Реткост е активен судија да говори јавно. Но, кога довербата во судството е еден процент, тогаш гласот на судиите за состојбите станува повеќе од потребен.
А токму таа недоверба, му е најголемиот товар во вршењето на професијата на судијата Ненад Савески, кој суди предмети за организиран криминал и корупција во специјализираниот оддел во Кривичниот суд во Скопје.
Во розовите папки со предмети што тековно ги суди има предмет за предизвикување општа опасност за лица со полициски овластувања, за злоупотреба на службената положба, за примање поткуп…
„Практично немам ниеден предмет за мигранти“, ни рече Савески како одговор на впечатокот на дел од јавноста дека во одделението за организиран криминал главно се судат мигранти и предмeти за шверц на наркотици.
Коментирајќи го впечатокот за молчаливоста на судиите, Савески вели дека во современите општества не е вообичаено судската фела да е често присутна во јавноста.
„Но ние, за разлика од судството во некоја европска држава, не го уживаме угледот во доволна мера кај граѓаните. Судството што ужива поголем рејтинг може да си дозволи таков комодитет“.
Еден од начините да се зголеми довербата и да го поправиме имиџот е поголема присутност во јавноста и транспарентно однесување во постапувањето и одлучувањето, и доближување до јавноста на нивната работа, ни кажа судијата.
Во интервјуто за БИРН, Савески говореше за ниското ниво на доверба, за состојбите во правосудството и за тоа дали тој и неговите колеги имаат влијанија и притисоци од политичари, бизнисмени и од други лоби групи.
Која е последната книга што сте ја прочитале?
Секој ден патува од Гостивар за Скопје и назад. Со гордост го потенцира гостиварското потекло.
Тој е еден од ретките „комплетни“ правници што го поминал етапно речиси целиот правосуден пат. По дипломирањето, магистрирал, волонтирал во гостиварскиот суд, завршил на Академијата за судии и јавни обвинители, заедно со неколкумина што беа дел од тимот на специјалното јавно обвинителство.
Кариерата ја почнал како скопски обвинител во 2009, а во 2016 година е избран за судија.
Канцеларијата, како и на останатите колеги од овој оддел, му е на третиот кат во Кривичниот суд во Скопје.
А во судот – како за во август – вообичаено е тивко поради судската ферија. На ѕидовите во неговата канцеларија сертификати и признанија, сликите што самиот тој ги цртал, а од некаде „ѕирка“ и по некоја семејна фотографија и роденденска честитка од неговите најблиски.
„Еден од членовите на комисијата ме праша која е последната книга од неправична литература што сте ја прочитале. Токму тоа ми остави впечаток, бидејќи отсекогаш сум имал став дека еден судија или јавен обвинител не треба да се ограничи само во својот професионален и стручен развој од областа на правото“.
Кога го посетивме немаше судење.
„Во право време на мојот развој помина еден јавнообвинителски стаж во траење од речиси седум и пол години“, ни рече Савески во одговор на прашањето зошто ја сменил бојата на тогата, па од обвинител станал судија.
Ни кажа дека во тоа време аплицирал и за обвинител и за судија, но бил избран за јавен обвинител.
Сепак, „врвот на една правничка професија е судството, односно судската функција“.
Независно од изборот, најважно е судиите и јавните обвинители да бидат сестрани во познавањата и да не се потпираат само на правничка литература, забележува тој. Тоа, како што вели, е важно за постојано да бидат во тек со општествените текови и да се надградуваат.
Тоа го воочил уште при уписот во Академијата за судии и јавни обвинители.
„Еден од членовите на комисијата ме праша која е последната книга од неправична литература што сте ја прочитале. Токму тоа ми остави впечаток, бидејќи отсекогаш сум имал став дека еден судија или јавен обвинител не треба да се ограничи само во својот професионален и стручен развој од областа на правото“.
Затоа самиот за себе ќе рече дека не е профил на судија што смета дека професијата му се само судската канцеларија и судницата.
