Регион

Сведок: Станишиќ беше „командант” на побунетите Срби во Хрватска

Радоша Милутиновиќ, Белград
 

Јовица Станишиќ во судница. Фото: ММКТ

Заштитениот сведок на обвинителството, на судењето на Јовица Станишиќ пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, изјави дека во 1991 година, во Книн, тогашниот министер на полицијата на САО Краина, Милан Мартиќ, го претставил Станишиќ како свој „вистински и единствен командант”.

Сведокот РФЈ-144 рече дека Станишиќ го видел во кампот за обука на специјалната полиција на САО Краина во Голубиќ, во близина на Книн.

На средбата со командантите на сите полициски станици во САО Краина, според сведокот, Мартиќ рекол: „Ова е мојот вистински и единствен командант, Јовица Станишиќ Леден”.

Станишиќ, поранешен шеф на СДБ на Србија, и неговиот помошник, Франко Симатовиќ, се обвинети за учество во здружен злосторнички потфат, чија цел била насилно и трајно отстранување на Хрватите и муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на Босна и Херцеговина, со цел нивно спојување во обединета српска држава.

Мартиќ, во 2008 година, во Хашкиот трибунал беше осуден на 35 години затвор, за прогон на Хрватите од Книнска краина.

РФЈ-144 рече дека паравојската на Жељко Ражнатовиќ Аркан, која во 1992 година оперирала во САО Славонија, Барања и Западен Срем, „ги убивала своите затвореници”.

На прашањето, кога Ражнатовиќ „одлучил сите заробени Хрватите да бидат убиени”, сведокот одговори: „Не знам, само знам дека во неговата единица немаше затвореници … Одеа гради в гради и ги убиваа сите”.

Според обвинението, паравојската на Ражнатовиќ, како единица на СДВ на Србија, извршила бројни злосторства во Хрватска и во БиХ.

Додека вкрстено го испрашуваше бранителот на Станишиќ, РФЈ-144 рече дека Станишиќ, за време на средбата во Голубиќ, на командантите на полицијата им се обратил „како татко на свои деца”.

Сведокот потоа ја прифати сугестијата на бранителот дека говорот на Станишиќ бил „татковско охрабрување”, а не „издавање на наредби”.

Запрашан колку добро го познава Мартиќ, РФЈ-144 одговори: „Обично го гледав на состаноците со Слободан Милошевиќ и на седниците на собранието. Не го познавав толку добро“.

Судењето продолжува.