Регион

Судот на БиХ осуди петмина Хрвати за злосторства во Љубушки

Судењето на Ивица Краљевиќ и останатите, пред Судот на БиХ. Фото: Суд на БиХ

Адмир Муслимовиќ |БИРН| Сараево

Судот на БиХ осуди на 12 и пол години затвор петмина припадници на силите на босанските Хрвати, за злосторства над бошњачките затвореници, извршени за време на војната во БиХ, 1992-1995, во логорот во градот Љубушки, западна Херцеговина.

Иван Краљевиќ беше осуден на две години затвор, Мато Јелчиќ на една и пол, Стојан Одак на седум, а Вице Бебек и Винко Радишиќ, на по една година затвор.

Според пресудата, обвинетите, поранешни припадници на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), се виновни, затоа што затворениците ги држеле во нехумани услови, дозволиле нивна злоупотреба, им давале многу малку храна и ги воделе на присилна работа.

Краљевиќ и Јелчиќ, според пресудата, во различни периоди, од септември 1993 до март 1994 година, биле управници во логорот, кој се наоѓал во зградата на полицијата во Љубушки, во кој биле зтворени повеќе од 100 Бошњаци. Другите обвинети биле стражари.

Судијата претседавач, Јасмина Косовиќ, изјави дека обвинителството докажало дека петмината обвинети се одговорни за злосторства во логорот.

Таа посочи дека во овој објект, поради лошите хигиенски услови, се појавиле разни болести, инфекции и вошки, и дека меѓу затворениците постоел постојан страв за нивното здравје и живот.

„Повеќе од сто цивили биле незаконски притворени во објектот во Љубушки, каде што биле држани во нехумани услови, водени на принудна работа, физички и психички малтретирани, само затоа што се од друга вера“, изјави таа.

„Тие биле затворени во простории во кои имало вода и глувци. Добивале храна еднаш дневно, а своите потреби ги извршувале во кофа“, додаде Косовиќ.

Во истиот предмет, од вината беа ослободени, Славко Скендер и Милош Драган.

Во овој предмет е обвинет и поранешниот стражар, Недељко Матиќ, но постапката против него е одвоена, бидејќи тој е во бегство и по него е распишана потерница.

Судењето започна во октомври 2015 година. На оваа пресуда може да се поднесе жалба.