Регион

Сведок од Сребреница: Младиќ им рече на Бошњаците дека „може да исчезнат“

Филип Рудиќ, Белград

Жена во Меморијалниот центар Поточари | Фото: Фехим Демир/ЕПА

Пред судот во Белград, на судењето за масакрот на Бошњаците во Сребреница, во селото Кравица, во 1995 година, сведокот изјави дека слушнала кога командантот на Војската на Република Српска (ВРС), Ратко Младиќ, им рекол на Бошњаците дека можат да исчезнат.

Сведокот, Салиха Османовиќ, пред Вишиот суд во Белград, изјави дека Ратко Младиќ, на неа и на другите Бошњаци, кои биле собрани во Поточари, во близина на Сребреница, по падот на овој град во рацете на силите на босанските Срби, им рекол дека „можат да преживеат или да исчезнат“.

Откако ВРС ја окупирала Сребреница на 11 јули 1995 година, сопругот на Салиха, Рамо, и нејзиниот син, Нермин, се обиделе пеш да стигнат до Тузла, која била под контрола на босанската армија, но биле заробени.

Живи повеќе не ги видела. Подоцна таа го препознала својот сопруг на една видео-снимка направена веднаш по неговото заробување, на која тој го вика нивниот син Нермин, да им се предаде на „Србите“.

Рамо Османовиќ бил убиен во еден магацин во селото Кравица – еден од многуте масакри извршени од силите на босанските Срби, во кои беа убиени над 7.000 мажи и момчиња муслимани.

На осум поранешни припадници на специјалната бригада на полицијата на Република Српска, им се суди за злосторства против цивилното население извршени во селото Кравица на 14 јули 1995 година.

Недељко Милидраговиќ, Алекса Голијанин, Миливоје Батиница, Александар Дачевиќ, Бора Милетиќ, Јован Петровиќ, Драгомир Паровиќ и Видосав Васиќ, се обвинети дека учествувале во организирање и стрелање на повеќе од 1.300 бошњачки цивили на фармата во селото Кравица.

Обвинителството на Србија ги обвини во 2015 година, но судењето започна во февруари 2017 година, бидејќи беше проследено со одложувања.

Пред сведочењето на Османовиќ, обвинителството најави дека и натаму ќе бара, заштитениот сведок, кој претходно се повлече од судењето поради закани и влошено здравје, да сведочи.

Имено, заштитениот сведок 301, пријавил во Министерството за внатрешни работи на Србија, дека во ноември и декември 2017 година, по телефон добил закани по живот, од непознати мажи.

Според неговата изјава, што ја прочита претседателот на судскиот совет, сведокот 301 сметал дека судот и обвинителството за воени злосторства го „изневериле“, бидејќи му ветиле дека никој нема да ги дознае неговите лични податоци.

Заменикот обвинител за воени злосторства на Србија, Бруно Векариќ, пред судот изјави дека обвинителството контактирало со полицијата во врска со ова прашање, но дека сака судот да го слушне исказот на сведокот 301.

Следното сослушување е закажано за во среда.