Регион

Сребреница: Изложба на предмети на жртвите на геноцидот

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Фото: Mеморијален центар Сребреница-Поточари

Во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари, е отворена изложба со наслов „Чекори на оние кои (не)поминаа“, на која се изложени лични предмети на луѓето убиени од силите на босанските Срби во јули 1995 година, како и предмети во сопственост на преживеаните.

Кустосот, Азир Османовиќ, објаснува дека дел од предметите биле пронајдени на патот помеѓу Сребреница и Незук, по кој се движела колоната на таканаречениот „Марш на смртта“, на кој бројни Бошњаци биле убиени, додека се обидувале да избегаат на безбедна територија.

Османовиќ додава дека за време на составувањето на изложбата, кустосите посетиле места, на кои во јули 1995 година, луѓето се обидувале да се сокријат, при што некои останале скриени со денови, а други дури и со месеци. Тие, исто така, разговарале и со преживеани лица, кои опишале поединечни локации и предмети, што ги имале со себе додека бегале.

На изложбата се прикажани 100 парчиња на обувки, како и други предмети што луѓето ги користеле во нивните импровизирани засолништа. Еден од таквите експонати е рачно изработен шпорет, што, во пештера, го користеле луѓе кои се криеле.

„Ова е обид, преку предметите што луѓето ги користеле, преку личните сведоштва на тие луѓе, да се покаже страдањето низ кое тие поминале во јули 1995 година, а и неколку месеци подоцна, до октомври“, вели Османовиќ.

„Имаме човек кој зборува за својот опстанок, кој поминал речиси три месеци во шума, така што посетителите, се надевам, за момент ќе имаат поцелосна слика за геноцидот во Сребреница, кога ќе ја посетат и ќе ја разгледаат оваа изложба“, вели тој.

Изложбата е дел од одбелеувањето на 18-годишнината од отворањето на Меморијалниот центар Сребреница-Поточари. Пред отворањето, беа положени цвеќиња и упатена молитва за жртвите.

Во Сребреница, повеќе од 7.000 мажи и момчиња беа убиени во јули 1995 година, а повеќе од 40.000 жени, деца и стари лица беа протерани.

Досега, повеќе од 40 лица се осудени на околу 700 години затвор и пет доживотни затворски казни пред Судот на Босна и Херцеговина и Хашкиот трибунал. Овие пресуди, исто така, утврдија дека во Сребреница се случил геноцид.