Вести

Стипендија за новинарска извонредност 2022: Избор

Стипендијата за новинарска извонредност го отвора повикот за аплицирање за 2022 година.

Програмата, која ќе се одржи 16-та година по ред, обезбедува стипендија од 3.000 евра, како и уредничка поддршка за новинари што длабински известуваат за силите што ги обликуваат општествата и демократиите во 14 земји од Средна, Источна и од Југоисточна Европа.

Стипендијата ги поттикнува вештините за раскажување и известување од терен, кои традиционално се поврзуваат со најдоброто новинарство.

Рокот за пријавување за годинешната програма е 31 март 2022 година.

Како и обично, апликациите треба да се однесуваат на зададената тема. Оваа година темата е „избор“. Уредникот на програмата, Нил Арун вели дека со неа од новинарите се бара да ја отсликаат својата приказна низ разни опции и одлуки.

 „Сакаме да дознаеме повеќе за настаните и за процесите, за идеологиите и за политиките што ги создале условите за приказната што сакате да ја раскажете“, вели тој. „Со други зборови, за да се одговори на вообичаените прашања во вашата приказна – кој, што, кога, каде и зошто, сакаме да размислите како стигнавме до тука и каде би можеле да продолжиме понатаму“.

Годинешниот избор од 10 новинари-стипендисти ќе го направи независна комисија. Стипендистите, во текот на своето известување ќе бидат менторирани од програмски уредник и ќе можат да добијат поддршка од регионалната мрежа на новинари на БИРН. Освен финансиската и уредувачката поддршка, стипендијата нуди:

  • Можност да се присуствува на воведен семинар со фокус на техниките за известување и раскажување
  • Шанса да се добијат дополнителни награди меѓу 1.000 и 3.000 евра за трите најдобри стории
  • Објавување на готовите стории на регионалните јазици и на англиски преку мрежата на медиумски партнери на БИРН
  • Членство во алумни мрежата на програмата, создадена да го поддржи вмрежувањето меѓу новинарите што учествувале во неа

Балканската истражувачка репортерска мрежа и фондацијата ЕРСТЕ ја основаа стипендијата за новинарска извонредност во 2007 година.

Оттогаш, повеќе од 140 новинари од 14 земји од Средна, Источна и од Југоисточна Европа учествувале во програмата од светска класа за професионален развој.

Таа првично беше ограничена на балканскиот регион, но од 2020 година е проширена за да опфати пријави од новинари и од вишеградските земји – Полска, Чешка, Словачка и Унгарија.

Новинарите што сакаат да учествуваат може да го користат официјалниот формулар за пријавување.

Новинарите што сакаат да ги зголемат своите шанси за успех можат да прочитаат повеќе за програмата за стипендија, вклучувајќи и совети од нашите уредници.

За повеќе информации, ве молиме да нѐ контактирате на [email protected]