Анализи

„Судот дух“ ја одложува правдата за жртвите на војната во Косово

Дури ни по повеќегодишно одложување, Специјализираните совети на Косово со седиште во Хаг, не почнаа да работат на процесирање на наводните сторители на воени злосторства, што ја продолжува болката на семејствата на воените жртви, смета судијата Дин Б. Пинелис.

Дин. Б. Пинелис | Вашингтон

Како Американец, по судската кариера од над 20 години во САД, имав привилегија, од 2011 до 2013 година, да живеам и да работам во Косово, како меѓународен судија – кривичар, во рамките на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС).

Судев во бројни тешки предмети, вклучувајќи го и случајот со првото процесирање на поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Фатмир Лимај, и првото кривично гонење во случајот со трговија со органи, Медикус, при што секојдневно стекнував знаења за предностите и слабостите на правната компонента на ЕУЛЕКС.

По моето враќање во САД, внимателно ги следев настаните, а и самиот пишував и држев опширни предавања за Косово.

Темата која што ми го привлече вниманието се Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство, како што е називот на новиот суд, кој во јули 2017 година беше отворен во Хаг. Се пријавив за позицијата судија во овој суд, но во меѓувреме дојдов до заклучок дека формирањето на овој суд е грешка.

Ексклузивниот мандат на судот е да ги гони членовите – поединци на ОВК, заради сомнение дека извршиле злосторства за време и непосредно по бруталниот конфликтот со српските сили на Слободан Милошевиќ и да донесе правда за жртвите и за нивните семејства.

Но, еволуцијата на новиот суд се покажа како јасен пример на меѓународно кривично право во бавно движење, добрите намери пропаднаа, а владеењето на правото е заглавено во жив песок. Судот сè уште не добил ниту едно обвинение, и покрај повеќегодишниот процес на „негово раѓање“ и големиот буџет од 41 милион евра.

Трагедијата на ова одложување е двојна. Прво, на наводните сторители на гнасни злосторства им е дозволено животот да го живеат неказнето.

Но, она што е уште поважно, и тоа е нешто што не можам да го истакнам доволно, е тоа што жртвите и нивните семејства, се премногу долго принудени да се свиваат на ветровите на несигурноста, чекајќи правдата да биде задоволена, а страдањата на 1.600 лица кои исчезнаа во војната, чии фотографии можат да се видат и пред зградата на Собранието во Приштина, не се расчистени.

Дури и ако утре судот почне да ги суди овие случаи, долгогодишното пролонгирање, неизвесноста и болката, никогаш не ќе можат да се надокнадат.

Ќе беше далеку подобар избор, доколку ЕУЛЕКС, кој во целост имаше функционална правна компонента, продолжеше да ги гони воените злосторства, наместо да се создаде нов суд. Точно е дека ЕУЛЕКС имаше свои проблеми, но овие проблеми можеа, со заеднички напори, ако не да се решат, тогаш барем да се намалат.

Сето ова започна во 2008 година, кога Карла Дел Понте, поранешен главен обвинител на Хашкиот трибунал, во својата книга, „Госпоѓа обвинител“, напиша дека високи претставници на ОВК извршиле ужасни злосторства над српски воени затвореници, над припадници на малцинствата и над Албанци кои се сметале за соработници на Србија, во кои злосторства спаѓа и насилното отстранување на човечки органи, заради трговија со луѓе.

Овие обвинувања, особено за трговијата со органи, ги полнеа насловните страници на медиумите низ целиот свет. Ова го мотивира Советот на Европа, да спроведе сеопфатна истрага, предводена од швајцарскиот сенатор, Дик Марти. Од нејасни причини, ова не беше кривична истрага.

Во извештајот, кој Марти го достави кон крајот на 2010 година, кој стана водечка точка, беа поддржани тврдењата на Дел Понте, вклучувајќи ги и наводите за трговија со органи, но, исто така, беа идентификувани и некои припадници на ОВК.

Меѓутоа, поради тоа што неговата повеќегодишна истрага не беше кривична, ЕУ, во 2011 година, во рамките на ЕУЛЕКС, формираше специјален работен тим, кој спроведе кривична истрага. На чело на овој тим беше Клинт Вилијамсон, искусен американски обвинител. Можеби ова беше првото нешто што требаше да се направи.

