Вести

Телеком веќе не е должен да дава информации од јавен карактер

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Законската промена од 2010 е ефектурирана дури пред една недела / Фото: БИРН

Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер пред една недела го избришала Македонски телеком од листата на иматели на информации од јавен карактер, на барање на овој телекомуникациски оператор.

И Комисијата и Телекомот за БИРН објаснија дека ова се должи на тоа што во 2010 година се променил законот и оттогаш телекомуникациските компании не потпаѓаат под дефиницијата на иматели на информации од јавен карактер и следствено на тоа не се должни да одговараат на ваквите барања.

Затоа на седницата одржана на 10 мај годинава комисијата од оваа листа ги отстранила Македонски телеком и вториот мобилен оператор во државава, ВИП.

Останува нејасно зошто уште во 2010 комисијата не ги отстранила телекомуникациските компании, бидејќи законот вели дека ова тело еднаш годишно објавува листа на иматели на информации. Дополнително, до многу скоро, до февруари годинава и Македонски телеком на својата веб-страницата ги имаше објавено видот на податоци што може да се добијат преку барање за слободен пристап.

Денеска тој список не е достапен.

Од коренспонденцијата со Комисијата сфативме дека најверојатно некоја странка побарала информација од јавен карактер токму од Македонски телеком, компанијата не ѝ ја доставила и како што налага процедурата странката се жалела до Комисијата.

Комисијата во посредувањето побарала одговор од Телекомот зошто не доставува информација и компанијата потсетила дека законски не е веќе должна тоа да го прави и побарала да биде избришана од листата.

Засега не е познато каква информација се барала од Македонски телеком што компанијата дури по седум години се повикува на законските измени донесени 2010 година и во мај годинава се иззема од обврската на неа да одговори.

Информациите од јавен карактер со коишто до промената на законот располагаше Македонски телеком и ги нудеше преку слободен пристап до информации се статутот на компанијата, листата на менаџерскиот тим, финансиските извештаи, ценовникот и други.

Од ВИП, пак, не ја коментираат одлуката на Комисијата, бидејќи таа официјално сè уште не им пристигнала.