во училиште“, рече Личина, додавајќи дека неговиот брат доаѓал од Белград, за да му донесе на својот син пари за школување.

Според обвинението на Обвинителството за воени злосторства на Србија, на 27 февруари 1993 година, била формирана група од 25 до 30 припадници на Војската на Република Српска (ВРС), која била задолжена да ги киднапира патниците од несрпска националност, од возот кој се движел на релација Белград-Бар (Црна Гора).

20 патници, од несрпска националност, биле заробени и убиени од припадниците на српската паравоена единица „Одмаздници”, чиј командант бил Милан Лукиќ.

Меѓу жртвите имало 18 Бошњаци, еден Хрват и една непозната личност. До денес се пронајдени посмртните останки само на четворица од нив, додека останатите сѐ уште се водат за исчезнати.

Обвинителството за воени злосторства (ОВЗ) на Србија ги обвини Гојко Лукиќ, братот на Милан Лукиќ, Љубиша и Душко Васиљевиќ, Јован Липовац и Драган Ѓекиќ.

Досега само двајца припадници на силите на босанските Срби се осудени за ова злосторство. Небојша Ранисављевиќ, кој во Црна Гора беше осуден на 15 години затвор и Миќо Јовичиќ, кој доби петгодишна затворска казна откако се изјасни за виновен пред Судот на БиХ.

Командантот на „Одмаздници”, Милан Лукиќ, пред Хашкиот трибунал во 2012 година, беше осуден на доживотен затвор за воени злосторства извршени во Вишеград, источна БиХ, но не и поради убиствата во Штрпци