Регион

Србинка го напушти изборот за Мис Интерконтинентал

Насловите во српските таблоиди по објавувањето на фотографијата на Петровиќ, во кои нејзината постапка е оценета како „скандал“.

Валентина Петровиќ во вторникот се извини и се повлече од изборот за Мис Интерконтинентал, откако српските медиуми бурно реагираа на нејзината фотографија објавена на Инстаграм, на која таа со натпреварувачките од Косово, Црна Гора и од  Албанија, со рацете прикажува двоглав орел.

„Република“, дигиталната верзија на Српски Телеграф, фотографијата ја нарече „шокантна“ и оцени дека Петровиќ ја „вџашила Србија“, додека „Политика“ објави дека фотографијата „со право ги запалила социјалните мрежи“, каде е изразена лутина бидејќи манекенката со рацете го покажува албанскиот национален симбол.

Петровиќ на Инстаграм напиша дека „немала лоша намера“ и дека тоа е „моментална непромисленост и глупава спонтаност“.

„Сакам да им се извинам на припадниците на мојата нација, на луѓето од Косово и Метохија, на мојата компанија, на моето семејство“, напиша таа.

„Многу, многу ми е жал, и затоа, покрај длабокото извинување, донесов одлука да побарам дозвола од организаторите да го напуштам натпреварот и со тоа да си го олеснам сегашниот притисок што го носам“, додаде Петровиќ. Натпреварот ќе се одржи во петок во Шарм ел Шеик, Египет.

Прикажувањето на двоглавиот орел и претходно предизвикувало лутина кај српските националисти. Во април 2019 година, пекар од албанска националност, во белградското предградие Борча, стана мета на националисти, откако десничарите на Фејсбук објавија фотографија од негов роднина, стара две години, кој позира додека со рацете го гестикулира албанскиот симбол.

Националистите се собраа пред неговата пекарница и со српски патриотски песни и националистички извици, на прозорците лепеа налепници со натписот, „Косово е Србија“, а во пекарницата фрлија свинска глава.

Во јуни 2018 година, за време на фудбалскиот натпревар меѓу Србија и Швајцарија на Светското првенство, двајца швајцарски репрезентативци, Гранит Џака и Џердан Шаќири – двајцата косовски Албанци – ги прославија головите што ги постигнаа против Србија со гестикулација на двоглав орел, предизвикувајќи гнев меѓу Србите на стадионот и на социјалните мрежи. ФИФА ги казни Џака и Шаќири за овој инцидент.