Филип Рудиќ | БИРН | Белград
Апелацискиот суд за прекршоци во Нови Сад, ја потврди пресудата со која осум активисти на Младинската иницијатива за човекови права (МИЧП) беа осудени за кршење на законот, бидејќи свиреа со свирчиња за време на говорот на Веселин Шљиванчанин, на настан организиран од страна на владејачката Српска напредна партија (СНП) во јануари минатата година, објави оваа невладина организација.
„Осудените активисти ќе поднесат уставна жалба за повреда на правото на правично судење и слободата на изразување, во крајна линија ќе се обратиме и до Европскиот суд за човекови права”, се вели во соопштение за медиуми на МИЧП.
Оваа организација додаде дека во четврток ќе одржат протест во Белград против „државната поддршка за воените злосторници, военото подбуцнување, политизираното судство и репресијата над активистите за човекови права”.
Со првостепената пресуда, која Апелацискиот суд ја потврди, осумте членови на МИЧП беа казнети со парична казна од 50.000 динари, односно околу 420 евра, додека еден од нив беше ослободен. Сите деветмина беа ослободени од обвиненијата дека удирале и туркале луѓе на настанот.
Да потсетиме, на настан организиран од СНП во градот Бешка, во јануари 2017 година, активисти на МИЧП свиреа со свирчиња и развија транспарент на кој пишуваше „Воените злосторници да замолчат, за да се зборува за жртвите“, во знак на протест против говорот на поранешниот полковник на Југословенската народна армија (ЈНА), Веселин Шљиванчанин.
Активистите велат дека биле тепани на настанот и оти нивниот автомобил бил оштетен. Сепак, обвинителството ја отфрли кривичната пријава што активистите ја поднесоа против непознати сторители и наместо тоа поднесоа прекршочна пријава против нив.
Шљиванчанин служеше затворска казна за воени злосторства, откако беше осуден за помагање и поттикнување на тортура на несрпски затвореници во Вуковар во 1991 година.
По неговото враќање во Србија, Шљиванчанин е чест гостин на настаните организирани од СНП.