Хрватска невладина организација, побара од Европскиот суд за човекови права, да донесе одлука во врска со одбивањето на Владата во Загреб, да објави информации за договорот за правно застапување на генералите, Младен Маркач и Анте Готовина, во жалбениот процес што се водеше пред Хашкиот трибунал.
Од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), за БИРН потврдија дека барањето, е поднесено на 7 јуни минатата година, а Владата на Хрватска во врска со ова е контактирана на 23 мај оваа година.
Невладината организација што го поднесе барањето, ГОНГ, се обиде во 2013 година од Владата да добие копија од договорот со американската адвокатска фирма, Патон Богс, за правно застапување на Маркач и Готовина, во постапката што по нивната жалба, се водеше пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг.
„Тоа е договор што хрватските даночни обврзници ги чинеше околу 10 милиони куни (околу 1,35 милиони евра)”, стои на веб-страницата на ГОНГ, каде што се додава оти договорот го има на веб-страницата на Министерството за правда на САД.
Маркач и Готовина, во 2012 година, беа ослободени од обвиненијата за воени злосторства извршени врз Срби, за време на операцијата на хрватската војска, „Бура“. Со оваа пресуда беа поништени сите претходни.
Oдлуката на ГОНГ да поднесе жалба до ЕСЧП се случи откако хрватскиот Уставен суд, во 2017 година, пресуди дека хрватската влада има право за доверливи да ги смета информациите за цената на услугите на Патон Богс.
Од ГОНГ соопштија дека со одбивањето на Владата да го објави договорот, е прекршено нивното право на пристап до информациите од јавен интерес.
Тие, исто така, истакнаа оти немале правично сослушување пред хрватските судови, поради што случајот не бил правилно проценет, а главните факти и правни аргументи не биле соодветно разгледани.
ГОНГ додава оти од суштинско значење е да се донесе конечна судска одлука за ова прашање, со цел хрватската пракса да се усогласи со Европската конвенција за човекови права.
„Овој случај, да се потсетиме, е индикатор за моќта на Владата – без никаква контрола од страна на граѓаните или судовите – го класифицира како тајна она што смета дека е ‘од витален интерес за Република Хрватска’“, велат од ГОНГ за БИРН.
ЕСЧП посочи дека ГОНГ и хрватската Влада имаат рок до 16 септември оваа година „да ја разгледаат можноста за пријателско решавање на случајот”.
„Идната процедура ќе биде одредена во зависност од исходот од тие преговори”, ни одговорија од прес-службата на ЕСЧП.