Регион

Косово: Луѓето сé уште не се во можност да ги вратат куќите што ги изгубиле во војната

Исчезнатата евиденција во Косово, ги пролонгира повоените правни битки за изгубениот имот

Трајко Семиќ, не е во можност да живее во својот дом во Призрен, од денот кога во август 1999 година избегал со своите деца и сопругата, која била бремена.

Кога се вратил во 2002 година, во неговите две куќи живееле други луѓе. Потоа, во немирите во март 2004 година, кога стотици албански демонстранти се судрија со Србите и ги нападнаа нивните домови, неговите куќи беа запалени.

Семиќ вели дека неговите куќи, како и четири други, биле уништени и оти местото каде што тие порано се наоѓале денес е „валкан пат”.

Оттогаш, тој се наоѓа во судските лавиринти, водејќи битка да докаже дека е законски сопственик на земјата каде што некогаш се наоѓале, денес уништените куќите.

„Морав по судски пат да докажувам дека моите куќи биле таму”, вели Семиќ за БИРН.

Но, судот не можел да ги најде документите за неговите куќи во катастарскиот регистар во Косово, бидејќи оригиналните документи се во Србија, поради што неговата судска битка, трае и денес.

Семиќ го добил случајот во април 2017 година, но следела жалба. „Таа беше поднесена до Апелацискиот суд во Приштина и од 2017 година нема напредок”, нагласува тој.

Флорије Кика, од Косовската агенција за споредба и верификација на имотот. Фото: БИРН

Евиденцијата е земена при повлекувањето на српските сили

Две децении по војната во Косово, илјадници нерешени имотни спорови, како што е овој на Семиќ, и натаму се проблем за косовското судство.

Катастарските документи од периодот 1983-1999 година ги имаат српските власти, заедно со многу други официјални документи, кои биле земени кога српските сили се повлекувале од Косово, на крајот од војната во јули 1999 година. Како резултат на тоа, во Косово недостига значителен број на катастарски документи.

Косовската агенција за споредба и верификација на имотот, која беше формирана како резултат на договорот за враќање на катастарската евиденција постигнат меѓу Косово и Србија, во текот на дијалогот во Брисел во 2011 година, чека, преку канцеларијата на ЕУ во Косово, да ги добие од Србија, скенираните катастарски документи.

Договорот предвидува враќање на над 4.6 милиони копии катастарски документи, кои Србија ги зела од Косово во 1999 година, со што би можела да се реши неусогласеноста помеѓу оригиналните документи од југословенскиот период и оние кои денес Косово ги има.

Сепак, прашањето за имотните права, дополнително се комплицира со фактот дека за многу имоти, документите за сопственост не се регулирани, поради репресивната политичка ситуација во Косово пред војната.

Откако Белград ја укина автономијата на Косово во 1989 година, продажбата на имот меѓу Албанците и продажбата на имот на Албанците, не била законски регулирана, сѐ до крајот на српското владеење во 1999 година.

Овие договори се склучувале усно и не се регистрирани, па затоа има илјадници нецелосни и неточни катастарски податоци во Косово.

Според неодамнешната анализа на УСАИД, околу 60% од имотот во Косово не е законски регистриран од страна на сопствениците.

Флорија Кика, заменик директор на Косовската агенција за споредба и верификација на имотот, вели дека илјадници имотни спорови кои чекаат да бидат решени, се заглавени во судовите, бидејќи ги нема оригиналните катастарски документи.

„Ние направивме план за работа со посебен фокус на празнините идентификувани во документите. Сега сме на чекање и немаме индикации дека нешто ќе почне да се решава“, вели Кика.

„Побаравме сите копии веднаш да се вратат. Ова ќе ни помогне да ги решаваме предметите по приоритет, особено оние кои се судски оспорени“, додава таа.

Спроведувањето на Бриселскиот договор долго доцнеше, бидејќи Косово го одложуваше усвојувањето на законот за формирање на Агенцијата за споредба и верификација на имотот, што конечно се случи кон крајот на 2016 година.

Кика нагласува дека Агенцијата побарала враќање на индексирани копии од документите за регистрација на имотот, а не само скенирани.

„Индексирањето ќе ни помогне да добиеме информации за потеклото и историјата на секој имот”, нагласува таа.

„(Катастарските уписи), исто така, можеле да бидат предмет на промени во Србија. Имавме случаи кога имот, во сопственост на Срби, е регистриран во српските регистри како имот во сопственост на едно лице, додека во нашиот регистар истиот имот (е регистриран) е во заедничка сопственост на тројца браќа“, додава таа.

Авни Арифи, член на косовската делегација која учествува во дијалогот со Србија, вели дека прашањето за катастарските копии, не е допрено на ниту една од состаноците што се одржале во последните две години.

Од Владата на Србија, БИРН не доби одговор на прашањата што им ги поставивме.

Од делегацијата на ЕУ во Косово, која според договорот од Брисел треба да го олесни процесот, потврдија дека скенирањето на документацијата е завршено.

„Скенирањето и индексирањето на катастарските евиденции, процес кој го финансира ЕУ, се целосно завршени. ЕУ, како олеснувач на процесот на дијалог, соработува со двете страни, на што поскоро спроведување на договорот за катастарските евиденции“, изјавија за БИРН од канцеларијата на ЕУ во Приштина.

Според косовската Агенција за катастар, во Косово, во 1999 година, имало околу 300.000 парцели во јавна и приватна сопственост. Сите овие податоци треба да се разгледаат поради грешките и злоупотребите направени во минатото, што е главна задача на Агенцијата за катастар и на Агенцијата за приватизација на Косово.

„Околу 100.000 од нив се во јавна сопственост, така што ние ќе мора да разгледаме околу 200.000 копии, а за јавниот имот ревизија ќе направи Агенцијата за приватизација на Косово”, објаснува Кика.

Јована Филиповиќ, адвокат од Грачаница. Фото: БИРН

„Луѓето умираат без да го вратат својот имот”

Башким Ибиши, директор на невладината организација, „Аdvancing Together”, oд Приштина, која им помага на луѓето во решавањето на судските случаи, вели дека повеќето правни конфликти се меѓуетнички, помеѓу Албанци и Срби, иако постојат и случаи кога тужителите се Роми.

Мисијата на ООН, која по војната во 1999 година управуваше со Косово, регистрирала 42.749 случаи на одземен имот, од кои 95% во сопственост на Срби.

Ибиши додава дека поголемиот дел од предметите, судовите ги решаваат според стариот закон од пред војната, што е, како што вели „несоодветен за спроведување на имотните права на раселените лица кои не се во мнозинство”.

Јована Филиповиќ, адвокат од Грачаница, нагласува оти како резултат на долготрајните одложувања, некои луѓе никогаш не успеале да ја повратат сопственоста над своите домови.

„Враќањето на катастарската евиденција ќе им помогне на луѓето да ги решат нивните проблеми. Но, тоа изгледа како бесконечно патување. Луѓето умираат без да го вратат својот имот“, вели Филиповиќ за БИРН.

„Имаше многу злоупотреби (пред и по војната) во врска со имотот, и оригиналните копии од катастарот ќе откријат многу неправилности. Но, за многумина кои умираат, а не се вратиле во своите домови, ќе биде предоцна“, нагласува таа.

Во меѓувреме, Трајко Семиќ и неговото семејство, кои живеат во белградското предградие Лазаревац, откако пред речиси две децении избегаа во Србија, сѐ уште живеат под кирија, чекајќи на правосилна судска одлука во Косово.

„Плаќам кирија 20 години”, вели тој.