С-1 сведочеше дека на 3 јули 1992 година, била заробена и донесена во средното училиште во Фоча, каде што секоја вечер, помлади девојки и жени, во групи или индивидуално, биле силувани во една училница.
Се присети на војникот Драган Зеленовиќ, кој неа и уште две други жени, исто така, сведоци во овој предмет, С-4 и С-11, ги изнел надвор од училиштето.
Првиот пат, како што рече, Зеленовиќ ги однел во стан во зградата позната под називот „Лепа Брена“, каде што ги дочекале други војници. Меѓу нив таа го препознала лицето чиј прекар бил Личи, кого го знаела од претходно.
„Прво почнаа да ни се потсмеваат, да се изживуваат и да нѐ понижуваат … Зеленовиќ ја зеде С-4, а мене Мики Живановиќ и Личи ме силуваа во станот“, рече С-1.
„Останавме таму три до четири часа, а потоа нѐ вратија. Толку многу плачев, што крв ми потече низ носот. Со ноќи и со денови си ја кубев косата“, рече таа.
Таа додаде дека по одредено време, заедно со С-4 и С-11 биле однесени во една куќа во селото Долно поле, во близина на Фоча.
Според нејзините зборови, Личи ја однел С-11 во бањата и таму ја силувал.
Миломир Давидовиќ, познат како Личи, поранешен припадник на ВРС, е обвинет за злосторство против човештвото извршено во Фоча.
Според обвинението, на неодреден датум, помеѓу 3 и 18 јули 1992 година, во средното училиште во Фоча, војникот Драган Зеленовиќ ги зел С-1 и С-4, ги однел во стан во зградата „Лепа Брена“, каде што обвинетиот, заедно со други војници, ги силувал.
Во истиот временски период, според втората точка од обвинението, С-1, С-4 и уште едно женско лице од бошњачка националност, биле одведени во напуштена куќа во населбата Долно Поле, каде што Давидовиќ и други војници сексуално ги злоупотребувале.
Зеленовиќ, пред Хашкиот трибунал, се изјасни за виновен за силување и мачење на затворенички од бошњачка националност во Фоча во 1992 година, по што беше осуден на 15 години затвор.
Судењето продолжува на 4 април.