Регион

Износот на отштетата за семејствата на жртвите од Вуковар „несразмерно мал“

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Центарот на Вуковар | Фото: Ања Владисављевиќ

Апелацискиот суд во Белград, им додели отштета од 6.000 до 8.000 евра на членови на три семејства на жртви, кои биле убиени од српските сили на фармата Овчара, кај Вуковар, Хрватска, во 1991 година. Активистите за човекови права сметаат дека висината на отштетата е несоодветна.

Фондот за хуманитарно право (ФХП) денеска соопшти дека висината на надоместокот за семејствата на жртвите убиени од српските борци на фармата Овчара, по падот на Вуковар во рацете на припадниците на Југословенската народна армија (ЈНА), во ноември 1991 година, е несоодветно ниска и не ги исполнува стандардите воспоставени од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

„Во три претходни парници, националните судови доделија суми од 700.000 (околу 5.900 евра) до 900.000 динари (7.600 евра) за секој тужител поединечно“, се вели во соопштението на ФХП.

„ФХП смета дека, и покрај фактот што судовите ги прифатија барањата и дека постапката е завршена во рок од две години, што се ретки позитивни примери за ефикасно постапување, доделените суми не го исполнуваат стандардот за правичен надоместок за смртта на блиско лице, односно, наведените износи се несразмерно мали и не се во согласност со стандардите на Европскиот суд за човекови права“, се додава во соопштението.

ФХП го наведува како пример случајот Брдар против Хрватска пред ЕСЧП, во кој судот доделил надомест од над 23.000 евра за исчезнување на член на семејството на жалителот, за време на воена операција во Хрватска, во август 1995 година.

„Одлуката на судовите во Србија да доделат трипати помал износ на тужителите во овие постапки, зборува за неподготвеноста на домашните судови да ја применуваат практиката на ЕСЧП и со тоа да ја обврзат Србија да плати отштета што е во согласност со меѓународните стандарди, што би обезбедило правични репарации за жртвите на воените злосторства“, истакнува ФХП.

Осум српски борци, припадници на територијалната одбрана на Вуковар и на паравоената единица „Лева Суподерица“, беа осудени во Белград во 2017 година, за учество во убиството на околу 200 затвореници, заробени во болницата во Вуковар, кои потоа беа убиени на фармата Овчара.

Врз основа на кривичната пресуда, семејствата на убиените покренаа граѓанска постапка за надомест на штета, за смрт на блиско лице, против Министерството за одбрана на Србија, барајќи надомест од 2.000.000 динари (околу 17.000 евра).

Истражувањето што БИРН го спроведе минатата година, покажа дека на девет лица, кои српските судови ги ослободиле од обвиненијата за воени злосторства во случајот „Овчара“, им биле доделени вкупно околу 468.000 евра за правни трошоци и околу 327.000 евра отштета.

Milica Stojanovic