Радоша Милутиновиќ | БИРН | Београд
Меѓународниот суд во Хаг во четврток соопшти оти донел одлука, заради потреба од лекување, да му го продолжи престојот на привремена слобода на Станишиќ, до 30 август оваа година.
На Станишиќ повторно му се суди, заедно со оперативецот на СДБ, Франко Симатовиќ Френки, за воени злосторства извршени во периодот 1991-1995 година, над Хрватите и муслиманите.
Станишиќ, поради болест, од 21 јули 2017 година, се наоѓа на привремена слобода во Белград.
Според претходните наоди на лекарите во Хаг и во Белград, Станишиќ страда од хронична болест на дигестивниот состем и од депресија.
Судскиот совет им наложи на лекарите од белградската Воено медицинска академија, која го лекува Станишиќ, да продолжи редовно да го известува судот, за неговата здравствена состојба.
Судењето продолжува без присуството на Станишиќ.
Од 2003 година, кога за прв пат се најдоа во притворот на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ, судот во повеќе наврати ги пушти Станишиќ и Симатовиќ на привремена слобода.
Според одбраната на Станишиќ, тој поминал повеќе од шест години на привремена слобода, а повеќе од пет во притвор.
Станишиќ и Симатовиќ се обвинети за прогон, убиства, депортација и присилен трансфер на цивили, Хрвати и муслимани, за време на војните во Хрватска и во Босна и Херцеговина.
По четири точки тие се обвинети за злосторства против човештвото, а по петтата за кршење на законите и обичаите на војување.
Злосторствата за кои се обвинети Станишиќ и Симатовиќ, биле извршени, според обвинителите, во рамките на здружен злосторнички потфат, чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и муслиманите од големи делови на Хрватска и на БиХ, со цел да се постигне српска доминација.
На чело на злосторничкиот потфат, според обвинителите, бил тогашниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ.
Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја укина првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, тие се изјаснија за невини по обвинението.
Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.