Истражувањa

Тест на толеранција: Радикализацијата предизвик за Албанија

Дали долгата традиција на верски соживот е доведена во прашање по појавата на една гранка на исламот која е отворено непријателска кон другите вери?

Пишува: Владимир Карај Гурас – Куќан, Приштина и Берн

Во селото Гурас, во близина на албанската граница со Македонија, семејството Горовеци живее во стара еднокатна куќа полна со цвеќиња во саксии. Куќата е опкружена со лозја, кои ги одгледува семејството за правење вино и ракија.

Членовите на семејството Горовеци се декларираат како муслимани, иако само еден од нив пости за време на Рамазан. Една од нивните снаи, Полиеда е православна христијанка, но тие срдечно ја примиле во нивното семејство.

„Ние ги славиме Велигден и Божиќ со сватовите, а тие ни ги возвраќаат посетите за Еид”, вели Неврес Горовеци, 52-годишна мајка на два сина, седејќи во градината еден сончев ден. За да го докаже тоа, таа посегнува по три тврдо варени, обоени велигденски јајца, две зелени и едно црвено. Семејството на Полиеда ѝ ги дало јајцата минатиот Велигден, а традицијата вели дека таа треба да ги чува до истиот празник следната година.

Не е невообичаено во Албанија за членовите на едно семејство да имаат различни вери, и меѓусебно да си ги прославуваат верските празници. Ова е одраз на долгата традиција на верски соживот во земјата во која има муслиманско мнозинство, но и голема популација на православни христијани и католици.

Таа традиција е една од причините зошто папата Францис ја избра Албанија како своја прва европска дестинација надвор од Италија во септември 2014 година. Тој ја опишал верската толеранција во Албанија како „богатство” што треба да се заштити и одржал неделна миса пред 300.000 луѓе, многумина од нив муслимани.

Неврес Горовеци пред нејзиниот дом во селото Гурас, со велигденските јајца кои и ги дале родителите на нејзината снаа. Фото: Владимир Карај

Неврес Горовеци пред нејзиниот дом во селото Гурас, со велигденските јајца кои и ги дале родителите на нејзината снаа. Фото: Владимир Карај

Уште еден знак за добрите односи меѓу религиите можел да се види во јануари оваа година. Четири високи свештеници од главните религии во Албанија – суниските муслимани, католици, православни христијани и бекташите, исламистичко мистичнo движење – оделе рака под рака за време на меморијалниот марш во Париз по нападите на сатиричното списание „Шарли Ебдо“.

Но, оваа традиција на соживот се соочува со предизвик по подемот на една нетолерантна гранка на исламот што се појавил меѓу неколкумина Албанци, кои дури отпатувале во Сирија и Ирак да се борат за ИСИС, исламистичката милитантна група која контролира делови од двете земји.

Досега, тензиите покренати од радикализацијата во Албанија биле ограничени на навредливи онлајн дебати, при што некои Албанци го осудувале покажувањето на муслиманскиот идентитет, а други, ги обвинувале дека не ја разбираат исламската вера.

Но, аналитичарите предупредуваат дека ако Албанија не се фати во костец со нетолерантната реторика од сите страни, тоа би можело да доведе до поголема поларизација.

„Фокусирајќи се само на екстремистичките сегменти во внатрешноста на муслиманската заедница се одвлекува вниманието на јавноста од сѐ пораспространетиот феномен на исламофобијата”, вели Елтон Хатиби, стручњак за религиозна историја и култура.

Бесник Синани, друг познавач и автор на текстови за религијата, вели дека верската толеранција не е „нешто статично”, туку треба да и се посветува редовно внимание за да се одржи. Тој вели дека Албанија треба да создаде „нова визија на взаемно почитување помеѓу верските заедници”.

„Кршење на забите на неверниците“

Иследниците се сомневаат дека четворица возрасни од семејството Горовеци од селото Гурас заминале во областа контролирана од ИСИС, вклучувајќи и еден маж и жена заедно со нивните три деца, се вели во полицискиот извештај доставен до обвинителите со ознаката „тајна”.

Во документот се вели дека еден од возрасните бил помладиот син на Неврес Горовици, Таулант, 28-годишен невработен дипломиран економист. Тој негира дека припаѓа на ИСИС, и вели дека никогаш не бил во Сирија и се жали дека полицијата го следи.

„Во полицискиот компјутерски систем под моето име, со црвени букви пишува ’опасен’”, вели тој со потсмев додека со прсти поминува низ брадата.

