Регион

Србија: Воените болници „помагаат да се одложат судењата за злосторствата во Косово”

Филип Рудиќ, Белград

Воено медицинската академија (ВМА) во Белград | Фото: vma.mod.gov.rs

По минатонеделното, последно одложување на главниот претрес, во серијата одложени претреси пред судот во Белград, од Фондот за хуманитарно право (ФХП) велат дека судењето на двајцата поранешни српски офицери, обвинети за масакр извршен во март 1999 година во косовското село Трње, е најдрастичен пример за одложување на постапката поради болест на обвинетиот.

„Секако дека е можно некој од обвинетите да се разболе … Меѓутоа, многу е симптоматично тоа што обвинетите, во овој конкретен случај, имаат здравствени проблеми еден или два дена пред закажаниот главен претрес, кои престануваат откако ќе се одложи главниот претрес”, вели за БИРН, правната аналитичарка во ФХП, Ивана Жаниќ.

Во понеделникот, адвокатот на Рајко Козлина, еден од двајцата обвинети во случајот Трње, пред судот изјави дека неговиот клиент не може да се појави пред судот, поради здравствени проблеми, по што претседателката на судскиот совет, Мирјана Илиќ, го доведе во прашање извештајот за неговата здравствена состојба, на Воено медицинската академија (ВМА) во Белград.

„Од овој извештај, не гледам ништо друго освен ‘чести флуктуации на крвниот притисок’“, рече судијата Илиќ.

Адвокатот на Козлин, кој го поднесе медицинскиот извештај, изјави дека има сознанија дека здравствената состојба на неговиот клиент се влошила и дека тој заминал на кардиолошки преглед.

Судијата Илиќ потврди дека ВМА препорачала Козлин да биде прегледан од кардиолог, но додаде дека „не гледа причина”, зошто прегледот е закажан на денот на сослушувањето.

На крајот, судијата го одложи рочиштето за 29 ноември, поради здравствената состојба на Козлин.

Активистите за човекови права изразија загриженост дека можеби ВМА и другите воени медицински институции намерно ја помагаат опструкцијата на судењата за воени злосторства.

„Приложување на медицинска документација … добиена од воена здравствена установа, токму во постапка во која обвинетите биле припадници на Војската на Југославија, создава впечаток на една многу обмислена тактика, со која, и онака долгата кривична постапка, дополнително се одолговлекува”, нагласи Жаниќ.

Од седум закажани рочишта во случајот Трње, во 2017 година, шест беа одложени, пет пати поради здравствени проблеми на второобвинетиот во овој случај, Павле Гавриловиќ.

Во еден од овие случаи, според извештајот на ФХП, медицинската дијагноза на воената болница во Ниш, му била доставена на судот на латински.

Гавриловиќ, поранешен командант на 549 бригада на Војската на Југославија (ВЈ), е обвинет дека наредил напад на селото Трње, при што, како што се вели во обвинението, рекол оти „никој не смее да преживее”.

Нападот е извршен во март 1999 година, а според обвинението, бил убиен најмалку 31 албански цивил, вклучувајќи и едно четиригодишно момче.

ФХП, во септември 2017 година, наведе дека ВМА и Воената болница во Ниш, намерно ги попречуваат судењата за воени злосторства.

Но, од ВМА за БИРН, во тоа време, одговорија дека оваа болница сите пациенти ги третира во согласност со протоколите и добрата медицинска практика и ги отфрлија обвинувањата. Од Воената болница во Ниш, не добивме одговор на нашето барање за коментар.

Во текот на 2018 година, рочиштата во случајот Трње беа почести, сведочеа неколку сведоци на одбраната, еден поранешен српски војник кој беше сведок на обвинителството и еден сведок, Албанец, кој го преживеал масакрот во селото.

Освен рочиштето што требаше да се одржи во понеделникот, беше одложено уште едно, во месец јули, бидејќи Гавриловиќ беше хоспитализиран во Воената болница во Ниш.

Ова не е единствениот случај во кој, како што се сомнева ФХП, расправите се одложуваат со помош на медицинските институции.

„Ситуацијата е иста и во предметот за признавање на пресудата на Судот на БиХ против (поранешниот генерал на Војската на Република Српска), Новак Ѓукиќ”, вели Жаниќ.

Во јуни 2014 година, Судот на Босна и Херцеговина го осуди Ѓукиќ на 20 години затвор, бидејќи наредил артилериски напад врз Тузла, кој резултирал со масакр. Сепак, тој не се јави на издржување на својата казна во БиХ, со образложение дека заминал на лекување во Србија.

Во октомври 2014 година, БиХ издаде меѓународна потерница по Ѓукиќ, но тој не може да биде екстрадиран во оваа земја, бидејќи БиХ нема потпишано договор за екстрадиција со Србија.

Сепак, поради здравствени причини, сослушувањата во предметот на Ѓукиќ често се одложуваат, поради што ФХП укажува дека се работи за „смислена опструкција на одбраната, со соучество на воените медицински установи“.