Предраг Гага Антонијевиќ, режисер и продуцент на филмот „Дара од Јасеновац“, српски кандидат за овогодишниот Оскар во категоријата најдобар меѓународен игран филм, кој се занимава со злосторствата извршени во концентрациониот логор Јасеновац во Хрватска, во неделата изјави дека има намера да го тужи „Лос Анџелес Тајмс“, поради негирање на воените злосторства извршени врз Србите во овој логор, во Втората светска војна.
„Веќе не станува збор за филмот и критиката, туку станува збор за целосно негирање на геноцидот извршен врз Србите за време на НДХ и тоа е сериозна навреда за сите жртви“, изјави Антонијевиќ за Нова.рс.
Во критиката објавена во „Лос Анџелес Тајмс“ на 4 февруари, Роберт Абел вели дека „позадината на историската реалност е тенка“ во филмот на Антонијевиќ.
Абел посочува дека иако фашистичкото усташко движење, кое ја предводелo НДХ, било „кошмарен марионетски режим на силите на Оската“, а концентрациониот логор Јасеновац „уште еден пекол на земјата за Евреите“, Антонијевиќ се чини дека го користи својот филм за постигнување на политички поени поради „долгогодишната регионална расправија“ меѓу Србите и Хрватите.
„Она што епот за варварството и сентименталноста на режисерот Антонијевиќ сака да го потенцира, е дека вистинскиот фокус (на логорот Јасеновац) бил на уништувањето на етничките Срби и дека децата имале свој логор“, пишува тој.
Критиката во „Лос Анџелес Тајмс“ доаѓа две недели по рецензијата објавено во американското списание „Варајети“ во кое „Дара од Јасеновац“ се опишува како „српска националистичка пропаганда“ и оти филмот покажува „нескриен антихрватски, антикатолички нативизам“.
„Оној во ‘Варајети’ барем напиша дека сè е точно, но оти филмот е наводно пропаганда, иако не знам како вистината може да биде пропаганда, а во ‘ЛА Тајмс’ пишува дека не е историски точно и дека јас сум ги буткал Србите и децата во приказната за Јасеновац“, нагласи Антонијевиќ.
Дистрибуцијата на филмот „Дара од Јасеновац“ започна во петокот, а премиерата на филмот во Србија е најавена за 21 април, ден пред одбележувањето на годишнината од последниот обид за пробивање на затворениците од логорот, пред усташите да го затворат и пред падот на НДХ.
„Дара од Јасеновац“ е делумно поддржан од Филмскиот центар на Србија и од српската Влада.
Филмот, овој месец, беше оспорен и кога веб-страницата IMDb ја укина можноста за негово оценување, по организираното гласање на Србите и на Хрватите, за давање на највисока и најниска оценка за ова филмско остварување.