Портрет

Талат Џафери – Премиер со големо „А“

Портрет на новиот претседател на Владата

Талат Џафери, од вчера попладне е новиот македонски премиер. Неговата инаугурација е последниот чин од псе-јо договорот меѓу Заев и Ахмети, кој зацрта етничко претапацирање на премиерското столче на крајот од мандатот.

Џафери денес носи исклучиво сакоа и вратоврски, меѓутоа се чини дека годините во маскирна униформа ги предодредиле неговите карактер и однесување. Како 15-годишно момче заминал во Белград да учи воена гимназија и таму продолжил на соодветната академија. Како офицер служел на повеќе места низ поранешна Југославија.

Седум години од највисоката позиција во парламентот го наметнуваше принципот „ред, рад и дисциплина“.

Невообичаено строг беше кон пратениците од мнозинството и јавно ги прекоруваше дека мора да им нацрта зошто е важен кворумот. Исклучително дрзок беше со провокаторите од опозицијата.

„Не мафтај со прст да не ти биде скршен“, му порача на пратеникот Димитар Апасиев при една од нивните препознатливи расправии што се вратат како „рилсови“ по социјалните мрежи.

Претседателот Стево Пендаровски во јануари 2024 му го врачи премиерскиот мандат на поранешниот претседател на Собранието Талат Џафери

Шефот на државата Пендаровски со мандатарот Џафери | Фото: Претседател на СРМ

Протече и тајна снимка од која разбравме дека со собраниските службеници знаел да се однесува и како десетар кон војници-гуштери, вулгарно да ги навредува.

Од друга страна, нему му се припишува придобивката Собранието да располага со свој буџет, унапредувањето на дел од вработените и подобрените меѓучовечки односи низ ходниците.

„Доаѓа на работа во 15 до 9, можеш часовник да наместиш по него“, вели вработен во законодавниот дом.

На телевизиските дебати знаел да го повиши тонот кога го опишувале како „мајстор на игрите отаде Деловникот“. Во таквите разговори секогаш се обидуваше да преземе иницијатива со препознатливото: „Полека, полека“.

„Не сум на предавање“, вака ѝ реплицираше на новинарката што му ги деконструираше деловничките гимнастики со референдумите за францускиот предлог и користењето на јазиците во законодавниот дом.

Анегдотски се раскажува дека на приеми пред поширока публика објаснувал како подучувал министри од ДУИ со лекции од југословенската армија.

„Јас сум учел пропаганда во ЈНА, не е пропаганда ова што го правите со постови на Фејсбук“, се подбивал со помлад сопартиец на висока позиција.

Крутиот војнички став не го напушташе ниту во ретките магазински интервјуа.

Сувопарно, како да расправа за здодевна алинеја, ѝ одговараше на младата водителка на едно телевизиско шоу. Таа го прашуваше што е она што може да го насмее, а што го прави тажен. Каква музика слуша и дали е среќен.

„Вообичаено секогаш сум среќен“, студено ѝ одговори тој.

Круна на политичката кариера?

Премиерот Талат Џафери во македонското Собрание

Талат Џафери на вчерашната седница во улога на мандатар | Фото: Собрание на РСМ

Иако Талат Џафери, половина од мандатарскиот говор вчера го прочита на македонски јазик, многумина меѓу Македонците сè уште во него препознаваат албански националист и популист.

Не му го забораваат пребегот од АРМ во 116-та бригада на ОНА, поклонувањето пред споменикот во Слупчане како министер за одбрана и говорот на албански, претставувајќи ја Македонија во Брисел од позиција на собраниски претседател.

На листата националистички фаули, со црвено му е подвлечен и тивкиот филибастеринг против Законот за бранителите во 2001.

„Со комбинирано молчење и читање поезија од Ацо Шопов, Џафери го продолжи маратонскиот настап пред собраниската комисија, каде што на дневен ред е предлог-законот“, известуваа медиумите во 2012 година.

Џафери никогаш не бил во прв план, во таборските битки во ДУИ. Важел за внимателен соговорник што не се впушта во озборувања, нешто што е омилена дисциплина меѓу македонските политичари.

„Не ги озборува ниту најлутите противници“, велат тие што имале личен однос со популарниот Таљо.

Не го препознаваат ниту како политички идеолог и промислител, туку повеќе како партиска категорија сама за себе.

Албанци му забележуваат за ЈНА

Противниците од албанскиот политички блок, некои од кои вчера гласаа за Албанец премиер, со децении цртаа сосема поинаква слика за Џафери. Офицерската кариера во ЈНА му ја користеа како доказ дека во поранешниот систем, кој „ги толчел Албанците“, работел против интересите на сонародниците како „контраразузнавач соработник под псевдонимот Тале“.

Критичката јавност со подобра меморија го сместува во категоријата на оние што по потреба се поставувале во улога на истурени играчи за теснопартиските интереси на Мала Речица во Собранието и надвор од него.

Впрочем, бурното предизборие во 2008 година го чинеше седумдневен притвор и условна затворска казна од шест месеци, кога тој и други приврзаници на ДУИ во Тетово протестирале за слобода на тројца нивни сопартијци. Во метежот биле нападнати двајца полицајци и оштетени две службени возила.

„За овој инцидент беа обвинети 10 лица, меѓу кои и пратеникот Талат Џафери“, пишуваа весниците.

За време на политичката криза во 2015 година, заедно со Крсто Мукоски, предложија контроверзен закон што предвидуваше прислушуваните материјали да не се користат во судница. Коалициските партнери од СДСМ го обвинуваа и за неуспешната операција да се одземе пратеничкиот имунитет на Трајко Вељановски по априлскиот упад во Собранието.

Денес му се припишува „заслуга“ и за измените на Кривичниот законик што ги урнаа повеќето предмети на СЈО.

Медиумите и опозицијата шпекулираа дека Груевски и нему му испратил плико со УСБ, на кое биле поместени амнестирачките амандмани, придружено со извинување за непријатната случка кога експремиерот го поли со вода.

„Не ме потури со киселина“, наводно, со овие зборови новиот премиер му простил на стариот.

Точното времетраење на мандатот на премиерот Талат Џафери ќе зависи од тоа колку бргу ќе се состави новиот владин кабинет по изборите. Во кратката историја на пржинските влади, и Емил Димитриев, и Оливер Спасовски истераа мандати подолги од зацртаните 100 дена. Првиот ја водеше владата година и пол, а вториот шест месеци.

На шега, некои од познавачите на Талат, воениот дух делумно му го припишуваат и на хороскопскиот знак. Наводно, овните во хороскоп биле предодредени за офицери и за полицајци. Тој, во март, ќе полни 62 години и затоа некои тука гледаат дека премиерското место ќе биде крај на неговата политичка кариера.

„Не го личи да биде пратеник или министер откако бил премиер“, предвидува висок функционер во ДУИ.