Религијата низ статистика?
Сѐ додека длабоко не навлеговме во 21-от век, податоците од пописот од 1923 година, биле единствената, иако не сосема веродостојна статистика во врска со религиозните верувања на Албанците. Но, дури и анкетите спроведени во изминатите неколку години, не успеале да ја решат дилемата во врска со големината на различни религии. Пописот од 1923 година покажал дека 68,.6 отсто од населението биле муслимани, 21 отсто биле православни христијани и 10.4 проценти биле католици. (Бекташите, исламско мистично движење, во тоа време биле сметани како дел од вкупниот број муслимани наместо да се сметаат како посебна религиозна група.) Пописот од 1923 имал многу ограничувања, како што се вели во анализата на невладината организација open.data.al. Биле прифатени само неколку категории на верска припадност, што значи дека некои други религии за кои е познато дека постоеле во Албанија, во тоа време не биле попишани. Албанците, исто така, тогаш ја гледале религијата поинаку. Под Отоманската империја, чие што долгогодишно владеење со Албанија завршило само една деценија претходно, религиозната припадност имала правни импликации. Христијаните имале различни обврски од муслиманите во однос на даноците и на воениот рок, на пример. Сепак, статистиката издржала многу децении – во голем дел, бидејќи комунистичката диктатура која владеела по Втората светска војна не била заинтересирана за мерење на големината на религиозните групи. Биле забранети верските обреди и Албанија била прогласена за првата атеистичка држава во светот. Религиите повторно биле дозволени од ноември 1990 година, кога режимот почнал да се руши, но дури во 2011 година прашањето за религијата било вклучено во националниот попис на населението, што довело до некои изненадувачки резултати.Според овој попис, муслиманите сочинувале 56.7 отсто од населението, а бекташите 2.1 отсто. Целокупниот број на муслимани бил 58.9 отсто што е речиси 10 процентни поени понизок отколку при пописот од 1923 година. Православните христијани изнесувале 6.7 отсто од населението, бројка што е за 14 поени пониска отколку во 1923 година. Католиците биле единствената голема група чија големина изгледа дека останала константна на околу 10 отсто. Околу 5.5 отсто од луѓето изјавиле дека биле верници без деноминација, а 13.7 проценти не одговориле на прашањето. Само 2.5 отсто се изјасниле дека се атеисти, бројка што многумина очекувале да биде многу повисока, по децениите на владеење на комунизмот. Различните верски групи се жалеле на начинот на кој бил спроведен пописот. Православната црква ги прогласила резултатите „за целосно невистинити и неприфатливи”. Во анкетата на нејзините верници во декември 2012 година, според црквата, повеќе од 65 отсто рекле дека не биле посетени од анкетарите за време на пописот или пак не им било поставено прашање за религијата. Црквата тврди дека нејзините следбеници претставуваат 24 проценти од населението. За да се зголеми конфузијата и контроверзноста, анкетата спроведена за еден академски проект од страна на компанијата за спроведување истражување Ипсос, истата година како и пописот, покажала различни резултати. Се покажало дека 59.2 отсто од Албанците се декларирале како муслимани, а дополнителни 7.7 проценти рекле дека се бекташи, а 0.7 отсто се идентификувале како шиити. Нешто повеќе од 17 отсто од луѓето се дефинирале како православни христијани, а 5.7 отсто рекле дека се католици. Ниту пописот, ниту пак анкетата на Ипсос не даваат информации за бројот на бракови меѓу луѓето од различни религии. / Извори: open.data.al, Институт за статистика на Албанија (ИНСТАТ), Ипсос

Таулант вели дека една недела престојувал во турскиот град Адана – околу 120 километри од границата со Сирија, само за да добие работа, која конкретно не ја опишува. Но, тој го поддржува калифатот прогласен од страна на ИСИС во Сирија и Ирак.

„Калифатот е добра работа за животот на луѓето од муслиманска вероисповед,” вели тој, седејќи во пицеријата „Данте“ во селото Тушемиште, на брегот од Охридското Езеро, до кое се стигнува со велосипед од неговиот семеен дом.

Запрашан во врска со ужасното погубување на ИСИС на јорданскиот воен пилот, кој бил запален во кафез на почетокот од 2015 година, Таулант вели дека пилотот „не фрлал баш бонбони”.

Истрагата, што го идентификувала Таулант и другите како симпатизери на ИСИС заклучила дека околу 90 Албанци, меѓу кои над 20 малолетници, патувале во Сирија. Најмалку 13 од нив загинале во војната таму.

