Сведоците Бејт и Шуркрие Османи, во вторникот пред Основниот суд во Митровица, изјавија дека Зоран Вукотиќ, поранешен припадник на резервниот состав на полицијата на Србија во Косово и обвинет за воени злосторства, на 5 мај 1999 година, дошол во нивната куќа во Вучитрн со уште еден човек, ги удирал, а потоа им ги зел и парите.
Како што рече Бејт Османи, Вукотиќ му нацртал крст на челото.
Потоа, заедно со другото лице, Горољуб Пауновиќ, го зел Фахредин Фазлиу, додаде Османи.
“Кога влезе Горољуб … ми ја зеде личната карта и 50 германски марки, додека дебелиот (Вукотиќ) ме праша каде е син ми. Кога му кажав дека мојот син е во Македонија, тој го зеде шприцот што го имаше со него и ми нацрта крст на челото“, додаде тој.
Османи додаде дека Вукотиќ ја удрил неговата сопруга, Шуркрие Османи, кога таа го избришала крстот што тој ѝ го нацртал на нејзиното чело.
Тој истакна дека Вукотиќ и Горољуби го извадиле надвор внукот на неговата сопруга и го распрашувале за пари.
„Тие зедоа 200 марки од жената, а потоа повторно влегоа внатре, го зедоа Фахредин (Фазлиу) и ни кажаа да не излегуваме … и по некое време, ни рекоа дека убиле четири лица”, изјави сведокот.
Како што изјави Шуркри Османи, меѓу овие четири лица бил и Фахредин Фазлиу. Таа, исто така, ги потврди наводите на својот сопруг, за нападите на Вукотиќ.
Според обвинението, Вукотиќ прво ги истепал, а потоа и ги убил цивилите Енвер Рустоли, Хамдија Фазлиу, Авдуала Фазлиу и Фахредин Фазлиу.
Во обвинението се наведува дека на 5 мај 1999, Вукотиќ и неговиот соучесник, Пауновиќ, облечени во српски униформи и вооружени со ножеви, пиштоли и пушки, тепале и ограбиле албански цивили во Вучитрн.
Вукотиќ изјави оти не е виновен.
На рочиштето одржано во петокот, сведокот, Ајман Ферати-Шатроли, рече дека српските паравоени сили, ги затвориле неа и нејзиното семејство во куќа во близина на училиштето за обука на полицијата во Вучитрн и дека на 5 мај 1999 година, Вукотиќ, заедно со уште едно лице, ги тепал.
„Влеговме во една соба, тој (Вукотиќ) ја затвори вратата и му се приближи на едно дете, го фати за нос и му рече ‘мило мое’. Мислев дека детето му се допаѓа, но потоа тој зеде нож, го лижеше со јазикот и му го стави на детето под врат“, рече сведокот.
Таа додаде дека Вукотиќ го ослободил детето, кога таа му дала златен накит.
Сведокот нагласи дека Вукотиќ, во другата соба, донел друго дете, кое имало 10 години и го терало да пее песни на српски јазик.
Таткото на момчето изјави дека неговиот син бил принуден да се качи на маса и дека Вукотиќ го терал да ја пее песната „Слобо“, за тогашниот југословенски претседател, Слободан Милошевиќ.
„Но, тој беше мал и не знаеше ниту една песна, па затоа тој го истепа детето”, рече сведокот.
Судењето продолжува.