Анализи

Странските кредити најслатки во изборни години

Долгот на државните институции кон странство сериозно се зголемил во 2011 и во 2014, двете години во кои имаше предвремени парламентарни избори.

Долгот на државните институции кон странските банки и кон другите меѓународни кредитори пораснал за милијарда евра во последниве десет години. За споредба, во 2004 година институциите им должеле на странците некаде околу милијарда евра, додека сега обврските им се речиси удвоени и се движат околу сумата од две милијарди.

Државата најмногу посегала по пари од надвор во изборни години. Двете најкритични точки, во кои видливо скокнал долгот на државните институции кон странство се случиле во 2011 и во 2014, двете години во кои имаше предвремени парламентарни избори.

Во првата, долгот кон странство скокнал за некаде околу 350 милиони евра, додека лани тој доживеа кулминација кога на должничкото конто легнаа уште половина милијарда евра.

Надворешниот долг драстично се зголемува во годините на парламентарни избори / Фото:МИА

Кредити за поддршка на буџетот пред избори

Македонија влезе во 2011 година со тешка политичка криза, бидејќи пратениците на опозицијата излегоа од Собранието откако полицијата го уапси газдата на А1 телевизија, Велија Рамковски, и го стартуваше случајот „Пајажина“, по кој подоцна згасна најгледаниот медиум во државава.

Првата голема политичка криза требаше да биде решена со изборите на 5 јуни, на кои повторно победи владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Неколку месеци пред изборите, во февруари 2011, Владата зема 221 милион евра заем од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и парите, како што тогаш беше објаснето, беа позајмени за „поддршка на буџетот“. Опозицијата и дел од експертите жестоко реагираа на овој потег, а во некои медиуми осамнаа наслови со кои ММФ се осудуваше за соучесник во изборна корупција.

„Убедени сме дека овие 220 милиони евра ќе се трошат за брутална политичка предизборна корупција и купување гласови“, реагираше тогаш СДСМ.

Есента истата година Владата се задолжи за уште 130 милиони евра од комерцијалните „Дојче“ и „Сити банк“ и тогаш нејзиното образложение беше дека парите ќе одат за „поддршка на буџетот“.

Министерот Ставрески потенцираше оти заемот има многу поволна камата и дека тоа е признание за владините економски политики, додека опозицијата не гласаше за законот со кој се одобри заемот. Нејзините аргументи беа дека повторно не се знае за што точно ќе се трошат парите.

Во 2011 година Владата ги потпиша и договорите за заеми од Европската банка за обнова и развој (107 милиони евра) и од Европската инвестициска банка (65 милиони евра) со кои се финансира изградбата на патот Демир Капија – Смоквица, до грчката граница.

Со оваа инвестиција се поврзува аферата „Актор“ во која од сметката на градежната компанија во повеќе тури во кеш биле извадени 3,5 милиони евра. Случај сѐ уште нема институционална завршница, бидејќи Обвинителството повеќе од една година прибира докази.

Половина милијарда по последните избори

Втората точка во која надворешниот јавен долг сериозно и најмногу се покачи е таканаречената емисија на новата еврообврзница што, всушност, значи ново задолжување на државата за дополнителни 500 милиони евра. Еврообврзницата официјално се нарекува должничка хартија од вредност, а парите од неа Владата може да ги троши буквално за што сака, како обичен потрошувачки кредит.

И овој пат министерот Ставрески го промовираше заемот како успех, при што била постигната историски најниска камата.

Критичката јавност аргументираше дека главната причина поради која актуелните власти позајмија нови половина милијарда евра е фактот дека државата само пред избори потрошила 200 милиони евра од буџетскиот дефицит, од парите коишто нема да ги собере оданочувајќи ги граѓаните, туку од други извори.

Во годишните извештаи за јавниот долг, кои ги изготвува Министерството за финансии, не се забележани долговите што Јавното претпријатие за државни патишта (поранешната Агенција за државни патишта) ги зеде од кинеската „Екс-им банка“ за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево Охрид.

Заемите од околу 570 милиони евра беа тема на една од таканаречените „бомби“ на опозицијата. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, тврдеше дека со снимките што ги објавува се докажува дека власта договорила провизија од овие зделки во вредност од 25 милиони евра со изведувачот, кинеската компанија „Синохидро“.

„Призма“ минатата година објави дека во економска прогноза на Европската комисија е нотирано дека јавниот долг на државава е веројатно поголем од прикажаниот, бидејќи тој ги вклучува долговите и на новоформираното Јавно претпријатие за државни патишта, преку кое Владата ги насочува значително зголемените трошоци за патната инфраструктура и кое може самостојно да се задолжува со гаранција од Владата.

Промената на политиката кон задолжувањето се врзува со доаѓањето на Зоран Ставрески / Фото:МИА

Подемот на кумот и на долгот

Со оглед дека оригиналниот министерски состав на кабинетот на Груевски во 2007 година предвреме врати околу 300 милиони долари кон ММФ и кон други странски кредитори, растот на надворешниот јавен долг како процент беше речиси незначителен во растот на севкупниот државен долг. За периодот од 2004 до 2009, растот на државните обврски се само 2 отсто од порастот на долговите на целото општество кон странство.

Но, во втората половина од владеењето на Груевски, од 2010 до ден-денес, растот на јавниот долг, оној на институциите, е дури 43 отсто од вкупниот раст на сите општествени долгови во странска валута и кон странски банки или други кредитори.

Промената на политиката кон задолжувањето се врзува со доаѓањето на Зоран Ставрески во Министерството за финансии, откако оттаму замина професорот Трајко Славески, единствениот што не поднесе оставка при првата реконструкција на кабинетот на Груевски, туку пратениците мораа да го разрешат.

Во тој бран, оставки поднесоа министерот за образование, Перо Стојановски, вицепремиерот за ЕУ, Ивица Боцевски, и министерот за земјоделие, Ацо Спасеноски.

Јавна тајна е дека Славески и Ставрески не секогаш биле на иста бранова должина и оти премиерот во тоа ривалство бил благонаклонет кон својот венчален кум.