Регион

Српски борец „ограбувал и палел куќи во Косово“

Марцел Лекај, Дие Морина, Приштина

Судењето на Дарко Тасиќ пред Основниот суд во Призрен | Фото: БИРН

На судењето на поранешниот српски борец, Дарко Тасиќ, лице што го преживеало масакрот во селото Мала Круша, во 1999 година, изјави дека обвинетиот ограбувал и палел куќи на Албанци во ова косовско село.

„Го видов Дарко Тасиќ како ги ограбува куќите на семејството Хајдари и како подоцна ги пали”, изјави во вторник, сведокот, Бајрам Зулфиу, пред Основниот суд во Призрен, на судењето на поранешниот српски војник Дарко Тасиќ, обвинет за воени злосторства.

Зулфиу, кој ги преживеал убиствата извршени во селото Мала Круша во март 1999 година, рече дека од вкупно 109 лица, 20 го преживеале масакрот на српските сили.

Сепак, само шест од нив успеале да преживеат и да избегаат, додаде тој.

Адвокатот на Тадиќ го обвини Зулфиу дека во 2012 година, на Специјалното обвинителство на Косово, му дал контрадикторни изјави, но сведокот изјави дека неговото сведочење е точно.

„Вистина е она што денеска го зборувам. Сепак, можеби сум испуштил нешто … можеби траумата влијаела врз мене, но ова е вистина“, нагласи Зилфиу.

Друг сведок на обвинителството, Агрон Лимани, на сослушувањето во вторникот изјави дека го видел Дарко Тадиќ во униформа.

„Дарко го видов неколку пати во униформа, во полициска униформа”, рече Лимани.

„Сакам да истакнам дека Србите во Мала Круша, за време на годините на конфликтот, ни ги направија животите неподносливи. Речиси секој ден имаше пукање, особено во семејството на Дарко Тасиќ, имаше т.н. ‘забави’, на кои се слушаше пукање“, додаде тој.

Сведокот истакна оти по масакрот, неговото семејство побегнало во планините, и дека по пат виделе како горат куќите на семејството Хајдари.

Лимани пред судот изјави дека по војната собрал сведоштва на луѓе од селото, како ко-автор на книгата „Убиено село” и дека некои од нив ја споменале вмешаноста на обвинетиот Тасиќ.

Тој рече дека, сега веќе починатиот, Сулејман Цолаку, на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС), ѝ изјавил дека го видел Среќко Тасиќ, таткото на Дарко, како заедно со неговите синови и некои други лица, вози камион со мртви тела кон реката Бел Дрим, кој подоцна го запалиле.

На сослушувањето во понеделникот, сведок изјави дека по масакрот, го видел обвинетиот, заедно со неговиот татко и уште две други лица, на реката Бел Дрим, како се обидуваат со камион, кој бил натоварен со мртви тела, да влезат во реката.

По сведочењето на Лимани, обвинетиот Тасиќ пред судот изјави: “Му се заблагодарувам на сведокот, Агрон Лимани, што го кажа она што лично го знае, а не она што го слушнал. Тој беше коректен и точен и не измислуваше работи како другите“.