Во 2007 година бил слушател на Академијата, а денес го пренесува искуството како предавач на идните судии и јавни обвинители.
Оваа работа е занает, вели, а занаетот се пренесува.
Тоа му причинува задоволство, бидејќи токму во новите кадри од Академијата ја гледа надежта за загубената доверба во правосудството.
„На кандидатите им потенцирам колку е од големо значење што се создава една мрежа на идни судии и јавни обвинители, кои меѓусебно остануваат во постојана комуникација и по изборот. Тоа е една огромна можност непосредно меѓу себе да комуницираат, да си ги споделуваат искуствата“.
Со кокетирање и потчинетост си ја подриваме моќта
„Судството не е трета власт според редослед“, ни вели судијата. Како таква, таа ужива нормативна независност. Но, тоа не е доволно.
„За судството, во вистинската смисла, да ужива независност, како една од трите власти, треба да ужива финансиска независност. Ние, таа независност ја немаме. Имаме квазифинансиска независност преку Судскиот буџет, но тоа зависи од волјата на извршната власт, што упатува на тоа дека државата што има обврска да ја гарантира независноста на судството, не создала услови за тоа“.
Со самокритичност забележува дека вината за ваквата ниска доверба лежи и кај нив.
„Судската независност во секој случај треба да е и лична, треба да е практично професионална независност“, смета Савески.
„Кога би верувал дека судството е зависно, корумпирано и партизирано, еден ден не би останал тука. Јас верувам во себе. Верувам во моите колеги“.
„Граѓаните, дел од својот суверенитет ни го имаат пренесено нам. Со самото тоа што судот ги објавува одлуките во името на граѓаните на Република Северна Македонија, упатува на сериозноста и тежината што ја носиме вршејќи ја оваа функција“.
Го прашавме дали како судија се чувствува дека е посебна власт.
„За себе можам да кажам дека сум независен. Никој досега не ми ја загрозил сигурноста, а генералното чувство е дека не сме целосно независни. Тоа не е проблем што се создава само од надвор. Проблемот е и кај нас“, вели тој.
„Често се спомнува дека политиката, олигархијата, бизнис-фелата влијаат врз судството, веројатно, тоа и го има. Се зборува, се слуша за тоа. Сметам дека судиите не се свесни колкава моќна позиција имаат, колку значајна улога имаат“.
Забележува дека поради желба за напредок во кариерата, има судии што „кокетираат со таквите авторитети, дали од политиката, дали од бизнис-елитата…“ и заклучува дека токму „преку кокетирање и потчинетост пред таквите авторитети, во голема мера, си ја самосузбиваме моќта што ни е дадена и нормативно и општествено“, вели Савески.
Потребно е јасно да се постават граници
Познавајќи ги состојбите кај нас, како помлад, Савески самиот се прашувал дали ќе дојде денот кога нему ќе се обидат да му влијаат. Но, до денес, како што вели, тоа не се случило.
„Во некои неформални ситуации надвор од судската работа, сум насетил дека можеби некој се обидува да начне тема со која би можел да ми наметне став, сум го препознавал тоа и веднаш сум реагирал со јасно поставување на границите на дозволеното“.
Тоа, како што вели, е клучот за одбрана од влијанија.
„Ако еден судија со своето секојдневно однесување јасно демонстрира дека во него има интегритет и дека ја врши својата професија на чесен начин, дури ни блиските нема да му влијаат. Сѐ зависи лично од еден судија како се етаблира во средината“.
Свесен е дека ова е мала држава. Како што вели, како и секој човек, има социјален живот, контакти, пријатели, роднини и во мала средина – голема е можноста некој да се обиде да влијае, но сè зависи од одбранбениот механизам.
„Сум имал ситуација каде што колеги ми кажале за одредено влијание или притисок врз нив, и сум им рекол, тоа треба да го пријавиш, да реагираш “.
Недовербата како професионален товар
Нема ден, вели судијата Савески да не размислува која е формулата да се излезе од состојбата на огромната недоверба на граѓаните во судството.