Како дел од истрагата, во март 2014 година, Судот за сериозни кривични дела во Тирана наредил апсење на 13 лица, меѓу кои и двајца самопрогласени имами, Бујар Хиса и Генци Бала, обвинети за регрутирање десетици џихадисти да се борат во Сирија.

Според обвинението против него, во една тајно снимена верска служба, Хиса на 21 февруари, 2014 година рекол: „Многу скоро на овој свет ќе дојде ден, ако даде Алах… да им се скршат забите на неверниците, кои премногу нѐ угнетуваа”.

Таквата реторика е релативно нова појава во Албанија, каде што муслиманите, традиционално следеле поблаг и потолерантен вид на Ислам. Верскиот идентитет во Албанија, исто така, долго време се сметал за секундарен на националниот идентитет. Ова е во спротивност со некои други балкански држави каде што религијата и националниот идентитет се тесно преплетени.

„Доминантниот дискурс на албанскиот национализам го минимизираше значењето на местото на религијата во албанското општество”, вели Натали Клејер, професор во Школата за напредни студии по општествени науки во Париз, која е експерт за албанската историја.

Во средината на деветнаесеттиот век, основоположниците на албанскиот национализам сакале да изградат општество насочено кон етничката припадност и јазикот, иако во нивните редови имало и свештеници.

Една од главните фигури во ова движење бил Пашко Васа, кој го напишал еден од првите романи со албанска тематика „Барда од Темал“, за една трагична љубовна врска меѓу жена муслиманка и маж католик во градот Скадар за време на отоманската ера.

Католик од Скадар кој служел како османлиски управник во Либан, Васа, исто така напишал стих во една поема што станала клише: „Религијата на Албанците е албанизам”. Фразата ја сумира идејата дека албанскиот идентитет е пред самата нација.

Уапсените во 2014 година, не ја кријат својата омраза кон оваа идеја. Во една од неговите снимени служби, Бујар Хиса жестоко ги напаѓал Албанците „неверници“. „Тие го имаат вградено духот на национализмот кај имамите”, се жали тој.

Хоџа ја забрани религијата

По Втората светска војна, под комунистичко-националистичката диктатура на Енвер Хоџа, Албанија преминала од верски соживот кон сурово потиснување на сите вери.

Иако неговото презиме во превод значи религиозен лидер или учител, Хоџа ја претворил Албанија во првата официјална атеистичка земја во светот. Сите религиозни ритуали биле забранети. Десетици свештени лица од секоја од главните религии биле егзекутирани или загинале во логорите.

Илјадници цркви и џамии биле срамнети со земја, а државата го запленила имотот на верските групи. Само 77 верски објекти биле сочувани по основ на културно наследство, се вели во една листа отчукана на машина за пишување доставена во 1967 година од страна на тогашниот министер за култура до Централниот комитет на Партијата на трудот.

Или Гура, муфтијата од Тирана, кој потекнува од семејство кое има имами седум генерации по ред, се сеќава како тајната полиција „Сигурими“ го следела неговото семејство за време на комунизмот. Еден доушник од „Сигурими“ се криел во шталата во нивниот дом за да види дали се буделе пред изгрејсонце да јадат за време на Рамазан.

Клејер, авторката на книгата за потеклото на албанскиот национализам, вели дека долгорочно наследство од режимот на Хоџа било зголемување на секуларизацијата на албанското општество.

Сепак, и покрај својата бруталност, комунистичката диктатура не ја искоренила верата кај Албанците.

Истражувањето спроведено за еден академски проект од страна на компанијата за истражувања Ипсос во 2011 година покажало дека речиси 90 проценти од Албанците веруваат во Бога.

„Значи, ако некој ја користи ’верата’ во Бог ” како критериум, Албанија е една од најрелигиозните нации во Европа”, вели Сесил Ендресен, истражувачка од Универзитетот во Осло и авторка на книга за религијата и националниот идентитет во Албанија.

Извештај за „првите резултати од војната против религијата“ поднесен во 1967 од министерот за образование до Централниот комитет на Партијата за труд. Фотографијата е обезбедена од Адмирина Пеци

Извештај за „првите резултати од војната против религијата“ поднесен во 1967 од министерот за образование до Централниот комитет на Партијата за труд. Фотографијата е обезбедена од Адмирина Пеци

Меѓутоа, истата анкета покажала дека само околу седум проценти од Албанците присуствуваат на верски служби барем еднаш неделно.