Вилијамсон ги објави своите наоди во средината на 2014 година. Тој заклучи дека има доволно докази за покренување на обвиненија против неименувани членови на ОВК, за воени злосторства, како што се убиства, тортура, киднапирање и неколку случаи на отстранување на органи, извршени во периодот 1998 – 2000 година.

Тој јасно стави до знаење дека отстранувањето на органи не било од пошироки размери, со што им олесни на семејствата на исчезнатите лица.

Извештајот на Вилијамсон беше критички репер. Тој, пред речиси четири години, го информираше светот дека има доволно докази за да се поднесат обвиненија.

Сепак, меѓународната заедница сметаше дека не постои суд пред кој Вилијамсон може да ги поднесе овие обвиненија. Имено, МКТЈ полека се затвораше и тој немаше соодветна надлежност да ги гони злосторствата што беа извршени по првата половина на 1999 година, кога заврши војната. А и ЕУЛЕКС не беше изборот, во однос на новиот суд.

Дали е оправдано ова губење на доверба во ЕУЛЕКС, е многу дискутабилно прашање. Всушност, од моја гледна точка, иако е далеку од совршена мисија, ЕУЛЕКС покажа дека е способен да се соочи со многу тешки случаи, и пред, и по извештајот на Вилијамсон од 2014 година, вклучувајќи ги и воените злосторства. Еден од најновите примери за тоа е случајот со Дреничката група.

Сепак, губењето на довербата во ЕУЛЕКС, беше движечката сила во донесувањето на одлуката.

Проблем што често се споменуваше во наводите со кои се оправдуваше потребата од формирање на нов суд, а кој нема да го минимизирам, е заплашувањето на сведоците и недостигот на ефективни програми за нивна заштита.

Ова и самиот лично го искусив во случајот Лимај, кога клучниот сведок на обвинителството, кој беше во програмата за заштита на сведоци, пред почетокот на судскиот процес, се самоуби во Германија,; веројатно како чин на очај за да го заштити неговото семејство.

Но, овој проблем не се однесува само на ЕУЛЕКС, тој му создаде голема загриженост и на Хашкиот трибунал, чие седиште беше далеку, во Хаг, како и новиот суд.

Одличен пример за ова е првото ослободување на Рамуш Харадинај. И Вилијамсон беше кристално јасен, дека ова, во текот на неговата истрага во Брисел, му претставувало голем проблем.

Заплашувањето на сведоците е факт во Косово и тоа ќе продолжи да се случува без оглед на локацијата на судот. Бескрајното одложување само го влошува овој проблем.

Безбедноста за време на одржувањето на високопрофилираните судските постапки може да биде уште една причина за загриженост. Имено, во Косово, судењата на осомничените припадници на ОВК, како што и самиот знам од лично искуство, обично повлекува маса нивни поддржувачи, како во, така и надвор од судницата.

Сепак, со големи безбедносни мерки, судењата секогаш сме ги завршувале без сериозни инциденти. Тивкиот амбиент во Хаг можеби е посакуван, но не и неопходен.

Бројот на ослободителни пресуди, нивното поништување и повлекување, исто така, може да биде причина за загриженост. Иако е често фрустрирачки, ова е во природата на овој процес и нема да изостане ниту во новиот суд.

Во средината на 2015 година, под интензивен меѓународен притисок, косовското Собрание, во втор обид, ги усвои измените на уставот со кои се овозможи формирањето на новиот суд. Беше усвоен и закон за негово основање, според кој судот ќе функционира во рамките на косовскиот правосуден систем, исто како и ЕУЛЕКС, но ќе се наоѓа некаде надвор од Косово – во паралелен универзум.

Потоа започна болниот бирократски процес. Беше неопходно да се најде земја домаќин во која ќе биде седиштето на судот, со соодветни судски објекти; да се склучат меѓународни договори со таа земја; да се ангажираат судии, правни лица, преведувачи, судски персонал, лица кои ќе вршат обезбедување, компјутерски експерти и слично; да се развие програма за заштита на сведоците; да се изработи судски правилник за постапка и докази и да се завршат безброј други детали.