Со неа се соочува катадневно на лекар, во продавница…
„Ако во комуникација со некој му кажам што работам, ретко некој да не ми изреагирал во насока на недоверба кон судството. И тоа навистина е голем товар“.
Можеби овој еден процент доверба не е реалност, заклучува тој, бидејќи впечатокот за судството јавноста го добива само од постапките за кои јавноста има интерес.
На прашањето на што се должи таа стопена доверба во правосудството, Савески е самокритичен.
„Еден од начините да се зголеми довербата и да го поправиме имиџот е поголема присутност во јавноста и транспарентно однесување во постапувањето и одлучувањето, и доближување до јавноста на нивната работа.“
„Првин ја потенцирам вината во нас. Не можеме да избегаме од тоа дека сиве овие години наназад се случија одредени ситуации што ја нарушија довербата во судството. Ние не успеваме да изградиме судска култура во вистинската смисла, а тоа не може никој да го стори наместо нас“.
А под судска култура подразбира интегритет, едукација и професионален однос кон професијата.
Тој вели и дека со немањето лојалност кон судот како институција, самите судии го дестабилизираат судскиот систем „на начин што во одредени ситуации се негиравме едни со други, најчесто од лични мотиви“.
Но, еднакво важно за пеплосување на довербата на граѓаните е долгата рака на политиката, која влегува и во нивниот двор.
„Не може политиката да ги крши копјата на грбот на судството. Судството не е средство со кое политичките партии ќе ги мерат своите сили. Ниту политиката е таа што треба да го фаворизира, ниту, пак, да го девалвира судството. Меѓутоа, најчесто во јавните настапи на политичарите, во меѓусебната борба за освојување гласови го користат судството како тема на која сакаат да поентираат“, вели Савески со критички тон.
Нелогично е, смета тој, да бидеш судија, а да не веруваш во судството, и сè уште да ја извршуваш таа функција.
„Кога би верувал дека судството е зависно, корумпирано и партизирано, еден ден не би останал тука. Јас верувам во себе. Верувам во моите колеги. Во секојдневната комуникација со колегите гледам вложен труд и искрена желба да се промени перцепцијата кај јавноста за судството“.
Но, укажува на тоа дека за да се поправи впечатокот, огромна одговорност имаат и обвинителите и адвокатите.
„Од обврската за подобрување на угледот на судството не може да се изземат ниту јавните обвинители, ниту адвокатите. Судските одлуки се резултат на тоа колку еден јавен обвинител успеал пред судот да ја докаже својата теорија на случајот, односно колку одбраната успеала да го докаже спротивното“.
За настаните во Судскиот совет
Со очекувана воздражност, судијата не артикулира став околу последните случувања во Судскиот совет, особено, како што рече, додека не завршат отпочнатите постапки.
Сепак, смета дека последните случувања дополнително ја разнишале сликата за независноста на судството.
„Имавме изјави од двете поранешни претседателки на Судскиот совет дека врз нив се вршеле влијанија од политиката и од бизнис-елитата. Интересно е што на такви притисоци и влијанија никогаш не се пожалил член на судскиот совет од редот на судиите. Реагираа членови што не се од редот на судиите. Тоа е интересна ситуација за анализа. Значи ли тоа дека врз судиите не влијаел никој?“
Вели дека за него како судија е позитивен сигнал тоа што некој кажал јавно дека врз него се вршел притисок или имало влијанија, иако тоа не е до крај јасно испратена порака.
„Остана во јавноста енигма кој е тој политичар или авторитет што се осмелил да влијае. Останаа должни да го кажат тоа“, вели Савески.
На прашањето како гледа на впечатокот дека судиите се пасивни и дека немаат активен придонес да бидат гласни за состојбите во Судскиот совет, Савески вели дека колективното постапување не му е својствено на судството како фела.
„Не е во природата на судската работа. Ние сме индивидуалци во нашето работење. Одлучуваме во совети, но секој гласа независно од другиот“.