Ендресен гледа јасна поделба во Албанија меѓу религијата, од една страна и политиката и државата, од друга страна, како една од причините зошто земјата не е разорена од верските конфликти.

Мешани бракови

Околу осум километри од градот Елбасан, Куќан е село во кое има многу вери и каде браковите меѓу муслиманите и православните христијани биле вообичаени.

Седејќи во нејзиниот бар, Ирена Сота, средовечна православна христијанка, вели дека нема проблеми во врска со фактот што нејзиниот син наскоро ќе се ожени за муслиманка.

„Ние не растевме со религијата”, вели таа, осврнувајќи се на долгиот атеистички период на комунизмот.

„На Велигден на училиште проверуваа дали рацете ни се обоени со црвено за да се откријат семејства кои сѐ уште го слават празникот”, се сеќава таа. Сота вели дека нејзиното семејство ги кршело обоените лушпи од јајца на мали парчиња и ги криеле во пепелта од оџакот.

Таа додава дека првенствено верува во Бога, а не во некоја посебна религиозна практика.

Сепак, Бујар Суломина, локален фотограф на свадби, се потсетува дека мешаните бракови не биле секогаш прифатени. Во времето на комунизмот, неговата тетка избегала од дома да се омажи за еден православен човек, бидејќи нејзиниот татко муслиман не се согласувал со бракот.

„Тоа биле венчавки со киднапирање”, вели тој, користејќи традиционални фрази за бегството.

Во денешно време, нема такви семејни драми.

Тетката кој се побунила против муслиманскиот татко потоа станала голем верник, па дури била на аџилак во Мека. Една од сестрите на Суломина е муслиманка, која се моли пет пати на ден. Мајка му и жена му преминале од ислам во Јеховини сведоци. Самиот Суломина има симпатии кон Јеховините сведоци, но не се чувствува дека припаѓа на било каква организирана религиозна група.

Серан Брахо, 84-годишен муслиман, вели дека е горд на меѓуверските бракови на неговите три сина со христијанки од истото село. Еден од неговите синови ги крстел децата во верата на нивната мајка во Грција, и го поканил имамот на ручек по церемонијата, оставајќи го грчкиот свештеник „многу збунет”.

Пријателот на Брахо, Трифон Ранџа, православен христијанин на возраст од 54 години, кој му се придружува на кафе и ракија во попладневните часови, вели оти една од неговите ќерки е во брак со муслиман и дека е среќен за неа. „Сите сме едно и имаме само еден Бог,” вели тој.

Серан Брахо, 84-годишен муслиман и неговиот пријател Трифон Ранџа, 54-годишен православен христијанин, во бар во селото Куќан. Фото: Владимир Карај

Серан Брахо, 84-годишен муслиман и неговиот пријател Трифон Ранџа, 54-годишен православен христијанин, во бар во селото Куќан. Фото: Владимир Карај

„Крипто-христијаните“ и Косово

За време на Отоманската империја, и Албанија и соседното Косово биле сведоци на појавата, која покажува колку комплексен може да биде верскиот идентитет во регионот. Некои луѓе, познати како „крипто-христијани”, се декларирале како муслимани, што им носело повластици како што се пониски даноци, но тајно продолжиле да ги почитуваат католичките обреди.

Во последниве години, некои членови на малата заедница крипто-католици на Косово се почувствувале доволно сигурни за повторно јавно да и се вратат на христијанската вера.

Угледот на Католичката црква во последно време се зголемила и тоа не само заради изградбата на високата катедрала во главниот град Приштина.

Но, свештеникот Алберт Јакај вели дека некои католици на Косово претпочитаат да ја чуваат својата вера во тајност.

„Можеби дури и нивните роднини не знаат дека палат свеќи и бојадисуваат јајца,“ вели Јакај, седејќи во ресторан во предградието на градот Призрен.

Тој верува дека главната причина зошто овие луѓе ја кријат својата вера е што се плашат дека муслиманските семејства нема да им дозволат на своите ќерки да се омажат за католици. Јакај објаснува дека Католичката црква ги има прифатено како свои верници и ја почитува нивната одлука.

„Тоа е нивниот начин на живот”, вели Јакај.

Алберт Јакај, Римокатолички свештеник од Косово, во предградието на Призрен. Фото: Владимир Карај

Алберт Јакај, Римокатолички свештеник од Косово, во предградието на Призрен. Фото: Владимир Карај

Алма Лама, претставничка на косовскиот парламент, смета дека во нејзината родна Албанија има поголема верска толеранција отколку на Косово, каде што живее од 1999 година.