Со други зборови, да се создаде целосно независен судски систем со високи трошоци, во суштина – слика во огледалото на правната компонента на ЕУЛЕКС. За сето ова беа потребни уште две години и милиони евра.

Кога судот конечно се отвори пред девет месеци, се очекуваше дека Специјализираното обвинителство, предводено од Американецот Дејвид Швендиман како главен обвинител, веднаш ќе поднесе обвиненија.

Но, обвинителството до денес не поднесе ниту едно, иако во 2014 година Вилијамс изјави дека има доволно докази за поднесување на обвиненија. Се плашам дека ова одложување од 2014 година, па наваму, предизвика проблеми во подготовката на случаите, како што е исчезнувањето на сведоците.

А потоа, минатиот месец, Швендимен неочекувано објави дека ќе поднесе оставка, која стапува на сила на 31 март. Ова може да предизвика дополнително одложување, а најновите случувања сигурно не укажуваат на друга опција.

Судиите на Специјализираните совети на Косово, на 15 и на 16 март, од своите матични држави допатуваа во Хаг, за да присуствуваат на пленарна седница. Во соопштението на судот се вели дека на седницата судиите биле „информирани за активностите што ги спровел Секретаријатот во изминатата година, за да може да се продолжи со ефективното спроведување на мандатот на Специјализираните совети. Во дискусиите што беа водени, судиите се фокусираа на спроведувањето на претстојните планови“.

Сето ова е добро и убаво, но не се спомнува кога судот ќе почне да го исполнува својот мандат.

Ако ги оставиме на страна семејствата на жртвите и оние кои ги поддржуваат, судот во голема мера е непожелен во Косово. Долгорочното одложување само додаде масло на огнот и дозволи да еруптираат про-ОВК чувствата.

На крајот од декември минатата година, Здружението на ветераните на ОВК поднесе иницијатива до Собранието, за распуштање на судот, која што беше поддржана од голем број водечки политичари во Косово, вклучувајќи и некои кои би можеле да бидат обвинети.

Оваа стратегија наиде на остра реакција на САД и на другите западни земји и таа може повторно да се актуелизира во секое време, особено ако бидат поднесени обвиненија против популарни воени херои.

А кога обвиненијата ќе се поднесат, можеме да очекуваме долг и тежок пат. Сè е ново и нетестирано во Специјализираните совети, вклучувајќи ги и судиите и другиот персонал. Речиси е сигурно дека обвинетите ќе ја оспорат легитимноста на судот, но легитимитетот немаше да биде проблем, доколку обвиненијата беа поднесени до ЕУЛЕКС.

Одговорноста за злосторствата на припадниците на ОВК и правдата за жртвите и нивните семејства се важни цели на меѓународното право, кои никогаш не можат да се заборават.

Но, со текот на времето, сè потешко е да се постигнат овие цели, како што гледаме и самите. Сведоците умираат или исчезнуваат, сведоците забораваат, сведоците примаат закани или ги убиваат, членови на семејствата умираат, сторителите умираат или исчезнуваат, клучните вработени во судот поднесуваат оставка, доказите се губат, сведоштвата се менуваат.

Помина речиси десет години откако Карла дел Понте ги обелодени своите наводи, повеќе од шест години од извештајот на Дик Марти, речиси четири години од извештајот на Клинт Вилијамсон, две и пол години откако Собранието на Косово го одобри судот и девет месеци – а броиме и понатаму – откако судот стана оперативен.

Неактивноста го прави овој суд – дух, барем во смисла на неговата основна функција, а то е судењето на предметите.

Да беа обвиненијата во 2014 година поднесени до ЕУЛЕКС, кога Вилијамсон имаше доволно докази за да го стори тоа, предметите до сега ќе беа речиси завршени. Наместо тоа, жртвите и нивните семејства сѐ уште чекаат и се надеваат на правда.

Судијата Дин Б. Пинелис дипломирал на Универзитетот Браун, на Правниот факултет на Универзитетот во Бостон и на факултетот Кенеди на Универзитетот во Харвард. Освен во Косово, тој има долгогодишно искуство со владеење на правото и во Русија, Казахстан и Грузија.

Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.