Филип Рудиќ, Белград
Пред судот во Белград, сведок, Албанец од Косово, изјави дека српски војници, за време на нападот на косовското село Захач во 1999 година, убиле некои негови соседи и оти му зеле пари.
Сведокот, Сани Ука, пред Вишиот суд во Белград изјави дека за време на нападот на селото Захач, во близина на Ќушка, во мај 1999 година, српски војник во неговата штала убил тројца негови соседи, а друг му зел 1.400 тогашни германски марки.
„Дојдоа двајца војници … Едниот од нив му пријде и ми рече: ‘Само ме интересираат пари, дали имаш нешто кеш?’”, рече Ука пред судот.
Тој нагласи оти првиот војник му зел 1.400 германски марки, додека вториот внел четворица негови соседи во неговата штала, едниот го ослободил, другите ги убил, а шталата ја запалил.
Покрај овие двајца војници во неговата улица, сведокот, како што рече, видел други 15 војници во центарот на селото.
Тој посочи дека другите селани заминале кон Албанија, но српската полиција, на влезот во Пеќ, ги вратила.
Според сведокот, тие потоа заминале во Ќушка, каде што локалниот полициски командир им рекол да не го напуштат селото, сѐ додека тој не им каже.
„Слушнавме пукање и врескавме … Сфативме дека убиваат луѓе”, рече Ука.
Српското обвинителство подигна обвиненија против 11 поранешни припадници на 177 интервенциски одред на Војската на Југославија, ВЈ, за воени злосторства во косовските села Ќушка, Пављан, Захаќ и Љубениќ, извршени во пролетта 1999 година.
Обвинетите првично, во февруари 2014 година, беа осудени на вкупно 106 години затвор, но, Апелацискиот суд во 2015 ги поништи пресудите и случајот го врати на повторно судење.
Овој процес се смета за еден од најголемите поврзани со воените злосторства на Косово што досега се одвивале пред српските судови.
Судењето го следат одложувања, а сведоците одбиваат да дојдат во Белград и да сведочат.
Двајцата од обвинетите, Милојко Николиќ и Радослав Брновиќ, починаа во текот на судењето.
Следното сослушување е закажано за 27 јуни.
Во 2014 година, српското обвинителство за воени злосторства, започна истрага против Драган Живановиќ, поранешен командант на 125 бригада на ВЈ, бидејќи, наводно, не сторил ништо за да ги спречи злосторствата. Сепак, истрагата против него беше прекината.
Злосторствата во гореспоменатите четири косовски села, се обелоденети во документарниот филм на БИРН, „Неидентификувани”, во кој се открива размерот на злосторствата и командната структура на полициските и воените единици вклучени во насилствата.