Лама станала цел на кампањата на онлајн насилство против неа на Косово откако во 2013 година критикувала еден имам што ги нарекувал жените кои имале предбрачен секс „дека се како искористени лажици”, и други навредливи термини, велејќи им на своите следбеници да не се мажат за нив.

Религијата во Косово
Пописот во Косово од 2011 година покажал дека 95 отсто од жителите се муслимани, нешто повеќе од два проценти се Римокатолици и 1.5 проценти се православни христијани. Сепак, вистинскиот број на православни христијани е повисок, бидејќи српското малцинство на Косово, кое е претежно православно, го бојкотирало пописот.

Таа верува дека радикалниот ислам има плодна почва во Косово и дека властите прават многу малку за да го спречат тоа. Повеќе од 200 борци од Косово, наводно, се приклучиле на редовите на исламистичките милитанти во Сирија и Ирак.

Но и самата Лама била обвинета за верска нетрпеливост. Таа се вклучила во жестока јавна препирка со една исламска група млади, Форумот на млади муслимани, во врска со некои нејзини коментари за исламот, што резултирало во меѓусебни тужби за поттикнување верска омраза.

Во меѓувреме, Исламската заедница на Косово (ИЗК), која е одговорна за џамиите во земјата, вели дека прави сѐ што може за да ги спречи младите луѓе да станат радикални, и покрај ограничените ресурси.

Официјалниот претставник на ИЗК, Ахмет Садриу, исто така, нагласува дека радикализмот е светски проблем, и не е присутен само на Косово.

Иако се претставници на различни вери, Садриу и Јакај изјавуваат дека Албанците и во Албанија и на Косово имаат традиција на верски соживот со векови наназад.

„Сите сме браќа”, вели Јакај. Садриу изјавува дека „верските заедници на Косово, но и во Албанија, немаат проблеми едни со други – и никогаш немале”.

Меѓутоа, таа изјава, се разбира не се однесува на односите меѓу муслиманските Албанци и православните Срби на Косово, кои долго време се во конфликт.

Оваа година, Српската православна црква имала истакната улога во дипломатската кампањашто го спречи Косово да му се приклучи на УНЕСКО.

„Човекот на годината“ во Швајцарија

Мустафа Мемети, имам кој е етнички Албанец, работи напорно за да ја промовира верската толеранција на неколку илјади километри северозападно од Балканот, во Швајцарија.

Земјата има свои проблеми со радикалните муслимани, од кои многумина се со емигрантско потекло.

Мустафа Мемети, имам во швајцарскиот главен град Берн, ја предводи молитвата. Фото: Ваџит Мемети

Мустафа Мемети, имам во швајцарскиот главен град Берн, ја предводи молитвата. Фото: Ваџит Мемети

Повеќе од 70 луѓе ја напуштиле Швајцарија заради џихадистичка кауза од 2001 година, се вели во извештајот на швајцарската Сојузна разузнавачка служба од октомври 2015 година. Педесет и седум отишле во Ирак и Сирија, додека 14 отпатувале во Сомалија, Авганистан или Пакистан, соопшти агенцијата. Тринаесет од овие џихадисти се верува дека умреле.

Мемети, кој е по потекло од прешевската долина, во јужна Србија, бил прогласен за „Швајцарец на годината” од страна на весникот „Зонтагсцајтунг“, за неговото залагање против радикализмот и за учество во проектот „Куќа на религиите” во Берн, каде проповеда дека муслиманите може да коегзистираат со луѓето од други верувања под еден покрив.

Неговата џамија е една од осумте соби за различни вери во внатрешноста на една модерна, стаклена зграда. Мемети, кој станал швајцарски државјанин во 2005 година, вели дека луѓето од сите вери мора да бидат подготвени за компромис за да живеат заедно.

„Треба да отстапиме од нешто во нашата религија во корист на нашите соседи”, вели тој.

Тој предупредува на односот на официјалните муслимански заедници во Албанија, Косово и Македонија, за кои смета дека биле премногу попустливи кон конзервативните гранки на Исламот.

„Конзервативците нашле безбедно засолниште под капата на овие институции”, вели тој.

Тој изјавува дека работа на теолозите како него е „никогаш да не дозволат да се случи масакр во име на верата, Бог или идеологијата, бидејќи тие немаат ништо со Бога”.

Владимир Карај е уредник на албанскиот весник „Мапо“. Овој текст беше објавен како дел од Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, со поддршка од ERSTE Foundation иOpen Society Foundations во соработка со Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН)