Вести

Стаменковски кусо на слобода, Доказ назад на интернет


Портал, визуелно и содржински идентичен со контроверзниот сајт ДоказМ, но со изменет домејн, се појави во интернет-просторот во Македонија. На сопственикот на ДоказМ, Марјан Стаменковски, кој е правосилно осуден на две и пол години, моментно му е определен прекин од одлежување на затворската казна од 30 дена.

Казната за Стаменковски вклучува и забрана да регистрира домејн или да биде сопственик на портал во Македонија, шест години по правосилноста на пресудата. Судот одлучи да се укинат и сите домејни што досега ги поседувал во македонскиот регистрациски систем МАРНЕТ.

Марјан Стаменковски на судење | Фото: БИРН

Стаменковски, на својот фејсбук-профил тврди дека сајтот не е негов, туку е „во негова чест“, повикувајќи ги своите пријатели да го заследат и заблагодарувајќи им се на тие што го формирале.

На сајтот, кој сега е активен и идентичен со стариот, како регистрант е наведена неактивна фирма од Обединетото Кралство. Сопственик на таа фирма е извесен Швеѓанец Фрај Ерик Лефвен Ларсон.

На овој портал, кој се разликува од претходниот по екстензијата com.mk, првите објавени информации датираат од јули, од кога е и регистриран. Покрај дизајнот, кој е идентичен со оној на стариот портал, исто е и логото, фејсбук-страницата и јутјуб-каналот.

На фејсбук-страницата има паузи во споделувањето текстови од порталот Доказ. До почетокот на април годинава се споделувани текстови од доказм.мк, сајт кој сега е неактивен. Од почетокот на минатиот месец, истата страница споделува текстови од стариот сајт.

Скопското обвинителство, во февруари годинава поднесе обвинение против Марјан Стаменковски за неколку кривични дела: ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.

Во април, Кривичниот суд го осуди на затвор од три години и еден месец. Скопска Апелација му ја намали казната на две и пол години и му ја потврди пресудата, освен во делот за уцена, за што предметот го врати на повторно одлучување.