Регион

Судот гo отфрли клучниот доказ во случајот Ќурувија

Филип Рудиќ, Белград

Славко Ќурувија. Фото: Фондација „Славко Ќурувија“

Вишиот суд во Белград, во вторник ги отфрли како доказ белешките кои што содржат информации за движењето и комуникациите на обвинетите за убиство на Славко Ќурувија, со образложение дека се прибавени незаконски.

Со оваа одлука беше потврдена претходната одлука што беше донесена во април оваа година, а која во мај, Апелацискиот суд ја укина и му ја врати на Вишиот суд на повторно разгледување.

„Зошто судскиот совет донесе идентична одлука која што Апелацискиот суд ја поништи? Одлуката е бизарна“, изјави Никола Баровиќ, адвокат на невенчаната сопруга на Ќурувија, Бранка Прпа.

Обвинителството има право на жалба на оваа одлука.

Судењето за убиството на Ќурувија започна во 2015 година, 16 години по неговото убиство, кое наводно, било извршено, бидејќи Ќурувија бил опонент на тогашниот југословенски претседател, Слободан Милошевиќ.

Според обвинението, во случајот Ќурувија, „непознато лице“ го наредило убиството, Радомир Марковиќ, поранешен началник на ДБ го поддржал злосторството, додека тројца припадници на ДБ, Ратко Ромиќ, Милан Радоњиќ и Мирослав Курак, учествувале во организацијата и извршувањето на убиството.

Обвинителството тврди дека Курак бил директен извршител, а Ромиќ негов соучесник.

Тројцата обвинети изјавија дека не се виновни, додека обвинетиот Курак е во бегство и нему му се суди во отсуство.

Марковиќ моментно отслужува казна од 40 години затвор за убиство на поранешниот српски претседател, Иван Стамболиќ, и за други кривични дела, а Ромиќ и Радоњиќ во септември минатата година беа ослободени од обвинението за обид за убиство на Вук Драшковиќ, лидер на опозициска партија.