Истражувањa

Странските инвеститори го чинеа буџетот најмалку 150 милиони евра

Пребарувањето по ставките во завршните сметки на државните буџети за десет години, покажува дека за привлекување на странски инвеститори, властите потрошиле најмалку 150 милиони евра народни пари

За привлекување на странски инвестиции, од маркетинг и промоција, субвенции, па до изградба на технолошко индустриските развојни зони, властите во последните десет години потрошиле најмалку 148,7 милиони евра, покажува деталното истражување на БИРН во сите завршни сметки на државниот буџет од 2007 до 2015 година, додека пак за 2016 година податоците се земени од последниот ребаланс на буџетот.

Пребарувањето поврзано со зборовите „странски инвестиции“ донесе резултати според кои најголем дел од народните пари за привлекување на инвеститори во земјава ги потрошиле двете главни државни институции за оваа намена, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ). Меѓутоа, за оваа намена трошеле и Министерството за економија и Владата.

Дирекцијата за ТИРЗ, која што како таква постои од 2009 година, до 2016 година потрошила вкупно 71,2 милиони евра. Од нив, речиси 48 милиони евра се потрошиле за изградба на технолошко индустриските развојни зони, 5 милиони евра за поддршка на инвестиции, а околу 18 милиони евра за функционирањето на Дирекцијата во што спаѓаат платите на вработените и набавки на стоки и услуги за тековното работење.

Претходно во 2007 и 2008 година, за изградба на технолошко индустриските развојни зони се потрошиле 10,7 милиони евра, но преку Министерството за економија.

За годинава, за капитални инвестиции во овие 13 индустриски зони, дел од нив целосно изградени и подготвени за инвеститорите, а дел во фаза на изградба, предвидено е да се потрошат уште 4 милиони евра.

Со тоа вкупниот буџет наменет за технолошко индустриските развојни зони, од 2007 година до годинава надминува 86,7 милиони евра.

„Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони во моментов управува со три целосно функционални зони и тоа Скопје 1 и 2 во главниот град и ТИРЗ Штип во најголемиот град во Источна Македонија. За ТИРЗ Тетово е склучен договор за јавно приватно партнерство и во процес е имплентација на првите инвестициски проекти. Истовремено, единаесет други зони основани со цел да се постигне рамномерен економски напредок на сите региони во Македонија се во различни фази на развој“, пишува на веб страната на Дирекцијата.

pikto-2


Базата на податоци „Странски инвестиции под лупа“ што ја објави БИРН, покажува дека во технолошко инудстриските развојни зони, во периодот од 2007 до 2016 година, најавени биле вкупно 43 странски инвестиции, во вредност од 1,16 милијарди евра. Во овие фабрики пак, било најавено дека ќе се отворат вкупно 26.730 работни места.

Меѓутоа, резултатот на реализација до денес е 13 остварени инвестиции кои што вложиле 231,5 милиони евра и отвориле 6.863 работни места, додека уште 13 инвеститори се уште ги градат фабриките што ги најавиле. Меѓутоа, дури 17 инвеститори што најавиле дека ќе изградат фабрика во некоја од зоните, ветиле дека ќе вложат 612 милиони евра и дека ќе отворат 14.867 работни места, никогаш не ги реализираа плановите.

Меѓу оние што изградија фабрики во зоните и веќе произведуваат, се Џонсон Мети, која што се инвестиција од околу 100 милиони евра е и најголема странска инвестиција во земјава, Ван Хоол, Текхно Хозе, Вистеон кој што од крајот на 2016 година се повлече од Македонија, а во овој погон се всели компанијата Делфај, Кемет, Продис, Гентерм, Адиент Сеатинг (поранешен Џонсон Контролс), Кап – Кон, Ки Сејфти Системс, Леар, Техникал Текстајлс и Макдиа.

Како што е познато, инвеститорите во технолошко индустриските развојни зони се ослободени од повеќе јавни давачки, добиваат даночни, царински и комунални ослободувања, ослободување од плаќање ДДВ, ослободување од плаќање данок на добивка, ослободување од плаќање персонален данок на доход во период и до максимални 10 години, долгорочен закуп на градежно земјиште до 99 години и дополнително – државна помош од 100.000 до 500.000 евра за изградба на фабриките. Ова се исто така трошоци од државниот буџет коишто во отсуство на транспарентни податоци, може само да се проценуваат.

За маркетинг и промоција потрошени 27 милиони евра

Втората институција која што исто така има за цел да привлекува инвеститори што ќе вложуваат во земјава, Агенцијата за странски инвестиции, од 2007 до 2016 година потрошила вкупно 50,8 милиони евра народни пари.

Од нив, 16,2 милиони евра за економска промоција и уште 10,7 милиони евра за економски маркетинг.

Од оваа Агенција се исплатиле и 16,4 милиони евра за поддршка на инвестициски вложувања. Од 2011 година, оваа Агенција добива задача да го промовира и извозот, а оваа цел е додадена и во називот на оваа државна институција.

Истражувањето на договорите за јавни набавки што ги склучувале Дирекцијата за ТИРЗ и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот ги диференцира овие две институции задолжени за иста цел. Всушност, најголем дел од тендерите на Дирекцијата за ТИРЗ се склучени за изградба на основната инфраструктура во технолошко индустриските развојни зони, од изработка на проектни документации, изградба на улици, водоводна и канализациона мрежа, електрични инсталации и осветлување, инсталирање на гасоводна мрежа.

Од друга страна, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, поголем дел од тендерите ги склучува за набавка на промотивни материјали, снимање на видеа, рекламни услуги, набавки на авионски билети, хотелски услуги за бизнис форуми, поштенски услуги.

Во последните неколку години, пак, посебна ставка од која се трошат народни пари за привлекување на странски инвестиции и развој на слободна економска зона, има и во буџетот на Владата. Од 2013 година до лани, на оваа ставка се потрошени над 11 милиони евра, а интересно е тоа што речиси сите пари завршиле како субвенции и трансфери.

Меѓутоа, во буџетот не е прецизирано конкретно на што се потрошиле овие пари, односно дали станува збор за исплата на државната помош што ја добиваат некои од инвеститорите.

Годинава, пак, за привлекување на странски инвестиции и развој на слободната економска зона, се планирани рекордни 7,7 милиони евра.

investicii.prizma.mk

stranski-investicii-birn-prizma-tw-cover-1500x500